„Тур Д' Франс“ никако да си го прочисти имиџот
11 јули 2013Едно зло е веројатно победено: најмасовниот облик на допинг од изминатите години- употребата на ЕПО (еритроцити) е конечно под контрола. За тоа во најголем дел треба да им се укаже благодарност на подобрените методи на контрола со кои се откриваат и најмалите траги од оваа супстанца.
Но, во меѓувреме на пазарот се појавија нови средства кои, иако не го зголемуваат количеството на еритроцити во крвта, сепак овозможуваат повеќе сила во мускулите. Препаратите како Аикар и GW1516 притоа помагаат и за побрзо разложување на масното ткиво.
„Во текот на тестовите врз животни беше утврдено дека GW1516 го зголемува бројот на митохондрии, 'електрани' во станиците. Тоа не значи дека автоматски се зголемува мускулната маса, но се зголемува ефективноста на мускулите“, вели Марио Тевис од Инститот за борба против допингот во Келн. Позитивно, за истражителите, е што оваа супстанца релативно лесно се открива.
Но, таков не е случајот со Аикар (Аика рибонуклеиди), бидејќи станува збор за супстанца која ја произведува и човечкиот организам.
„Тешко е да се докаже присуство на Аикар вбризган однадвор, а не како продукт на сопствениот организам“, вели Тевис. Аикар им падна в очи на контролорите во 2009 година на Тур Д' Франс во хотелот во кој престојуваше тимот на Астана, за кој тогаш настапуваа Ленс Армстронг и Алберто Контадор, беше пронајдена празна амбалажа од оваа супстанца. Тевис и неговата екипа од Келн тогаш со посебен метод успеале да докажат присуство на зголемено количество на Аикар, но нивниот метод до ден денешен не е прифатен како официјално средство за утврдување допинг. Тевис признава дека и од правна страна е тешко да се докаже присуството на Аикар.
Сомнежи
До каде одат сомнежите за допинг на Трката околу Франција покажува и случајот на Крис Фром, велосипедистот кој победи на ридската етапа Акс- Доменес годинава, и тоа со трето најдобро време во историјата, зад времињата на Ленс Армстронг и Јан Улрих, кои во меѓувреме станаа синоним за допинг во овој спорт. Според некои параметри кои ги состави францускиот научник Антоан Вајер, Фром со победата на оваа етапа опасно се приближил до сомнежите дека користи допинг. Тоа е уште показател дека Тур Д' Франс е многу далеку од прочистување на својот спортски имиџ во однос на користењето на недозволените средства.