„Баш ме ‘заболе' за НАТО“. Така, во една прилика, поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја опиша својата позиција кон најголемиот светски воено-политички сојуз, и по многумина, најдобриот чувар на светскиот мир во моментов. Во САД претстојат избори за претседател во ноември годинава, на кои, сегашниот претседател Бајден, и поранешниот претседател Трамп, ќе се соочат, во еден вид реприза на претходните изборни листи. Судејќи по анкетите, постои реална можност Трамп да добие втор мандат во Белата куќа. Без оглед на тоа од која страна на политичкиот спектар припаѓаат, сите аналитичари се согласни дека изборот на Трамп на позиција претседател на САД, ќе значи фундаментална промена на досегашната внатрешна, но особено надворешна политика на најсилната земја во светот, која ќе има далекусежни последици во целиот свет, а особено во поширокиот регион на Источна Европа и Средниот Исток. Заради тоа, најголем дел од меѓународната заедница е во еден вид „трка до ноември“, обидувајќи се да се позиционираат себеси и своите интереси, пред ваквата потенцијално тектонска промена на глобалните геополитички текови. Овие репозиционирања и стратешки потези ќе влијаат на ситуацијата и во Македонија, но и во регионот.
Трансакциски политичар
Што ветува Трамп, ако биде избран? Неговите политики, од она за кое досега знаеме, се фокусирани на повеќе внатрешни реформи во САД: (1) укинување на статусот државен службеник за огромен дел од американската администрација, со кое тој вели ќе ја „демонтира“ длабоката држава, за која тврди дека го таргетира него со лажни судски процеси, (2) стопирање на приливот на бегалци и имигранти од поголемиот дел од дестинациите, но најмногу со Мексико, преку затворање на границата и правење државјанство на САД да биде многу потешко да се добие, (3) би наметнал царина за најголемиот дел од увозните стоки во САД, и истовремено би побарал да му се доделат на претседателот дискрециони права да воведе реципрочна царина со било која земја во светот, (4) би укинал голем дел од родовите права, како правото на абортус, би вовел закон со кој се дефинираат само два пола, и слично.
Но најважно за нас и за овој регион, Трамп тврди дека би го решил руско – украинскиот конфликт за еден ден, и со тоа би ја запрел помошта од САД за Украина. Понатаму, би побарал од сојузниците во НАТО да ги покријат трошоците на САД за воената помош во Европа (најмногу Украина), како и да плаќаат значително поголем дел за воените трошоци на Алијансата. Ако тоа не се случи, Трамп тврди дека или САД би се повлекле од НАТО, или би ја свеле својата улога на „пасивен набљудувач“ во рамки на сојузот. Токму оваа закана би предизвикала најголеми потреси во надворешната политика, но и последици за безбедноста и стабилноста на повеќе жаришта во светот, најмногу на точките на прекршување на сферите на влијание помеѓу НАТО и Русија, а тие се Украина и Балканот.
Најнапред, имајќи го предвид карактерот на Трамп како „трансакциски“ политичар, брзиот договор со Русија за прекин на војната во Украина најверојатно значи замрзнување на сегашната ситуација во еден вид Кипарско сценарио во Украина, како и договор на маса за поделба на сферите на влијание помеѓу НАТО и Русија. За Балканот, кој и досега беше ранлив во прекршувањето на својата геополитичка дестинација, ова значи уште поголема неизвесност, бидејќи пасивизирањето на САД, би го втурнало регионот во едно продолжено лимбо, во еден вид трајножаречка криза без епилог на повидок, или, уште повеќе, би го оставило без поддршка од САД, односно целосно отворен за хибридни закани и руско влијание.
(Не)решливи проблеми
Токму заради тоа, сметам дека во периодот до ноември 2024, ќе има повеќе притисок, од меѓународната заедница, особено ЕУ, а кон земјите на Балканот, онаму каде тоа околностите го дозволуваат, се разбира, стратешкиот правец кон ЕУ да се зацврсти и етаблира што појасно, што побрзо, во обид да се обезбеди некаква геополитичка стабилност на среден рок. За нас тоа значи повеќе паралелни проекти, од кои не сите ќе успеат, но сите ќе бидат со временски притисок, во една трка до ноември. Во таа насока се обидите да се обезбеди почеток на проговори со Босна и Херцеговина, нешто што засега не е сигурно имајќи ја предвид комплицираната позиција на Франција vis-à-vis проширувањето воопшто. Во истата насока се и, веќе не толку срамежливите, најави за одвојување на Македонија и Албанија, доколку ние не успееме да ги донесеме уставните измени во кус рок. Во основа, земјите во регионот ќе се поделат на две групи. Не, нема да има група без проблеми, такви земји на Балканот не постојат, но ќе има група на земји со решливи, и со засега нерешливи проблеми. Во првата најверојатно ќе влезат Албанија и Босна и Херцеговина. Косово и Србија се во групата земји кои имаат засега нерешливи проблеми – Србија поради неусогласената надворешна политика со ЕУ, а Косово заради нерешениот спор. Црна Гора е на пола пат – таму напредокот зависи од локалната политичка сцена и стабилноста на политичките елити. Македонија е исто така на пола пат – помеѓу отворање на поглавја, или враќање на статус кво до некои подобри времиња.
Значи, имајќи ја предвид ситуацијата, ќе повторам: ние не сме на перонот, па да се обидуваме да се качиме на последниот вагон кон ЕУ, туку возот е веќе заминат, а ние треба, со спринт трчање, како знаеме по пругата, фрлајќи ги сите наши илузии во по патот, да се фатиме евентуално на последната рачка на последниот вагон, кој е веќе во движење, и забрзано ни се оддалечува. Значи, треба помалку да зборуваме, а повеќе да трчаме. Познавајќи ги нашиве локални маријачи, најверојатно ќе го направиме токму спротивното.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.