Украина: Како да се преживее без струја и парно?
7 декември 2022Ако ги прашате Полина и нејзините пријатели, најдоброто време од годината само што почнува. Листата со желби упатена до Дедо Мраз е веќе напишана, а сега почна да паѓа и првиот снег. Речиси сите други деца и нивните родители го напуштија ова село на североисточниот дел на регионот Харков уште на почетокот на војната. Училиштето е затворено подолго време. Првиот снег оваа зима е добредојдена промена за децата.
Страв од паѓање на температурата
„Сега можеме да одиме на санкање и да правиме снежни топки“, воодушевено објаснува Полина. Десетгодишното девојче и нејзините пријатели го направија својот прв снешко. Успеаја дури и да му стават морков на носот. Временската прогноза покажува дека нивното мало уметничко дело веројатно нема да се стопи наскоро. За следните неколку дена се најавуваат температури до минус 12 Целзиусови степени.
Повеќето возрасни се загрижени поради ваквата временска прогноза. Како што се намалуваат температурите, расте загриженоста дека нема да ги преживеат следните неколку месеци. „Овде мразот секоја вечер е се посилен. Не сакам ни да размислувам каде може тоа да не однесе“, вели Ирина.
Оваа пензионерка живее на периферијата на малиот град Исјум во источна Украина, во типичен монтажен стан од советските денови. Шесткатницата постојано била погодувана од артилериски оган, а речиси сите соседи избегале. Ирина остана.
„Каде да одам? Ви треба автомобил и малку заштеда за да избегате“, објаснува тој. „Повеќето стари луѓе не можат така лесно да заминат. Освен тоа, кога нема никој наоколу, крадците сигурно ќе дојдат“.
Ирина последните пари ги вложила во нови прозорци, кои биле испукани поради експлозиите. Ги покрила и прозорците со дебели ќебиња. Во гранатирањето изминатите месеци беше уништено и парното греење на станбениот блок. Есента дојдоа волонтери и и донесоа на Ирина електричен радијатор за зимските месеци. Таа е благодарна за тоа до ден-денес - но и покрај тоа сè уште е често студено.
Русија веќе неколку недели ги интензивираше нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, а прекините на струја се вообичаени. „Едноставно, два дена немавме струја“, вели Ирина. Во такви ситуации има само еден избор: да се облече уште подебело, да го потроши последниот гас и да направи топол чај.
Старите лица не ги напуштаат домовите
Постарите луѓе се најмногу изложени на ризик од пад на температурата. Но, дури и ако имаат член на семејството кој би можел да ги однесе оттука, многумина не сакаат да ги напуштат своите домови и познатото опкружување.
Мајката на Оксана Мелник до пред неколку дена живееше во село од другата страна на линијата на фронтот, во источниот дел на Украина окупиран од Русите. Оксана со месеци ја повикуваше да го напушти селото. Таа ја предупреди на сè пожестоките борби и на доаѓањето на зимата. Но, седумдесетгодишната жена не попушти. „Мислеше дека некако ќе преживее, дека сѐ некако ќе помине“, вели Оксана. „Но, сите знаеме дека е далеку од завршено и дека војната ќе продолжи уште долго“.
Конечно, Оксана собра храброст и влезе во нејзината, повеќе од 40 години стара, Лада. Таа заедно со пријателка возеше по уништените патишта на единствениот коридор што ги поврзува областите под контрола на Украина и областите под руска окупација. Кога пристигна, конечно успеа да ја убеди мајка си да ги спакува куферите. „Постојано ѝ велев: се работи за твојот живот. Мора да се запрашаш што е повредно? Станот или автомобилот не се повредни од животот“.
Безбедност и топлина
На враќање, жените неколку пати заглавија во калта, ги запираа на бројни руски и украински контролни пунктови - а потоа им се расипа моторот на старата Лада. На крајот сепак стигнаа до хуманитарниот центар во Запорожје, кој беше изграден специјално за бегалците од териториите под руска окупација.
За жените ова е првото безбедно засолниште - и што е најважно, место каде конечно можат да се загреат. Оксана вели дека на почетокот не сакала да верува дека Русија целно ќе ја користи зимата против цивилното население. Но, тоа е она што се случува во моментов. „Само се молам Бог да им даде причина да престанат“, воздивнува таа. „Нека заминат во мир, мора да ја напуштат нашата земја за да престане крвопролевањето“.
Што ќе биде со нив понатаму, овие жени се уште не знаат. Сакаат да одат во Одеса, каде што Оксана има стан. И таму не е многу безбедно, како и на многу други места во Украина. Одеса моментално е редовна цел на воздушни напади. Но, барем зимските месеци во пристанишниот град на брегот на Црното Море не се толку студени како на истокот на земјата.