Украина добива германски „Куни“, „Бредли“ од САД и „Патриот“
6 јануари 2023Германија и САД ќе почнат да и` испорачуваат на Украина воени оклопни транспортери. Ова во четвртокот вечерта во телефонски разговор го договорија германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џозеф Бајден, се вели во заедничкото соопштение издадено потоа.
„Патриот" против проектили и авиони
САД веќе на крајот од декември најавија дека на Украина ќе и испорачаат една батерија од системот за противвоздушна одбрана „Патриот“. Германската влада сега најави дека ќе и` стави на располагање на Украина уште една. Системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ е еден од најмодерните во светот и може да соборува авиони, балистички и крстосувачки ракети на оддалеченост од околу 100 километри и до висина од 30 километри. Користејќи радар, „Патриот“ прво ги класификува летечките објекти на небото во категорија „пријател“ – „непријател“. Во случај на закана, војниците во контролниот центар истрелуваат наведувани проектили кон опасноста. Истовремено може да се надгледуваат 50 можни цели, а активно да се нападнат до пет.
Бундесверот го има тој систем од 1989 година. Овој систем за противвоздушна одбрана првпат е користен за време на Заливската војна во 1991 година.
Германски „Куни" и американски „Бредли"
САД испраќаат тенкови од типот „Бредли“.Германија на Украина (конечно) и испраќа од своите оклопни возила од типот „Куна“ (Marder) кои пред повеќе од 50 години се развиени за германскиот Бундесвер. Ова оклопно возило со вграденото вооружување може да се бори против пешадија, борбени тенкови и оклопни возила. Неговиот термовизиски уред може да се користи и дење и ноќе во секакви временски услови. „Куните“ не се тешко вооружување како тенковите, но се користат во првата линија на фронтот и пружаат речиси иста заштита. Заштитени со оклоп, војниците може да пукаат од возило во борба. Не се знае колку од овие тенкови и кога ќе стасаат во Украина. „Шпигел“ пишува дека се работи за 40 „Куни“.
Ова се првите борбени оклопни транспортери од западно производство кои ги добива Украина. До сега источноевропските земји од НАТО во воената зона испорачуваа само борбени тенкови од советско производство. За разлика од тоа, Украина веќе доби противвоздушни, оклопни транспортери и спасувачки оклопни возила од западни производители.
Франција го проби мразот
Украина со месеци бара од своите западни сојузници, а особено од Германија, борбени тенкови и оклопни транспортери. Но, канцеларот Шолц во повеќе наврати нагласуваше дека Германија нема сама да дејствува по ова прашање и посочуваше дека ниту една друга НАТО земја нема испратено такви тенкови во Украина.
Промената на курсот беше навестена во средата, кога францускиот претседател Емануел Макрон му даде цврсто ветување на украинскиот претседател дека ќе му испрати тенкови за извидување со тешко вооружување. Истовремено американскиот претседател Бајден ја најави можноста да испратат американски оклопни борбени возила. Вицеканцеларот Роберт Хабек смета дека одлуката за испраќање на оклопни возила во Украина е добра: „Од почетокот на војната сè повеќе ја проширувавме поддршката за Украина и соработката со нашите партнери. Логично е и ние да го преземеме овој чекор,“ вели политичарот од Зелените. „Украина има право да се брани од рускиот напад, а ние сме должни да и` помогнеме,“ додаде тој.
Милијарди воена помош
Американците се сметаат за најважен сојузник во одбраната на Украина од руската инвазија. Од почетокот на мандатот на Бајден, од јануари 2021 година САД на Киев му дале речиси 22 милијарди долари воена помош.
Германија од почетокот на војната, 24 февруари на Украина и испорачала вооружување и воена опрема во вредност од 2,25 милијарди евра, вклучително и самоодни хаубици (тешка артилерија), противвоздушни тенкови „Гепард“ и систем за противвоздушна одбрана Ирис-Т кој може да заштити цел град.