Протести во Иран: Распуштање на полицијата за морал?
5 декември 2022Активистите во Иран повикаа на нови протести и штрајкови ширум земјата. Таканаречените протести 14-15-16 - бројките се датум во персискиот календарски месец Азар - се очекува да траат од денеска до среда и пред сѐ економски да го погодат исламскиот политички систем. Затоа и иранските граѓани беа повикани да избегнуваат пазарење во овие три дена за да се спречи каква било циркулација на пари во иранскиот банкарски систем. Според активистите, затворени треба да останат што повеќе продавници, особено во економските центри како пазарите во големите градови.
Пред тридневните протести, дебата во земјата предизвика изјавата на иранскиот државен обвинител за распуштање на полицијата за морал. задолжена за примена на строгите исламски правила за облекување, ќе биде укината.
Мохамед Јафар Монтазери, чии зборови допрва треба да ги потврдат останите државни служби, ја соопшти веста на религиозната конференција вчера. „Полицијата за морал немаше ништо со правосудните органи и е затворена таму каде што и е создадена“, рече тој.
Распуштањето на полицијата, од една страна, се толкува како етапна победа за женското движење во Иран. Од друга страна, набљудувачите се согласни дека овој чекор ќе биде бесмислен без укинување на законот за задолжително носење шамија за Иранките, кој е во сила повеќе од 40 години.
Монтазери еден ден претходно во иранскиот парламент рече дека ќе се разгледува и законот со кој е пропишано жените да мораат да носат шамија.
Протестите против строгите правила за облекување на жените распламтеа во Иран во среднината на септември откако во притвор почина 22-годишната Махса Амини, која иранската полиција за морал ја уапси поради тоа што наводно ѝ се гледала косата.
Нејзиното семејство тврди дека починала поради тоа што била претепана од полицијата, што властите го негираат.
Иако смртта на Махса Амини ги започна протестите, незадоволство постои и поради сиромаштијата, невработеноста, нееднаквоста, неправдата и корупција.